Свет
Данска нема поим кај ѝ се илјадници одбиени баратели на азил
Данската полиција не знае каде се наоѓаат многу од 2.835 одбиени баратели на азил, од кои некои сè уште можеби се во земјата, покажуваат документите на Националната полиција, во кои увид имало данското „Радио 24 сѕв“.
Овие лица може да се или во Данска, втора земја или на пат за дома. Националната полиција смета дека повеќето од лицата за кои немаат податоци ја напуштиле Данска во текот на трите години за кои вкупниот број се акумулирал, изјави Хелга Лунд Лаурсен, која раководи со Единицата за спроведување на законот за странски државјани.
„Мал број од одбиените баратели на азил, врз основа на нашето искуство, ќе се појави повторно на нивното претходно место на сместување. Полицијата исто така се соочува со делод нив при секојдневна патролна работа и во редовна соработка со даночните власти и службите за вработување“, рече Лаурсен.
Пратеничката Трин Брамсен, портпарол за правда кај опозициските социјалдемократи, повика на одговор во врска со извештајот.
„Тие лесно може да работат илегално во Данска и да го поткопаат данскиот пазар на труд или, во најлош случај, да бидат потенцијални терористи“, рече Брамсен.
Пратеничката на Социјалдемократската партија побара полицијата да ги засили напорите за лоцирање на поединците и рече дека побарала објаснување за ситуацијата од министерот за имиграција, Игер Стајберг.
Насер Кадер, портпарол за правда кај конзервативците, помала партија во коалиционата влада, рече дека пријавените бројки не го загрижуваат.
„Тешко е да се живее во Данска без документи за идентификација, па мислам дека има само мал број од овие луѓе сè уште во земјата. Но, ако има сознанија дека кој било од исчезнатите и одбиени баратели на азил се криминалци или екстремисти, апсолутно мислам дека треба да се вложат напори за нивно следење“, рече Кадер.
Освен 2.835 одбиени баратели на азил за кои не се знае каде се, полицијата нема сознанија ни за 2.729 лица, чии случаи сè уште не се решени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кремљ: Путин не сака да ја освои цела Украина и да го обнови Советскиот Сојуз
Кремљ соопшти дека американските разузнавачки агенции грешат ако веруваат дека рускиот претседател Владимир Путин сака да ја преземе цела Украина и делови од Европа што некогаш беа дел од поранешниот Советски Сојуз.
„Ројтерс“ минатата недела објави, повикувајќи се на шест неименувани извори, дека извештаите на американските разузнавачки агенции продолжуваат да предупредуваат дека Путин не се откажал од својата цел да ја освои цела Украина и да ги преземе деловите од Европа што некогаш беа дел од поранешниот советски блок.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им рече на новинарите дека Москва не знае колку се веродостојни изворите што ги цитира „Ројтерс“.
„Ако извештајот е точен, тогаш заклучоците на американските разузнавачки агенции се погрешни. Тоа апсолутно не е вистина“, рече Песков за заклучоците на разузнавачките агенции.
Путин испрати десетици илјади војници во Украина во февруари 2022 година, а руските сили сега контролираат околу една петтина од земјата. Некои европски и украински лидери го обвинија Путин дека има амбиции надвор од Украина.
Рускиот претседател никогаш јавно не изјавил дека сака да ја освои цела Украина, но постојано повторува дека руските сили ќе заземат поголем дел од Украина ако Киев не се согласи да го отстапи преостанатиот дел од Донбас во источна Украина, кој сè уште е под украинска контрола.
Москва го гледа проширувањето на НАТО кон исток, кое сега ги вклучува земјите од Источна Европа кои беа дел од советскиот блок по Втората светска војна, како закана за Русија.
Путин изјави дека не сака да го обнови Советскиот Сојуз или да нападне членка на НАТО. Овој месец тој рече дека Русија не сака војна со Европа, но дека ако Европа започне војна, Русија ќе биде подготвена.
Свет
„Од Украина до Молдавија, од Западен Балкан до Турција“: кои се приоритетите на претседавањето на Кипар со Европската Унија
Кипарскиот претседател Никос Христодулидис вчера во Лефкара ги претстави програмата и приоритетите на претседавањето на земјата со ЕУ од 1 јануари, како и логото и мотото на претседавањето.
Приоритетите на кипарското претседавање ќе бидат автономија преку безбедност, одбранбена подготвеност и спремност, автономија преку конкурентност, автономност и отвореност кон светот, автономна Унија на вредности која никого не остава на страна, како и долгорочен буџет на автономна Унија.
Во согласност со овие приоритети, мотото на кипарското претседавање „Автономна Унија. Отворена кон светот“, како што се наведува на официјалната веб-страница на кипарското претседавање со ЕУ, го одразува визионерскиот пристап кој ја комбинира внатрешната сила и независност со отвореност, соработка и глобален ангажман.
Во рамки на третиот приоритет – автономна и кон светот отворена Унија – се нагласува дека проширувањето на ЕУ е во центарот на овој процес, пренесе агенцијата „Бета“.
„Од Украина до Молдавија, од Западен Балкан до Турција, проширувањето е најмоќното геополитичко средство на ЕУ. Во суштина, станува збор за проширување на нејзиниот витален простор на безбедност, стабилност и можности“, се наведува.
Претставувајќи ги приоритетите, Христодулидис изјави дека Европа и во минатото се соочувала со сложени, па дури и егзистенцијални кризи и дека морала да одговори преку развој, додавајќи дека новина денес се интензитетот, плурализмот и комплексноста на предизвиците.
„Автономијата е следниот чекор во еволуцијата на проектот на европската интеграција. Потребна ни е Европа без поделби“, истакна кипарскиот претседател.
За време на своето второ претседавање со ЕУ, Кипар, како што е најавено, ќе дејствува како одговорен и чесен посредник и ќе соработува тесно со Европскиот парламент и Европската комисија, со цел предизвиците да се претворат во можности и да се обезбеди амбициите да бидат проследени со конкретни активности и опипливи резултати.
Со кипарското претседавање ќе заврши осумнаесетмесечниот програм на триото претседавања на Полска, Данска и Кипар.
На крајот на јуни следната година, Кипар ќе го предаде ротирачкото шестмесечно претседавање со Советот на Европската Унија на Ирска.
Фото: depositphotos
Свет
ЕУ ги продолжи санкциите кон Русија за уште шест месеци
Советот на ЕУ денес ги продолжи економските санкции против Русија поради нејзината агресија врз Украина за уште шест месеци.
Санкциите, кои се продолжени до 31 јули следната година, опфаќаат широк спектар на секторски мерки што вклучуваат ограничувања за трговија, финансии, енергетика, технологија и стоки со двојна намена, индустрија, транспорт и луксузни стоки.
Тие исто така вклучуваат забрана за увоз или транспорт на сурова нафта и одредени нафтени производи од Русија во ЕУ, суспензија на пристап до SWIFT за неколку руски банки и суспензија на емитување и лиценци во Европската Унија за неколку руски медиуми.
Мерките исто така ѝ овозможуваат на ЕУ да се спротивстави на заобиколувањето на санкциите. Санкциите со кои се замрзнуваат средствата на Руската централна банка беа продолжени со посебна одлука пред неколку дена до понатамошно известување и повеќе не мора да се обновуваат на секои шест месеци.
Покрај економските санкции, ЕУ воведе голем број мерки против Русија, како што се ограничувања на економските односи со Крим и со областите што не се контролирани од украинската влада во Донецк, Херсон, Луганск и Запорожје, како и мерки против физички и правни лица чии средства се замрзнати и патување во ЕУ.
фото/депозитфотос

