Македонија
Александра Зафировска преку нарачки широко ја отворила вратата за политичко влијание врз судството

Во шестиот посебен извештај на СЈО пишува дека јавно објавените телефонски разговори меѓу Александра Зафировска, тогашната претседателка на Судскиот совет на Република Македонија, со високи функционери во Владата, како и необјавените телефонски комуникации што ги поседува ова обвинителство укажуваат на тоа дека таа со своето постапување не само што не го оневозможила политичкото влијание во судството туку напротив, ширум ја отворила вратата овозможувајќи ѝ на тогашната владејачка политичка партија да ги земе во целост под своја контрола институциите на судскиот систем. Тоа го правела преку нарачани и договорени избори на судии, директно интервенирање во носење судски одлуки, корупција, реваншизам и воопшто со еден збор политизирање на сите сегменти на судската власт.
„Додека таа ја вршела функцијата претседател на Судскиoт совет била во постојана координација со извршната власт. Содржината на аудиоматеријалите несомнено упатува на заклучок дека тогашниот премиер на Владата не само што бил известуван и консултиран при носењето на најзначајните одлуки на Судскиот советтуку истиот имал клучна улога при изборот на судии и стручни соработници“, пишува во извештајот. СЈО констатира дека Александра Зафировска и во моментот е член на Судскиот совет и од неа се очекува како поединец да ја унапреди независноста и функционалноста на судството.
Во извештајот, СЈО го посочува и претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, како разговара со Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски, како и необјавени разговори на Вангеловски во 2011 и 2012 година кои покажуваат непрофесионално и несовесно извршување на функцијата претседател на Врховниот суд на Република Македонија.„Тој во повеќе наврати на свои соговорници им изнесувал информации од судските постапки што се водат пред Врховниот суд, интервенирал кај други судии за предметите и давал сугестии за постапувањето“, пишува во извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце откриени непријавени луксузни часовници вредни 38 илјади евра

Царинските службеници на граничниот премин со Србија, Табановце – Прешево, спречија обид на српски државјанин да криумчари во ранец два „Ролекс“ и еден „Омега“ часовник со вкупна вредност од 2,34 милиони денари или 38 илјади евра.
Против лицето е поднесена кривична пријава поради основано сомневање за сторено кривично дело – криумчарење.
Непријавените часовници, Rolex Submariner, Rolex Sky-Dweller и Omega Speedmaster, се пронајдени при детален преглед на возилото и патниците кои патувале со автомобил со српски регистарски таблички. Возачот, со намера да ја избегне царинската контрола, ги ставил часовниците во една мала кожна кутија, која ја сместил во неговиот црн ранец заедно со други предмети за лична употреба.
Запленетите производи се предадени на Основно јавно обвинителство Куманово.
Македонија
Герасимовски: Исчистивме и измивме околу контејнерите во Буњаковец и во Дебар Маало, продолжуваме во цел Центар

Општина Центар изутринава започна со интензивна акција за миење и чистење на просторот околу контејнерите во населбите Буњаковец и Дебар Маало, со цел подобрување на јавната хигиена и овозможување почиста и поздрава средина за центарци.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека чистите улици не се прашање само на изглед, туки и на здравје и квалитет на живот, а приоритет на општината е да биде место кадешто хигиената и редот се видливи на секој чекор.
„Секојдневно вложуваме напори да создадеме уредна и хигиенска средина во која граѓаните ќе се чувствуваат пријатно и безбедно. По завршување на чистењето на самите контејнери, општинските служби спроведуваат дополнителни активности за миење на површините околу нив, со што се спречува ширење на непријатни миризби и се намалува ризикот од појава на нечистотии и зараза. На овој начин обезбедуваме поголема хигиена на јавните простори и го унапредуваме квалитетот на живот на граѓаните. Нашата цел е Центар да биде пример за чиста и уредена општина, бидејќи секој граѓанин заслужува да живее во здраво и уредено опкружување. Преку овие активности го подигнуваме како нивото на јавната хигиена, така и свеста кај граѓаните“, вели Герасимовски.
Акцијата продолжува и во текот на утрешниот ден во други две населби во Центар.
Македонија
Николоски се сретна со унгарскиот министер за национална економија: Регионалните проекти во инфраструктурата и транспортот се заеднички приоритет за двете држави

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во рамки на посетата на Унгарија, денеска оствари средба со министерот за национална економија на Унгарија, Мартон Наѓ.
На средбата се разговараше за движечките проекти на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, планираниот економски раст, нови инвестиции и актуелни политики.
Исто така се разговараше и за економските политики на Владата на Унгарија и нивниот план за раст како и можностите за уште позасилена економска соработка помеѓу двете држави.
Регионалните проекти во инфраструктурата и транспортот се заеднички приоритет на Македонија и Унгарија, како услов за забрзан економски раст и подобра поврзаност во регионот. Договорот Влада со Влада кој се потпиша помеѓу Македонија и Унгарија исто така носи големи придобивки за граѓаните на двете земји, потврдија двајцата министри.
Односите меѓу двете земји се на одлично ниво и истите ќе се интензивираат во делот на економијата и инвестициите.
Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, од вчера е во посета на Будимпешта и присуствува на прославата на Националниот ден на Унгарија.