Македонија
(Видео) Министрите Рот и Димитров пред празен Антички театар зборуваа за референдумот

Референдумската кампања на Владата денеска продолжи со дебата во Античкиот театар во Охрид, но пред празни трибини. Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, министерот за Европа при германското МНР, Михаел Рот, и заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, говореа пред 20-ина лица.
Меѓу присутните седнати во публиката беа и пет лица вработени во општинската администрација заедно со градоначалникот Јован Стојаноски, но и вработени во Министерството за животна средина. Освен нив, на трибините во Античкиот театар беа и истакнати членови на СДСМ Охрид. Настанот беше најавен како дебата со младите, но присутните беа главно возрасни граѓани.
Илија Пиперкоски, шеф на кабинетот на градоначалникот на Охрид, Хавза Реџеп, вработена во Општината, Влатко Врагоски, Мила Василева и Наташа Смилеска од одделението за односи со јавност, заедно со Дејан Паноски од Министерството за животна средина во подрачната единица во Охрид, беа дел од публиката што ги слушаше говорите на министерите.
На трибината Михаил Рот од германското МНР изјави дека Македонија испишува историја не само национална туку и европска. Тој вели дека ги охрабрува граѓаните да ја прифатат историската шанса и да го поддржат договорот со Грција.
„Сакаме да го олесниме начинот на кој вашите граѓани може да дојдат и да работат во Германија, но сепак за тоа постои режим воспоставен во рамките на ЕУ и шенгенската зона“, изјави Рот.
На повикот за гласање на референдумот се надоврза и министерот Никола Димитров, кој повтори дека се зачувува македонскиот јазик, но и дека Заев во Европскиот парламент зборувал на мајчиниот јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Незгода на патниот правец Македонска Каменица – Делчево, сообраќајот во целосен прекин

Денеска, околу 11:25 часот, на патниот правец Македонска Каменица – Делчево се случи сообраќајна незгода, извести АМСМ.
Поради незгодата, сообраќајот е во целосен прекин.
Македонија
Герасимовски: Училиштето „Св. Кирил и Методиј“ добива фотоволтаични панели, инвестираме во зелена енергија

Општина Центар и годинава вложува во модернизација на училишната инфраструктура, за децата новата учебна година да ја започнат во современи и безбедни услови. Градоначалникот Горан Герасимовски, го посети Општинското основно училиште „Св. Кирил и Методиј“, каде што треба да започнат тековните подготовки за поставување на фотоволтаични панели. Со нивното инсталирање, училиштето ќе направи значителен чекор кон користење на обновливи извори на енергија и придонес кон заштита на животната средина, известува Општината.
„Наш приоритет се учениците и наставниците, затоа инвестираме во нивниот секојдневен престој во училиште. Реконструкциите што ги правиме изминатиов период во центарските училишта се насочени кон создавање услови достојни за современо образование. Во моментов реконструираме три училишта паралелно и сите деца ќе ја започнат новата учебна година во модерни и функционални училишни објекти. Среќен сум што во наредниот период, ООУ „Св. Кирил и Методиј“ ќе почне со поставување на фотоволтаични панели, со што ќе направиме значителен чекор кон користење на обновливи извори на енергија и заштита на животната средина“ истакна градоначалникот Герасимовски.
Со овие вложувања, Општината продолжува да ја унапредува образовната инфраструктура и да создава училишта кои обезбедуваат квалитетна, здрава и безбедна средина за воспитно-образовниот процес.
Македонија
ФЗО: Вo изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни операции

Во изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни медицински интервенции, а по сопствен наод Фондот има извршено девет контроли за приватно наплатени средства, велат од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) по тврдењата изнесени во јавноста дека во приватните болници се прават непотребни операции за профит.
„Фондот ја истакнува важноста на придржувањето кон професионалните стандарди, медицинската етика и принципите на медицина заснована на докази, кои претставуваат темел на здравствениот систем. Во рамките на своите законски надлежности, ФЗО врши редовни контроли на спроведувањето на договорните обврски со јавните и со приватните здравствени установи со цел да обезбеди здравствените услуги да се изведуваат во согласност со законските прописи и склучените договори. Во сите установи се вршат редовни годишни контроли, а Фондот постапува и по поднесени претставки на пациенти или по сопствен наод“, велат од Фондот.
Од таму наведуваат дека, сепак, ФЗО нема законска надлежност да ја оценува медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да врши инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи.
Појаснуваат дека овие надлежности се во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат или на специјални комисии формирани од министерот за здравство.
„Фондот во рамките на своите овластувања ќе продолжи да работи на спречување евентуални неправилности во користењето на финансиските средства. ФЗО апелира до сите фактори во здравствениот систем, како и до јавноста, за одмерена и аргументирана комуникација заснована на проверливи факти, со цел зачувување на довербата во здравствениот систем и избегнување генерализации, што може да предизвикаат сензационализам“, велат од ФЗО.