Македонија
Судијката Светлана Костова во исто време ем била судијка ем работела во УБК
Од СЈО, во посебниот шестмечесен извештај посветен на несоодветното постапување на судиите, информираат дека Светлана Костова, која беше избрана за судијка во Вишиот управен суд, паралелно неколку месеци работела и во тајната полиција. Според СЈО, доказите со кои располагаат, особено смс-комуникацијата и телефонските разговори на Светлана Костова во периодот од 2011 година, на повеќе теми и со повеќе лица, го наметнуваат прашањето за инкомпатибилност на судиската функција со вршење на друга јавна функција, работа или дејност.
„Според нејзината професионална биографија објавена на Судскиот портал на Вишиот управен суд на Република Македонија, во периодот од 2005 година па сѐ до нејзиното заминување во 2011 година Светлана Костова е на позиција началник на Сектор за менаџмент и едукација во Управата за безбедност и контраразузнавање. Во периодот од избор за судија во Виш управен суд во март 2011 година, па сѐ до стапувањето на функција на 1.07.2011 година, според податоците од Агенцијата за вработување на Република Македонија, Костова продолжува со работа во Министерството за внатрешни работи“, пишуваат обвинителите.
Во извештајот на Обивнителството се додава дека телефонски комуникации на Костова во месец септември и октомври 2011 година, односно два до три месеци по нејзиното стапување на функцијата судија на Виш управен суд, покажуваат дека таа продолжила активно да учествува во дневните обврски на Управата за безбедност и контраразузнавање околу организирање и посредување при состаноци и преземање на други работни задачи што спаѓаат во делокругот на секојдневното работење на УБК.
„Фактот дека Светлана Костова паралелно извршувала работни задачи и како судија и во Управата за безбедност и контраразузнавање несомнено го доведува во прашање како нејзиниот личен интегритет, така и институционалната независност на судиската функција“, пишува во извештајот.
Во посебниот извештај се посочува дека обвинителството поседува аудиоматеријали од телефонски разговори, како и смс-комуникација на судијката Софија Лаличиќ од Основниот суд Скопје 1. Според обвинителството, снимките не само што зборуваат за нејзиниот нелегитимен избор за судија туку зборуваат и за непостоењето на личен интегритет и кредибилитет како основен предуслов за вршење на судиската функција. „Од содржината на поголем број телефонски разговори остварени пред изборот за судија на Софија Лаличиќ произлегува дека повеќе од една година пред да биде избрана за судија ѝ била ветена судиска функција“, пишуваат обвинителите.
Во извештајот пишува дека изборот на Лаличиќ за судија бил одамна планиран и однапред договорен, а во нејзиното незаконско избирање за судија биле инволвирани одредени членови од Судскиот совет, високи функционери од извршната и судската власт, а со особен придонес на тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Интервјуирањето на кандидатите пријавени на конкурсот за избор на судии го спроведувале две комисии. Знаејќи дека одредени членови од Судскиот совет се повикуваат на состаноците на кои функционери на извршната и судската власт договарале кој ќе биде избран за судија, Софија Лаличиќ неслучајно одбрала да влезе на интервју пред комисијата во чиј состав биле некои од тие членови.
„Договорен бил и начинот на кој таа ќе биде предложена за избор, како и едногласното прифаќање на тој предлог, при што особено се внимавало да не биде очигледно од кои причини истата била фаворизирана пред другите кандидати. Внимателно бил одбран дури и моментот на која седница на Судскиот совет ќе биде извршен изборот, така што било договорено тоа да биде на седница на која ќе се бираат кандидати од два одделни конкурси за судии“, пишува во извештајот.
Аудиоснимки од телефонски разговори остварени непосредно по изборот на Лаличиќ за судија во Основен суд Скопје 1 Скопје го покажуваат нејзиното стравување дека одредени медиуми ќе пишуваат за начинот на кој била избрана за судија.
Во извештајот на СЈО пишува за конекциите на Лаличиќ со извршната власт кои не завршуваат со изборот за судија, туку напротив уште повеќе се интензивираат во насока која претставува флагрантна повреда на независноста на судството и злоупотреба на угледот на судиската функција.
„Задоволување на приватни интереси и интереси на нејзини блиски луѓе, интервенции и ургенции од секаков карактер, споделување информации и сознанија до кои дошла при вршење на функцијата за цели кои не биле поврзани со судиските должности, запознавање на трети лица со внатрешните состојби и односи во судот во кој вршела должност, недостоинствено однесување во личните и социјални односи и дозволување истите да влијаат на несоодветен начин во нејзиното однесување при вршење на функцијата се само дел од начините на кои била користена моќта што ја носи судиската функција“, пишува во извештајот.
„За судијката Лаличиќ судиската функција значела сѐ освен тоа што е нејзиното вистинско значење – привилегија да се служи на заедницата преку улогата на делење на правдата согласно со законите и еднаквоста на сите граѓани вклучително и себеси пред Уставот и законите во Република Македонија“, констатира СЈО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

