Свет
Поранешниот шеф на кампањата на Трамп ќе признае вина во истрагата за соработка со Русија
Пол Манафорт, поранешниот шеф на предизборната кампања на претседателот на САД, Доналд Трамп, според судски документи, се согласил да ја признае вината по две точки од обвинението на специјалниот обвинител Роберт Мулер, што би било нов удар за Трамп во долгата истрага за руското влијание врз претседателските избори во САД од 2016 година.
Во рамки на договорот, 69-годишниот Манафорт би можел да се обврзе да соработува во истрагата на Мулер, за улогата на Русија во изборите, во однос на тоа дали штабот на Трамп бил во дослух со Русите за време на кампањата.
Според документи од судот во Вашингтон, Манафорт ќе се изјасни за виновен по една точка од обвинението за заговор против САД и една точка од обвинението за заговор поради попречување на правдата. Во новото судско обвинение додадени се пет дополнителни точки.
Судот во Вирџинија минатиот месец го осуди Манафорт за банкарски и даночни измами.
Одлуката на Манафорт би можела да биде голем удар за Трамп, кој минатиот месец го пофали својот поранешен помошник, бидејќи тој не се договори со обвинителите како наговиот поранешен адвокат, Мајкл Коен.
Трамп на 22 август на „Твитер“ напиша: „За разлика од Мајкл Коен, тој одби да изнесе измислени приказни за да се договори. Голема почит за овој храбар човек“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп го ограничи бројот на бегалци во САД на 7.500 за наредната година
Американскиот претседател Доналд Трамп го постави годишниот лимит за прием на бегалци на 7.500 лица за фискалната 2026 година, што претставува најниско ниво досега.
Одлуката е дел од поширока промена на политиката кон бегалците, при што Трамп најави дека приоритет ќе имаат Јужноафриканци од белата етничка заедница Африканери, тврдејќи дека се соочуваат со расен прогон — тврдење што властите во Јужна Африка го негираа.
Трамп претходно го паузираше приемот на бегалци, наведувајќи дека ќе продолжи само ако тоа е „во најдобар интерес на САД“. До септември годинава, во земјата пристигнале само 138 Јужноафриканци.
Во документот објавен денес, Белата куќа најави дека ќе се разгледува прием и на други жртви на „незаконска или неправедна дискриминација“, а интерен владин извештај сугерира дека приоритет би можел да се даде и на Европејци кои биле мета поради ставови против масовна миграција или поддршка на популистички партии.
Покрај тоа, администрацијата најави дека надзорот над програмите за бегалци ќе се префрли од Стејт департментот на Министерството за здравство и социјални услуги.
Свет
Маж од Флорида осуден за убиство на трудна девојка која одбила да абортира
Судoт во Флорида го прогласи 23-годишниот Донован Фејсон за виновен за убиство на неговата 18-годишна девојка Кајлин Фиенго, која одбила да абортира, пренесе „Унилад“.
Злосторството се случило во ноември 2022 година, кога Фејсон ја намамил Кајлин во парк и ја застрелал во глава. Нејзиното тело било пронајдено во автомобил од полициски службеник за време на рутинска патрола, а покрај неа била најдена и слика од ултразвук.
Истрагата открила пораки во кои Фејсон ја притискал да абортира. Во една од нив ѝ напишал: „Абортирај!!!“, а пред убиството му испратил порака на пријател: „Се колнам во гробот на брат ми, ќе се решам од неа.“
Тужителите навеле дека Фејсон бил лут и под притисок бидејќи живеел со друга жена која дознала за аферата.
Поротата го прогласи за виновен на 27 октомври, а му се заканува смртна казна. Семејството на жртвата изјави дека пресудата „не ја враќа Кајлин, но барем ќе спречи да им наштети на други“.
Свет
Хамас предаде тела, Израел порачува: „Борбата за нашите заложници не запира“
Израел ги презеде телата на двајца заложници кои ги држел Хамас во Газа, пренесе ЦНН. Посмртните останки биле предадени преку Црвениот крст и пренесени на идентификација во израелскиот форензички институт.
Од кабинетот на израелскиот премиер соопштија дека „напорите за враќање на сите заложници продолжуваат и нема да престанат додека не се вратат сите“.
Примопредавањето се случува два дена по израелските воздушни напади во Газа, во кои, според палестинското министерство за здравство, загинале повеќе од 100 лица. И покрај ескалацијата, и Израел и Хамас изјавиле дека остануваат посветени на прекинот на огнот посредуван од САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека „ништо нема да го загрози примирјето“ и се закани дека ќе го „елиминира Хамас“.
Последното примопредавање, според медиумите, поминало без компликации, за разлика од претходните случаи кога Хамас ја повлекуваше одлуката за предавање поради израелски напади.

