Регион
Вучиќ: Им се извинувам на граѓаните за мојата глупава изјава
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, им се извини на граѓаните на Србија, за, како што рече, неговата глупава изјава дадена на прес-конференција што се одржа вчера.
Говорејќи за трагедијата на градилиштето на „Белград на вода“ во која загинаа двајца работници, Вучиќ спомена дека во САД на секои 10 секунди гине по еден перач на прозори.
„Морам да им се извинам на граѓаните за глупоста што ја изговорив, за грешката што ја направив. Многумина едвај ја дочекаа, не можеа да кажат ништо за суштината на тоа што го реков. Зборувајќи за несреќите во градежниот сектор реков дека на секои десет секунди гине по еден перач на прозори во САД. Тоа е преземено од некоја комична веб-страница“, рече Вучиќ. Доде и дека неговите соработници не се виновни како што многумина велеле.
„Јас сум виновен, да размислував, да не бев уморен, би сфатил веднаш. Морам да ги пофалам моите советници. Тоа што испаднав глупав, што да правам“, рече Вучиќ.
Податокот што тој го изнел бил преземен од сатиричната веб-страница „Онион“.
„Што се однесува на обвинувањата на сметка на државата сакам на граѓаните да им прочитам некои податоци иако не мислев да зборувам за тоа. Знаете ли дека во Америка на секои десет секунди, повторувам на секои десет секунди, гине по еден перач на прозори. На секои десет секунди“, рече Вучиќ вчера.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

