Економија
Објавен тендер за избор на универзален снабдувач со електрична енергија

Денеска на електронскиот систем за јавни набавки објавен е јавниот оглас и тендерската документација за избор на универзален снабдувач со електрична енергија, а на истиот заинтересираните компании ќе може да аплицираат до 3 декември 2018 година, соопштија вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓуше,в и министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција во Владата.
Анѓушев изјави дека на овој јавен оглас право за аплицирање имаат сите компании што имаат лиценца за снабдување со електрична енергија, 28 во моментов, кои би можеле да соработуваат и со странски компании за да аплицираат на повикот.
„Дополнителни критериуми кои компаниите треба да ги исполнат е да прикажат работен капитал од 20 милиони евра, да имаат искуство во дејноста, да располагаат со систем за фактурирање и наплата, а еден од главните услови за избор е и маржата која компаниите ќе ја прикажат во понудата. Тој кој ќе прикаже најмала маржа и ги исполнува другите основни критериуми ќе биде избран како универзален снабдувач на електрична енергија“, нагласи Анѓушев.
Со универзалниот снабдувач се обезбедува стабилност во снабдувањето со електрична енергија и се намалуваат ризиците од ценовни шокови за крајните корисници. Универзалниот снабдувач ќе биде избран за период од 5 години, а на овој начин се граѓаните се заштитуваат од ценовни шокови до 2025 година.
„Со стариот Закон за енергетика, крајните корисници беа заштитени од ценовни шокови до 2020 година, сега со донесувањето на новиот Закон и воведувањето на универзален снабдувач, стабилноста во снабдувањето и цените за истите ќе бидат обезбедени до 2025 година. Владата преку домаќинското работење на ЕЛЕМ ќе го обезбеди ова, односно ЕЛЕМ е задолжен да понуди 80% од своето производство за потребите на универзалниот снабдувач во 2019 година, секоја година понудената количина ќе се намалува, што значи дека во 2025 година 30% од своето производството ЕЛЕМ ќе има обврска да понуди за потребите на универзалниот снабдувач“, појасни Анѓушев.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, потенцираше дека со новиот Закон за енергетика за првпат се дава можност на микро, малите и средни компании, односно компаниите кои се сметаат за помали тарифни потрошувачи, да излезат на слободниот пазар за електрична енергија и на тој начин да ги намалат своите фиксни трошоци.
„Со воведување на новиот Закон за енергетика се добива повисока конкурентност, односно сега може да очекуваме компаниите кои се занимаат со снабдување со електрична енергија да се борат за нови клиенти, што е во интерес на потрошувачите. За снабдување на домаќинствата, во моментов, доволно е од 40%-50% од вкупното производство на државните електрани. Всушност, преку домаќинското работење на ЕЛЕМ, каде државата ја дефинира цената за производство на електрична енергија, до 2025 година им се гарантираме сигурност на сите кои ќе ги користат услугите на универзалниот снабдувач“, посочи Бектеши.
Изборот на универзален снабдувач ќе се одвива преку електронска аукција, се очекува да биде избран до крајот на 2018 година, а да почне со работа веќе во март 2019 година, согласно законски пропишаните рокови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Нови цени на горивата

Од ноќеска на полноќ, бензините поевтинуваат за половина денар, а дизелот за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит, и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 74,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 76,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ 1), се намалуваат за 1,00 ден лит и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 67,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) изнесува 67,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,143 ден/кг, и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 38,643 ден/кг.
Економија
Муцунски: Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд-инвестиции

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димоски, денеска одржаа тематска прес-конференција, на која говореа за последниот извештај на „Фајненшл Тајмс“ – fDi Intelligence, според кој Северна Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП.
„Денес споделуваме резултати што се видливи и недвосмислени. Според најновиот извештај на ‘Фајненшл Тајмс’ – fDi Intelligence, нашата земја е меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП. Докажуваме дека сме мала земја која умее да постигне големи резултати“, истакна министерот Муцунски.
Тој појасни дека гринфилд инвестициите значат нови фабрики, капацитети и нови работни места, додавајќи дека овој индекс покажува оти државата привлекува повеќе нов капитал отколку што би се очекувало за нејзината економска тежина – дека остварените резултати во делот на странските инвестиции се над нашата категорија.
„Тоа е порака до инвеститорите и граѓаните: тука вреди да се инвестира, да се гради, да се остане. Тоа е јасен сигнал дека енергетската транзиција и индустрискиот раст се во фаза на реализација – не само план или парола. И да бидеме јасни: ова признание не е случајно. Градиме предвидливост. Ние сме кредибилна членка на НАТО. Се поврзуваме со европските коридори. Испраќаме порака дека нашата држава е сигурен и достоинствен партнер“, додаде министерот Муцунски.
На прес-конференцијата тој истакна и дека граѓаните очекуваат чесна држава и јасни правила, подобро платени работни места и пониски трошоци. Во таа насока, нагласи дека целта не е постигната и дека Владата го забрзува чекорот:
„Денес не велиме ‘целта е постигната’. Денес го забрзуваме чекорот. Поедноставуваме постапки, кратиме рокови, ги поврзуваме домашните компании со странските инвеститори, вложуваме во вештини за младите. И, најважно – создаваме систем во кој никој не е над законот, затоа што довербата е нашата најсилна валута за раст“, заклучи министерот.
Директорот Димоски, пред медиумите, истакна дека денешниот успех претставува признание за стратегијата, пристапот и политиките што ги спроведува Владата во областа на привлекувањето странски директни инвестиции, каде клучни приоритети се економскиот раст, креирањето нови работни места и привлекувањето инвестиции со висока додадена вредност за македонската економија.
„После само една година посветена и напорна работа, сведоци сме дека, според последниот извештај кој веќе десет години го подготвува ‘fDi Intelligence’, специјален истражувачки оддел на ‘Фајненшл Тајмс’, Македонија е рангирана на шестото место во светот во привлекувањето на странски инвестиции во однос на бруто домашниот производ“, истакна Димоски.
Тој потенцираше дека крајната цел е структурна промена во начинот на привлекување инвестиции – со фокус на квалитет и додадена вредност, наспроти квантитет и обем на проекти – што е суштинската разлика која ја издвојува нашата земја од многу други економии во минатото, но и моментално во регионот.
Економија
Мицкоски: Македонија е шеста држава во привлекување странски инвестиции по БДП

Ќе бидам прецизен за да не бидам погрешно разбран, зборувавме дека сме четврта економија во Европа. За жал се уште постојат такви кои на брутален начин лешинарски се обидуваат да дефокусираат, многу јасно и прецизно рековме тогаш дека станува збор за четврти најголем раст на БДП во Европа. Така и ова ние сме шеста држава по бројот, обемот и волуменот на странски инвестиции во светот според БДП, значи да бидеме прецизни, да не оставиме на овој тип на луѓе да го дефокусираат и ова, вели премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски додаде дека според Светската туристичка организација на ОН, Македонија е шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година.
„И исто така треба да кажеме дека Обединетите Нации секторот туризам објавуваше дека сме шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година. Тоа се параметри кои се добри и значајни. Дали тоа ќе се почувствува кај стандардот кај граѓаните, јас сум убеден дека тоа се случува, можеби доаѓа споро, но во периодот кој што следи ќе биде уште по изразено. Имајќи предвид дека без да имаме интервенционизам, популизам и без да имаме начин на кој што порано се зголемуваше просечната плата, ние го имаме истиот раст од 11, 12 и 13 проценти, што значи дека стандардот полека но сигурно доаѓа на свое место“, истакна тој.
„Примарна наша цел беше да се консолидираме како држава, ценам дека сме во таа состојба на консолидирање и сега е времето да се почне со раст, односно да се почувствува сето она за кое што денеска зборуваме. Затоа велам ако ние имаме раст на платите од 11, 12, 13 проценти на месечно ниво, а инфлација условно кажано во просек од 4 проценти, тогаш нето имаме зголемување од 7 проценти. Каква беше состојбата пред година ипол, две: Тогаш имавме просечна инфлација од 15,18, 20 проценти, и раст на платите кое што беше под нивото на инфлација, што значи дека стандардот беше во негатива, односно во минус, за разлика од сега кој е во позитива“, посочи премиерот Мицкоски.