Македонија
Иванов се сретна со италијанската министерка за одбрана, Елизабета Трента
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ја прими Елизабета Трента, министер за одбрана на Република Италија.
На средбата беше разговарано за билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Италија, за соработката во областа на одбраната и безбедноста, како и за состојбите поврзани со интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.
Претседателот Иванов истакна дека македонското интегрирање во евро-атлантските структури ќе придонесе за стабилност, просперитет и отвореност на целиот регион, притоа нагласувајќи ја важноста за продолжување на италијанската поддршка во однос на нашето членство во ЕУ и НАТО.
Македонскиот претседател истакна дека Армијата на Република Македонија со својата посветеност, професионалност и високорангирана борбена подготвеност е докажан сојузник на армиите на земјите членки на НАТО и континуирано придонесува во заедничките меѓународни мировни мисии на алијансата.
Претседателот Иванов се осврна и на последиците од мигрантската криза, која, како што потенцира, претставува сериозен предизвик и фактор за голема загриженост не само за нашиот регион туку и за целиот европски континент потенцирајќи дека е потребна координирана соработка во сферите на одбраната и внатрешните работи.
„Соработката меѓу Република Македонија и Република Италија во сферата на заедничката безбедност особено зајакна за време на мигрантската криза и неопходно е таа да се интензивира со цел превентивно дејствување“, порача претседателот Иванов на средбата со министерот за одбрана на Република Италија.
Во тој контекст двајцата соговорници разменија мислења и за состојбите со миграциските текови на Медитеранот, Блискиот Исток и Северна Африка, за нивното влијание врз континентот Европа и регионот на Балканот, како и за поведување иницијатива за заедничко учество на АРМ во воените мисии.
На средбата беше заемно констатирано дека односите меѓу двете земји се традиционално пријателски, со висок степен на разбирање и доверба, и беше изразена заедничката определба за унапредување и интензивирање на политичкиот дијалог и понатамошно динамизирање на билатералната соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: СДСМ ќе побара намалување на цените на патарините
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, најави дека СДСМ во наредниот период ќе предложи повеќе законски решенија за помош на граѓаните, меѓу кои ќе има и законско решение за намалување на цените на патарините, како дел од поширок пакет мерки за олеснување на трошоците на граѓаните.
„Во следните недели ќе излеземе со предлог на повеќе закони согласно нашите вредносни политики од повеќе области, со што во еден од законите ќе побараме и намалување на цените на патарините, како уште еден механизам да им се излезе во пресрет на граѓаните“, рече Филипче.
Филипче оцени дека цените на патарините во земјава се неразумно високи и не се споредливи со оние во регионот и Европа.
„Вакви цени на патарини во државава нема никаде, ниту во регионот, ниту во Европа. Во високо развиените европски земји годишно се плаќа цена на патарина, користење на патиштата ширум државата толку колку што кај нас чини едно движење од тука до некој од граничните премини, до Гевгелија на пример“, рече Филипче.
Македонија
Божиновска – Колумбија: Продлабочување на соработката за зелена транзиција и јакнење на жените и младите
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со Рита Колумбија, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија.
На средбата беше разговарано за унапредување на соработката во рамки на Рамката за соработка меѓу Северна Македонија и Обединетите нации за одржлив развој 2026–2030, со посебен фокус на приоритетите поврзани со енергетската транзиција, климатската акција, заштитата на животната средина и одржливото управување со природните ресурси.
Посебно внимание беше посветено на Стратешкиот приоритет „Отпорно и зелено општество и екосистеми“, кој предвидува јакнење на институционалните капацитети, унапредување на климатската отпорност, намалување на ризиците од катастрофи и промоција на чиста и одржлива енергија.
Министерката Божиновска истакна дека Министерството останува силно посветено на исполнување на националните и меѓународните обврски во рамкии на енергетската транзиција и праведниот развој, нагласувајќи ја важноста од партнерството со меѓународните организации како клучен поддржувач на реформските процеси.
Во рамки на средбата беше нагласена и досегашната активна соработка меѓу двете институции и заедничките активности на министерката Божиновска и постојаната координаторка на Обединетите нации, Колумбија, во насока на јакнење на улогата на жените и младите во креирањето политики и лидерството во енергетскиот сектор.
Двете соговорнички се согласија дека инспирирањето и охрабрувањето на младите и жените да бидат двигатели на промените претставува основа за одржлив развој.Дополнително, беше разговарано за можностите за реализација на нови заеднички проекти и иницијативи и во иднина.
Македонија
Објавен јавен повик за субвенции за чистење на оџаци во Општина Гази Баба
Објавен е јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за чистење на оџаците во своите домаќинства, објави градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Загадениот воздух е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме. Со редовно чистење на оџаците се овозможува подобро согорување на огревното дрво, намалување на штетните честички ПМ10 и ПМ2.5, поголема заштита од пожари и зачувување на животната средина“, вели Стефковски.
Висината на субвенцијата е 1.200 денари по домаќинство.
Право на учество имаат жители на општина Гази Баба; Домаќинства со исчистен оџак во периодот од објавата на повикот до 30.11.2026; Со фискална сметка и потврда од овластена фирма.
За аплицирање потребно е да се достави барање со потребната документација во архивата на Општина Гази Баба, ул. „Архимедова“ бр.2, секој работен ден од 07:30 до 16:30 часот.
Повеќе информации и формулари на линкот од јавниот повик.

