Регион
Хашкиот трибунал ги објави условите под кои е пуштен Шешељ
Обвинетиот за воени злосторства челник на Српската радикална партија (СРС), Воислав Шешељ не смее на ниеден начин да стапи во контакт со жртвите и сведоците, ниту на нив да влијае, не смее да ја попречува правдата и мора да се одѕива на повикот на Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства сторени на територијата на поранешна Југославија, објави во вторникот Хашкиот трибунал.
По доаѓањето во Србија, Воислав Шешељ морал да го предаде и пасошот, а Трибуналот ги повика властите во Белград да не му издават нов пасош што би му овозможило патување без дозвола на судот, се вели во една од точките од условите под кои привремено беше пуштен челникот на српските радикали од притворот во Шевенинген од која во вторникот беше симната ознаката за доверливост. Другите точки се однесуваат на поединости од неговото пуштање на привремена слободат и трансферот до Србија.
Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства сторени на територијата на поранешна Југославија пред речиси три седмици го пушти од притворот Шешељ, со тврдења дека е тешко болен од тумор.
Меѓутоа, тој веднаш по доаѓањето во Србија почна јавно да настапува, на што реагираа од Хрватска. Како и главниот обвинител на Хашкиот трибунал. Серж Брамерц, минатата среда во интервју изјави дека ја разбира фрустрираноста на луѓето којашто со своите настапи ја предизвикува хашкиот обвинет Воислав Шешељ по привременото пуштање на слобода, но нагласи дека неговиот случај е целосно во рацете на судскиот совет. Хрватскиот Сабор (парламентот), пак, го усогласи во вторникот текстот од декларацијата со којашто се осудува пуштање од хашкиот притвор на Шешељ и се бара повлекување на таквата одлука, но се уште не е познато дали декларацијата ќе биде донесена пред четврток кога за ова прашање на инсистирање на хрватските претставници ќе се расправа во Европскиот парламент.
Хашкиот трибунал привремено го ослободи Воислав Шешељ поради лошата здравствена состојба и без пресуда, по 11 ипол години притвор под обвинение за воени злосторства сторени во текот на војните во Хрватска и во Босна и Херцеговина, како и за протерување на несрпското население од БиХ и од Војводина.
Меѓутоа, поранешната портпаролка на Хашкиот трибунал, Флоренс Хартман, изјави неодамна дека пресуда против Шешељ постои, дека таа веќе е напишана, но е не објавена. „Пресудата веќе е напишана, а никој не сака да каже каква е. Шешељ не е толку болен за да не може да го сослуша нејзиното читање“, тврди Хартман.
Воислав Шешељ доброволно му се предаде на Хашкиот трибунал во февруари 2003 година. По судењето коешто започна кон крајот на 2007 година, пресудата требаше да биде изречена на 30-ти октомври 2013 година, но нејзиното носење беше одложено откако Трибуналот го усвои барањето на Шешељ за изземање на судијата Фредерик Хархоф, поради пристрасност. Од тогаш трае запознавањето со предметот на новиот судија Мандиаја Нианга од Сенегал, а претседателот на судот Теодор Мерон најави дека тоа ќе потрае до средината на 2015 година кога би требало да започне советувањето за пресудата./крај/мф/сн
Извор: Hina
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

