Македонија
Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ преку „Фејсбук“ најавуваат дека нема да гласаат за уставни измени

Десетина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку своите фејсбук-профили најавуваат дека нема да гласаат за уставни измени. Дел од пратениците, меѓу кои Влатко Ѓорчев, Ане Лашкоска, Лилјана Затуроска, Павлина Честојнова, Зоран Илиоски, Дафина Стојановска, Димитар Стевананџија, Лилјана Кузмановска, Трајче Димков, Никола Мицевски и Васил Пишев, повикувајќи се на поддршка од граѓаните, напишаа дека немаат намера да поддржат промена на името на државата.
„Нема да гласам за уставните измени за промена на уставното име на Република Македонија. Македонија е мојот идеал и вечна љубов. Тоа е емоција и кауза што не поминува. Јасен е ставот на народот, гласачите и членството против најавените измени за промена на уставното име на Република Македонија. И народот, и гласачите, и членството. Очигледни се притисоците и недемократските постапки на власта на СДСМ во кампањата за референдумот, кои секојдневно се засилуваат, особено во локалните средини. Сето тоа дополнително го компромитира и проблематизира резултатот и демократскиот карактер на претстојниот референдум. Секако дека Македонија треба да биде членка на ЕУ и НАТО. Македонија тоа одамна го заслужува, а ВМРО-ДПМНЕ беше првата партија во независна Македонија која ги промовираше евро-атлантските интеграции. Членството на Македонија во НАТО и ЕУ, заедно со стратешкото партнерство со САД, остануваат приоритет на нашата надворешна политика“, напиша Ѓорчев.
„Јас, Ане Лашкоска, како кандидат за пратеник на ВМРО–ДПМНЕ ја побарав вашата поддршка на парламентарните избори во 2011, 2014 и 2016 година. И тогаш, а и денес гласно кажувам, не се согласувам и нема да поддржам промена на Уставот на државата со цел промена на уставното име на Република Македонија. Нема да бидам пратеник, но пред сѐ човек, граѓанин на Македонија, кој ќе се согласи да се избрише минатото на државата, да се избрише делото на нашите предци и да придонесам во создавање иднина на младите генерации без минато. Ни поставуваат прашање што не заслужува одговор! Татковината ни е света! Ја носам во срцето! Вечна да ни е Македонија!“, напиша Лашкоска.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев вели дека нема информација дека станува збор за организирана акција, а официјално ниту од партијата не откриваат на што се должи ваквата реакција на дел од пратениците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.
Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.
Македонија
Пожар на депонијата Дрисла, Ангелов смирува дека не е алармантно, но е сложено поради хемиските процеси

Пожар избувна на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, рече дека пожарот не е алармантен, а скопската противпожарна бригада работи на негово гаснење.
Сепак, како што објаснува Ангелов, гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.
(Фото: илустрација, архива)