Македонија
Следува период на пост-демократија во која главниот збор не е на избирачите, рече Иванов на предавање во САД
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на почетокот на работната посета на САД, одржа предавање на Државниот универзитет Вејн во Детроит.
Најавен како поддржувач на принципите на пазарната економија и политичкиот плурализам, македонскиот претседател говореше на тема: „Раѓањето на нов свет: Предизвици и можности за генерациите Y, Z и Алфа“.
Зборувајќи за хиперповрзаноста, за предизвиците и можностите на новите генерации низ призмата на познатите филозофи, претседателот Иванов ги објаснуваше промените во светот, предизвикани од брзиот напредок на технологијата, миграцијата, демогафијата, климатските промени.
„Настапува период на пост-демократија. Тоа не е недемократија, туку демократијата ќе влезе во поинаква фаза кога ќе се види дека на неа не делуваат толку тие што ги избираат политичарите, туку спин докторите. Спин доктори се креатори на политиките, програмите и активностите на политичарите“, рече претседателот Иванов.
Говорејќи за големата криза од 2008-та година и за причините поради која се случија промени, и во реалноста и во размислувањата, тој посочи дека се загубила етиката и ги охрабри младите да го искористат својот потенцијал, во ова време на хиперповрзаност во дигитално трансформиран свет. Според македонскиот претседател таквиот нов свет на sharing philosophy, block-chain технологии и старт ап бизниси, го создаваат младите дигитални генерации, преку социјалните мрежи.
„Знаењето нема смисла ако не се користи, тоа треба да има апликативна функција, да го примените тоа знаење, да ви користи во животот. Се претпоставува дека едно од тие најтајни учења е дека се што е човекова креација, се што е создадено од човек, без разлика дали е политика, спорт, војна, медицина, култура, сè подлежи на исти четири правила. Ако ги почитувате, секој пат ќе најдете решение за сè. Тие четири златни правила се состојат од четири мудрости: бидете трпелив, учете од другиот, искористете го моментот и четврто, ако сакате да успеете бидете подготвени за жртва“, изјави претседателот Иванов.
Пред студентите, македонскиот претседател истакна дека е восхитен од нивната самодоверба, храброст и подготвеност да бидат социјално активни за бројни прашања, но истовремено им порача да го канализираат уникатниот потенцијал на нивната генерација за достигнување на трајни вредности.
Државниот универзитет Вејн, основан во 1868 година, е меѓу топ 50-те американски државни универзитети за истражувачка дејност. Во рамките на овој универзитет е Мајк Илич Бизнис Школата, која го носи името во чест американскиот бизнисмен со македонско потекло г. Мајк Илич.
За време на престојот во Детроит, на претседателот Иванов ќе му биде врачена наградата Глобален државник, највисоко признание што го доделува Обединетата Македонска Дијаспора. Посетата на македонскиот претседател на САД е по повод учеството на 73. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, каде е предвидено да се обрати на 27 септември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре наутро претежно ведро и студено, преку денот сончево
Утре наутро ќе биде претежно ведро и студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Во наредните денови следува период на стабилно и суво време. Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла или ниска облачност. Поради разведрувањето утринската температура наместа ќе се спушти под нулата, а дневната ќе бележи тенденција на благ пораст.
Македонија
Еден од министрите, секој ден плаче и праќа пораки по дипломатските претставништва да ми реагираат да престанам до избори да говорам за криминалов, вели Арсовска
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на социјалните мрежи го повикува Ислам Абази од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, да постапи по, како што вели, „доказите за криминал“ кои се однесуваат на актуелни случаи поврзани со дивоградби.
„Го повикувам Ислам Абази од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, да ги оправда тие 2% доверба кои ги има обвинителството кај граѓаните и да постапи по доказите за криминал.
Во спротивно, вели Арсовска, креира опасен преседан.
„Ќе започнеме сите со капитални проекти за градење безбедни дивоградби и обезбедување гратис станови со џабе вода и џабе струја за оние на кои не им е решено станбеното прашање. И нема да смеат да ни писнат, ни да прашаат од кај се парите.
Плус ќе треба да им се извинат на сите кои ги казниле, им срушиле објект или отслужуваат казна за бесправна градба.
Затоа што еден од министрите на Владата, секој ден плаче, лаже, манипулира и праќа пораки по дипломатските претставништва да ми реагираат да престанам до избори да говорам за криминалов, еве повеќе не ве повикувам да постапите. Ве виде народ, се девалвиравте бидејќи не смеете да му писнете на Висар Ганиу“, пишува Арсовска.
Македонија
„Паркинзи“ на Општина Центар продолжува со акцијата за отстранување на хаварисани возила од јавните површини
Во изминатата година, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ успешно отстрани над 120 хаварисани возила од јавните површини на територијата на oпштина Центар. Со оваа акција, претпријатието продолжува да придонесува кон создавање на почиста, побезбедна и поурбана животна средина за сите граѓани.
„Нашата цел е целосно да го ослободиме Центар од хаварисани возила кои ја нарушуваат урбаната слика и зафаќаат паркинг места и јавни површини. Апелираме до сите сопственици на хаварисани возила да се приклучат кон нашата акција и да ги пријават своите возила за отстранување,“ изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски.
За повеќе информации или пријава на хаварисано возило, граѓаните можат да контактираат со ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ на телефонскиот број: 076 350 767
Преку оваа акција, ЈП ПОЦ бесплатно ги транспортира хаварисаните возила до отпад, а средствата од откупот директно се префрлаат на сметката на сопственикот. На овој начин, секој граѓанин кој ќе се вклучи во акцијата придонесува за поуреден, побезбеден и пофункционален Центар.

