Македонија
(Видео) Заев: Исправени сме пред историска одлука што е чест за нашата генерација
Да не чекаме уште 27 години, да го фатиме возот што ја носи Македонија во Европа, порача премиерот Зоран Заев на граѓанска трибина во Гевгелија, додавајќи дека народот е исправен пред одлука која е, како што кажа, чест за нашата генерација.
Тој потенцираше дека макрдонскиот јазик заслужува да биде официјален јазик во ЕУ.
„Постигнавме договор но знаевме што мора да сочуваме, јазикот и идентитетот. И Грција ги призна. Таму во договорот стои македонски јазик. Знам дека е непријатно чувството со географската одредница, но ги знам придобивките. Овој референдум е важен како во 1991 година затоа што за век и веков треба да ја осигурааме нашата Македонија. Имаме држава признаена од цел свет, во којашто живее мнозински македонски народ признаен од цел свет, којшто зборува македонски јазик признаен од цел свет. Ги постигнавме сите цели на нашите татковци и дедовци“, додаде Заев.
Премиерот со својот говор се обрати и до младите и до родителите.
„Немојте да преспиете, зборувајте со вашите родители, баби и дедовци, имате право на добра иднина. Но и родители, важно е и ние да разговараме со сите. Не е исто нашите млади дали ќе ги имаат сите права како нивните врсници од Европа или ќе останат сами, изолирани. Ова од нас зависи“, рече Заев.
Тој од трибината во Гевгелија се обрати и до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Мицкоски денеска во Охрид рече дека немаат план за бојкотирање. Ако е така пријателе, ајде направи уште еден чекор. И твоја е оваа Македонија. И ти имаш деца и јас имам деца. Во име на тоа што не може да се постигне подобар договор, во име на ЕУ и НАТО, приклучете се заедно да ја испишеме модерната историја на европска Македонија“, повика премиерот и претседател на СДСМ.
„На 30 септември секој граѓанин да стави тула во изградбата на иднината на европска Македонија. Тоа е ден на новата модерна македонска историја да излеземе сите, заедно и да гласаме, за европска Гевгелија, за европска Македонија“, порача Заев на граѓанската трибина во Гевгелија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Божиновска: Кога жените водат, енергетиката свети посилно – не чекајте дозвола, заземете го вашето место
Инклузивната и праведна зелена енергетска транзиција е невозможна без еднакво учество на жените. Тоа беше пораката што силно одекна на сесијата „Жени во енергетиката“, одржана во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој (IFESD-14) во Скопје.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во инспиративно обраќање ја отвори сесијата со порака дека без родова еднаквост, нема вистински напредок во енергетскиот сектор.
„Живееме во пресуден момент. Глобалната енергетска транзиција ги менува економиите, индустриите и општествата. А овде, на Западен Балкан, ние не сме само следбеници на тие промени — ние сме дел од оние што ги водат. Македонија е горда што е дел од оваа трансформација: инвестираме во обновлива енергија, ја зајакнуваме регионалната соработка и се грижиме нашата транзиција да биде одржлива и праведна“, рече Божиновска.
Министерката истакна дека овој процес нема да биде целосен доколку не е инклузивен. „Напредок кој ги остава жените зад себе – не е вистински напредок. Предолго, енергетиката – од инженерство до лидерство – се сметаше за ‘машки свет’. Но, ние секојдневно докажуваме дека тоа веќе не е така. Кога жените водат, енергетиката станува поумна, поправедна и похумана“, нагласи таа.
Податоците, како што потсети Божиновска, го потврдуваат тоа: „Според Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA), организациите со повеќе жени на лидерски позиции во енергетиката имаат и до 20% повисоки перформанси и иновации. Светскиот економски форум покажува дека родово разновидните тимови се покреативни, попрофитабилни и поотпорни во кризи. Кога жените се оснажени, целиот сектор — и целото општество — добиваат.“
Во еден од најемотивните делови од говорот, министерката се обрати директно до младите жени:
„Не чекајте дозвола за да водите – заземете го вашето место. Не ги замолчувајте вашите идеи – кажете ги смело. Не се сомневајте во вашата сила – посилни сте отколку што мислите.
А до мажите – и вие сте ни потребни. Вистинскиот напредок се случува кога стоиме рамо до рамо, како сојузници, работејќи за истата визија за еднаквост и напредок.“
Во своето обраќање, министерката сподели и лично искуство:
„Како жена во енергетиката, знам дека патот не беше секогаш лесен. Многу од нас мораа да се борат за своето место на масата и да докажат дека компетентноста нема пол. Но секоја пречка што ја рушиме – отвора пат за друга жена да се издигне.“
Таа подвлече дека како министерка поставила јасна мисија – да ја смени перцепцијата дека енергетиката е машки свет.
„Организирам настани и менторски програми за студентки од техничките факултети, за да видат дека нивната иднина може да биде токму овде – во енергија, технологија и лидерство. Работам со жени од рударството и индустријата, чии резултати често остануваат невидливи, но се клучни за нашите успеси.“
Божиновска додаде дека Министерството за енергетика денес е меѓу најродово-избалансираните институции во земјата. „Имаме повеќе жени од мажи и многу од клучните сектори ги водат силни, стручни и одлучни жени. Тие се жив доказ дека компетентноста нема пол,“ рече министерката, додавајќи дека е особено горда што ја претставува Македонија како амбасадорка на WOBA – Women on Board Adria, регионална мрежа што ги поврзува и поддржува жените лидери во Адриатскиот регион.
„Преку WOBA работам за да им отворам врати на жените во одборите и носењето одлуки, за да ги зајакнеме нивните лидерски улоги и да обезбедиме нивниот глас не само да се слуша, туку и да се вреднува. Верувам дека жените заслужуваат повеќе – повеќе можности, повеќе признание, повеќе лидерство. Но исто така верувам дека мора да се избориме за тоа. Рамноправноста не е услуга, тоа е право што мора да го бараме, браниме и градиме – заедно.“
Божиновска го заврши обраќањето со цитат од Маргарет Тачер:
„Ако сакате нешто да се каже – прашајте маж; ако сакате нешто да се направи – прашајте жена.“ „Да бидеме тие жени што прават работи – што водат, инспирираат и создаваат енергетска иднина во која светлината свети посилно за сите.“
Во рамките на сесијата, претставничката на УНДП, Ана Чернишова, потсети дека учеството на жените во енергетската транзиција сè уште е ограничено, главно поради структурата на пазарот на труд и секторската сегрегација.
„Техничката експертиза и носењето одлуки во секторите на енергија и климатски промени се доминантно концентрирани кај мажите. Ова укажува на потребата од таргетирани политики за зголемена родова рамноправност во зелената транзиција,“ истакна Чернишова.
Таа додаде дека преку Програмата за зелен финансиски инструмент, УНДП приоритизира инвестиции во жени претприемачи и домаќинства каде што жените се носители на приходот. Досега се поддржани речиси 8,5 милиони долари инвестиции во решенија за чиста енергија.
Панелистите на сесијата заклучија дека иднината на енергетиката е инклузивна, фер и визионерска — со подеднакво место за сите што ја движат напред.
Македонија
Герасимовски го посети штандот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“: Информативни табли со QR-код за брзо плаќање
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска го посети штандот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, каде што заедно со директорот Душко Коцевски разговараа за новите услуги и иновации во системот за паркирање.
Коцевски го информираше Герасимовски дека на новите информативни табли на ПОЦ е поставен QR-код со директен линк, што овозможува едноставно и брзо плаќање на паркинг услугата со платежна картичка, без потреба од регистрација или испраќање SMS порака.
„Одличен потег на ЈП ПОЦ за модернизација и поефикасно паркирање во општината. Ги следиме модерните трендови за побрзи и електронски достапни услуги со кои корисниците ќе можат полесно и поедноставно да ги користат услугите“, истакна Герасимовски.
На информативниот штанд беа промовирани и нови типови паркинг-карти достапни на веб-страницата www.poc.mk, како што се мултинеделната карта и гостинските паркинг-карти, кои нудат поголема флексибилност и ефикасност при користење на паркинзите во општина Центар.
Македонија
Минчев-Сулстром: Целта е да изградиме јавна администрација која е сервис на граѓаните, професионална, транспарентна и насочена кон резултати
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска оствари протоколарна средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Македонија, Ола Сулстром. На средбата, Минчев и Сулстром разговараа за можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на јавната администрација и зајакнувањето на институционалните капацитети.
Министерот изрази благодарност за континуираната поддршка на Кралството Шведска во реформските процеси и потенцира дека овие партнерства се од суштинско значење за унапредување на квалитетот на јавните услуги и институционалната ефикасност.
„Нашата цел е да изградиме јавна администрација која е сервис на граѓаните, професионална, транспарентна и насочена кон резултати. Поддршката од нашите меѓународни партнери, како што е Шведска, е од големо значење во овој процес на модернизација и институционална зрелост“ изјави Минчев.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за понатамошна соработка, размена на искуства и спроведување на заеднички проекти во областите на модернизација на јавниот сектор, управувањето со човечките ресурси, транспарентноста, отчетноста и примена на добри европски практики.
Министерството за јавна администрација, велат од таму, ќе продолжи активно да работи на воспоставување и јакнење на партнерства со земјите членки на Европската Унија, со цел приближување на стандардите и вредностите на европското управување.

