Топ
67-годишен маж пронајден мртов во река во близина на Прилеп
67-годишен маж е пронајден мртов во река во близина на Прилеп. Според полицијата, вчера околу 16 часот било пријавено дека на место викано “Подводенци“ – Прилеп, во водите на локалната река пронајден бил починат О.Н. (67) од Прилеп.
Од страна на лекар од Итна медицинска помош констатирана била смрт без видливи траги на насилство. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Прилеп. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е предадено за обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Минималната плата ќе се зголеми во март за 1.500-2.000 денари, зголемување пред март ќе значи отпуштање работници, вели Дурмиши
Економско – социјалниот совет на денешната седница не се договори за зголемување на минималната плата барем на 500 евра, според барањето на Сојузот на синдикати на Македонија од мај 2024 година, пред изборите. Министерот за економија Бесар Дурмиши по седницата кажа дека минималната плата во март, со редовното усогласување ќе се зголеми за 1500 до 2000 денари, точно ќе се знае по Нова година, а интервентно зголемување на минималната плата рече дека ќе значи отпуштање работници од малите и средни претпријатија кои нема да го издржат ударот.
„Проекциите се дека следната година инфлацијата ќе падне под 3%. Ние како Влада никогаш не сме биле против зголемување на минималната плата туку преку дијалог оставаме таа да биде договор помеѓу работодавачите и работниците. Сепак, според нашите индикатори во вакви економски услови нема оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март кое е јасно утврдено со закон и кое би било меѓу 1500 до 2.000 денари. Со интервентно покачување малите и средни претпријатија со економски и финансиски проблеми ќе ги отпуштаат вработените. Мене ако ме прашате 1000 евра треба да биде минималната плата, може така да кажеме и да бидеме херои пред народот, но тоа ќе предизвика проблеми кои ќе се видат за два – три месеца“, рече министерот Дурмиши и нагласи дека во регионот добро стоиме оти пониска минимална плата отколку кај нас има во Бугарија, Албанија и Турција.
Го демантираше претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), пак, Слободан Трендафилов кој кажа дека од први јануари 500 евра е минималната плата во Албанија, 430 па од јуни 500 евра во Косово, 550 евра во Србија, а Босна и Херцеговина, се веќе далеку, минималната плата таму ќе биде колку просечната плата во Македонија.

Како и во 2022 година во јануари и февруари и оваа 2026 година Трендафилов вели дека ќе преземат конкретни мерки и активности за зголемување на минималната плата и на сите останати плати
Трендафилов вели дека на седницата се зборувало за различен износ на минималната плата кој се движел од 500 до 1000 евра, па остава простор Владата во следните денови да се изјасни за зголемување на минималната плата. Побара да се договорат што е можно побрзо оти во спротивно тие ќе се организираат и ќе постапат како пред три години.
„Ако ја чекавме претходната Влада во 2022 година да го почитува само законот за минималната плата, да не протестиравме, да не штрајкувавме за негова измена и промена на критериумите, денеска работниците ќе имаа 19.000 денари минимална плата“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Како и во 2022 година во јануари и февруари и оваа 2026 година Трендафилов вели дека ќе преземат конкретни мерки и активности за зголемување на минималната плата и на сите останати плати.
Минималната плата изнесува 24.397 денари.
Македонија
На аеродромот во Скопје откажани се осум лета, а еден е пренасочен
Авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје се стабилизира, реализирани се 27 лета, откажани се осум лета, а еден е пренасочен, соопшти ТАВ Македонија.
„Од 20:00 часот, вчера, 21 декември 2025 година до 12:00 часот напладне денеска, 22 декември 2025 година, на Меѓународниот Аеродром Скопје, поради намалена видливост предизвикана од магла, состојбата со авиосообраќајот е следна откажани се следниве 3 лета во пристигнување Белград, Истанбул, Истанбул – Сабиха Гокчен (презакажан за 23.12.2205). Пренасочен е еден лет во пристигнување: Франкфурт-Хан. Откажани се следниве 5 лета во заминување: Цирих, Белград, Атина, Истанбул, Истанбул – Сабиха Гокчен (презакажан за 23.12.2205)“, се наведува во соопштението.
Сите останати, 27 летови слетаа и полетаа, односно пристигнаа и заминаа согласно планираниот ред на летање.
„Со оглед на тоа што временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија согласно своите интерни процедури има свој праг на толеранција за слетување и полетување при намалена видливост, повторно апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанија со која треба да патуваат“, се наведува во соопштението.
ТАВ известува дека сите капацитети на Меѓународниот Аеродром Скопје се во функција и аеродромот е отворен за авиосообраќај.
Промените во редовниот распоред на летање, се ажурираат на веб-страница во реално време https://skp.airports.com.mk/, како што стигнуваат од авиокомпаниите.
Доколку патниците имаат дополнителни прашања за нивниот лет можат да се обратат на пултот за информации во терминалната зграда или на телефонскиот број: +389 2 3148 333.
Македонија
(Фото) Николоски: На автопатот Охрид – Кичево се вршат сложени инженерски зафати, кои првпат се користат во регионот
Првпат на автопатот Охрид-Кичево изведуваме сложени инженерски и градежни зафати и ова првпат се изведува во регионот, а се со цел да се овозможи стабилизирање на косините и земјиштето од овој обем. Ова го изведуваме за целосна доизградба и ставање во функција на безбедно автопатско решение, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој заедно со директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, пратеникот Ѓорѓи Сајкоски и градоначалниците од Кичево и Дебрца извршија увид на работите на автопатот Охрид-Кичево.


„Ние досега само зборувавме колку е тежок овој проект, но денеска целата македонска јавност може да се увери, дека се работи за најтешкиот инженерски проект, не само во Македонија, туку и во целиот регион. Се работи буквално на пробивање на планини, за косини коишто се од 100 до 200 метри, за земјиште коешто постојано се спушта до главната траса и за бројни проекти, кои што за жал 11 години откако почнал да се гради овој автопат не биле решавани. Со изборот на новата Влада, почнаа овие проблеми да се решаваат. Решаваме вкупно 16 косини, од кои што на 14 ќе имаме стабилизација со така наречени галерии, нешто што за прв пат ќе се изведува, не само во Македонија, туку во целиот регион, каде што со армиран бетон се застанува цела планина, нешто што регионот го нема видено”, истакна Николоски.


Вицепремиерот Николоски упати благодарност за посветеноста на сите инволвирани работници, изведувачи и инженери, кои работат на изведбата на овие инженерски зафати и како што потенцира, целта на изградбата на автопатот Охрид-Кичево не е само да се заврши, туку да биде и безбеден патен правец кој што ќе се користи во наредните децении.

