Македонија
ДУИ во 2013 година забележала дека на седница на владата ВМРО-ДПМНЕ протнала 400 државјанства на луѓе од Кичево

Во разговор од 9 јануари 2013 година во предметот „Титаник“ меѓу ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, Мијалков дискурира за издавањето македонски државјанства на луѓе од Кичево оти, како што рече претходно, од ДУИ забележале, а му реагирал Муса Џафери.
Јанкулоска на тоа вели: „Знае и премиерот за тоа. Цела година го тераме. Нека си го тера дури не реагираат“, вели Јанкулоска. „Ние си теравме така и во Кичево, Ресен, Охрид… Мора да престанеме оти тоа оди како посебна точка на владата“, му вели Јанкулоска на Мијалков.
Таа објаснува дека гледала кога има ситуација и кога се деконцентрирани во Владата да ги стават како точка на дневен ред. Станува збор за приближно 400 државјанства. „Ним тоа им текнува. Ним тоа им пречи“, му вели Јанкулоска на Мијалков дека станува збор за место со претежно албански гласачи.
„Нема ништо незаконско во тоа, ама нашите таму се неорганизирани. Мала Преспа е друго, поблиску е до границата“, вели Јанкулоска.
Јанкулоска на Кирил Божиновски, пак, во разговор од 27 август му вели дека треба порано да најдат адреси за гласачи.
„Порано Љубе правеше таква глупост. На пример: Димче Мирчев без број“, му раскажува ексминистерката на Божиновски.
„Сакаме да ја завршиме работата, ама да не бидат како војска. Да не ја шириме по одбори“, се посочува во разговорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски: Интензивно се работи на изградба на нова детска градинка во Кисела Вода со сместувачки капацитет за 70 дечиња

Премиерот Христијан Мицкоски денеска беше во увид на градежни активности на нова детска градинка во Драчево.
„За неколку недели од денеска овој објект ќе биде целосно функционален и во годините коишто следат би требало да биде дом на отприлика 70-тина дечиња. И во таа насока ќе продолжиме и во периодот којшто следи“, кажа Мицкоски.
„Наследивме, би рекол, една прилично хаотична и катастрофална состојба. За дел од проблемите коишто ги наследивме зборуваше и градоначалникот, зборуваше и заменик-министерот во Министерството за социјална политика, демографија и млади, но полека но, сигурно се надминуваат тие предизвици, посебно кога станува збор со листите на чекање за дечињата, но и за кадарот којшто треба да работи со децата во градинките.
Така што главен наш приоритет ќе продолжи да биде ова, односно изработка на инфраструктура, од проста причина што демографијата е еден од водечките предизвици коишто оваа Влада ќе треба во годините коишто следат да ги совлада. Затоа што демографијата подразбира каква иднина ќе имаме, дали ќе имаме иднина со многу дечиња или иднина во којашто за жал ќе биде и нацијата доведена под знак на прашање.
Еден од тие параметри во таа равенка е токму обезбедување доволно сместувачки капацитети за дечињата, бидејќи најголемиот дел од младите кога ги прашувате, како одговор кажуваат зошто не се одлучуваат на формирање семејство или многудетно семејство е токму листите на чекање во градинките“, рече Мицкоски.
„Така што, еве ние како Влада ќе работиме да нема листи на чекање, да има повеќе ваков тип на капацитети за повеќе дечиња. Тоа е она кое што е основна и суштинска политика на оваа Влада.
Јас на крај би сакал да му честитам на градоначалникот на Кисела Вода за посветената работа, овде изминативе речиси четири години. Слушнавте колку објекти од листа на чекање повеќе од 400 дечиња, сега ќе сведеме на нула, нема да има таква. Да се заблагодарам за посветеноста на пратеничката, на членовите на Советот, на администрацијата во рамките на Општина Кисела Вода, на сите оние коишто допринесоа Општина Кисела Вода да функционира навистина, би рекол одлично. Да му се заблагодарам на заменикот во Министерството за социјална политика, демографија и млади, на министерот на луѓето коишто неуморно работеа изминативе речиси 14 месеци да совладаат предизвици коишто беа наследени од минатото и очекувам така да продолжат во годините коишто следат. И да реализираме уште многу вакви проекти.
Ете тоа би било она коешто го би имал јас да го кажам и набргу од денеска оваа градинка, овој објект да биде ставен во функција. Тоа го посакувам на директорката и на сите тие коишто ќе го поминуваат денот тука во овој објект“, изјави Мицкоски.
Македонија
„СДС е последен што има основа да зборува за животниот стандард на граѓаните, а Филипче и Заев, освен луксузирања со народни пари, не знаат ништо друго“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„СДС се последни кои имаат основ да зборуваат за животниот стандард на граѓаните. СДС за почеток треба да погледнат назназад седум години и да видат што направија за стандардот на граѓаните“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Богданка Кузеска.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за само една година ги зголеми платите во повеќе области. Се зголемија платите во здравство, образование, социјала, полиција. Пензионерите за година и половина добиваат 7.000 денари повисоки пензии.
Дополнително, постојано има мерки кои се во насока на подобар животен стандард. За граѓаните се спроведуваат следните мерки како училишна кошничка, велигденска, рамазанска, новогодишна и слично. Во меѓувреме се работи на решение со кое ќе се намали високиот профит на производителите, дистрибутерите, или решение кое ќе води до тоа граѓаните да плаќаат реални цени за производите.
Сето ова е проследено и со инвестиции, намалување на јавниот долг, исплаќање на редовни субвенции за земјоделците, со цена на струјата која не е покачена нити еден процент.
Што правеше СДС седум години? Инфлацијата беше високи 20 проценти, околу 600 илјади граѓани живееја со 150 денари на ден, , сметките за струја се зголемуваа, јавниот долг беше над 60 проценти, а инвестициите најавувани од Зоран Заев останаа само во неговата глава.
Како и да е Заев не ги реализираше инвестициите, ама затоа со другарот Венко Филипче кој го стави да ја води СДС во пропаст никако не пропуштаат луксузирања било викенд луксузирања или одмори. Освен луксузните викенди и одмори, си купуваат авиокомпании, градат низ светот и сето тоа со украдени пари од народот.
Оттука лицемерно е СДС да зборува за граѓаните кои никогаш не биле на дневен ред на Заев и Филипче, а камоли да бидат приоритет.
ВМРО-ДПМНЕ се грижи за секој еден поединец во државава!“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Со закана изнудил 1,5 милиони денари, поведена истрага за едно лице

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по кривичната пријава од Министерството за внатрешни работи против едно лице за кривично дело – Измама, денеска ги разгледа наводите и прибавените докази, по што против осомничениот одлучи да поведе истрага за продолжено кривично дело – Изнуда по член 258 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Пријавениот, во периодот од 15.07.2025 до 28.07.2025, со намера да се стекне со противправна имотна корист, уверувал едно лице дека против него ќе биде поведена судска постапка доколку не исплати околу 1.500.000 денари.
Познавајќи го оштетеното лице од минатото, во повеќе наврати од различни телефонски броеви, претставувајќи се во име на министерот за внатрешни работи и тројца јавни обвинители, преку пораки го контактирал осомничениот и ги барал од него паричните средства со цел да биде изземен од обвинение, односно да не биде спроведена постапка против него.
Оштетеното лице, во четири наврати на различни локации во Скопје, му ги дало на осомничениот побараните парични средства.
Јавниот обвинител донесе одлука да поведе истрага за изнуда, бидејќи од преземените дејствија на осомничениот произлегува дека тој користел сериозна закана да го присили оштетениот да стори нешто на штета на својот имот. За ова дело е предвидена построга затворска казна која изнесува најмалку една година, а може да биде изречен и законскиот максимум.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.