Култура
Изложба и филмски проекции за 60- годишнината од премиерата на „Мис Стон“
Во рамки на ИФФК „Браќа Манаки“, Кинотека на Македонија, вечерва со почеток во 19 часот во битолскиот културен центар „Магаза“ ќе приреди изложба и филмски проекции со кои се одбележува 60- годишнината од премиерата на македонскиот игран филм „Мис Стон“ под насловот „Мис Стон: Некаде помеѓу Елен и Автономија“. Ќе бидат изложени фотографии, документи, преписки, сценарија, прес-клипинзи, книги на снимање, сценографски скици, пропаганден материјал и друга архивска граѓа.
По повод јубилејот, пред македонската јавност и филмската публика, ќе биде презентиран значаен дел од сочуваните материјали кои денес се дел од збирката на пишувана документација на архивот на Кинотеката на Македонија. Своевремено, „Мис Стон“ беше меѓу најскапите и најамбициозни југословенски продукции, прв македонски филм во боја, но и во тоталскоп техника (италијанската верзија на холивудскиот „синемаскоп“) – како што тогаш ги снимаа костимираните историски епопеи во Чинечита. Инспириран од настан што навистина се случил во 1901 година, кога четата на Јане Сандански ја грабнува американската мисионерка Елен Стон, со цел да изнуди откуп и со тие пари да го финансира востанието и борбата за независна Македонија, филмот „Мис Стон“ во режија на Живорад Жика Митровиќ требаше да задоволи и оправда многу очекувања. Требаше да ја најави новосоздадената македонска кинематографија и да ја промовира вон границите на Југославија; да ја промовира и претстави македонската култура и историја; да биде забава за филмската публика, но и психолошка драма истовремено. Требаше да му биде отскочна штица на „Вардар филм“, за продуцентската куќа во формирање да се докаже пред останатите поискусни и подобро екипирани конкурентни имиња на југословенскиот филмски пазар. Требаше да даде официјален, научно поткрепен став кон дел од историското минато за кое дотогаш малку се истражуваше и јавно пишуваше…
Пред сè, требаше да биде добар филм. Веднаш по својата премиера во ноември 1958 година, „Мис Стон“ стана еден од најгледаните филмови во тогашна Југославија, подобро прифатен од публиката отколку од филмската критика. Следната година доби три Златни арени на престижниот Пулски фестивал – Петре Прличко беше награден за улогата на Манданата, Олга Спиридоновиќ за улогата на Елен Стон, и Василије Поповиќ-Цицо беше награден за сценографијата во филмот. Следуваа и други фестивали и награди, а започна и доста амбициозно планираната дистрибуција вон границите на земјата. Но „Мис Стон“ не го освои светот. Четири години по премиерата, во 1962 година, за време на големите поплави во Скопје, беа оштетени изворните филмски материјали, негативите од филмот и во тоа време не можеше да се направи квалитетна позитив-копија за прикажување и дистрибуција. Во децениите што следуваа „Мис Стон“ беше прикажуван на малите екрани, на ТВ, и поретко во рамките на некоја манифестација, филмска програма, или јубилеен настан, но во доста компромитирачка состојба – од премногу употребувани и оштетени ролни, копии на копии на копии на копии… Во декември 1990 година, Кинотеката на Македонија организираше научен симпозиум за филмот, на кој присуствуваше добар дел од актерската и филмската екипа, филмски критичари, историчари, режисери, драматурзи, културни дејци и љубопитна публика.
Се читаа реферати, анализи, се дискутираше, се оживуваа спомени, се конфронтираа мислења и ставови. „Мис Стон“ повторно беше прикажан, во скромната сала на Клубот на пратениците, а Петре Прличко, видно возбуден и со силен емотивен набој, пред самата проекција и пред публиката, го реплицираше својот монолог од познатата сцена по раѓањето на малата Елена, којашто за малку ќе добиеше име Автономија. Изложбата „Мис Стон: Некаде помеѓу Елен и Автономија“ преку изложената пишувана документација ја раскажува приказната за филмот. Од развојот на идејата во тогашното општествено-историско милје дефинирано од јасни политички стратегии, преку неколкуте верзии на сценарија, формирањето на екипата и почетоците и текот на снимањето, па сè до премиерата на филмот и приемот кај публиката, реакциите во медиумите и филмската критика, неговата дистрибуција во странство и, најпосле, трајното врежување во колективната културна меморија на генерациите што го гледале. Поставена во сосем соодветниот амбиент на „Магазата“ во Битола, која, хипотетички, би можела да биде и дел од сценографијата на „Мис Стон“, изложбата ќе биде придружена со проекција на филмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина македонскиот актер Лазе Манасков
На 67-годишна возраст денеска почина македонскиот актер Лазе Манасков.
-Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасков почина денеска. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!, наведуваат од Драмски театар.
Манасков е роден во 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година се вработил како актер во Драмски театар – Скопје и работи сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Ќе остане познат по своите улоги во „Исцелител“, „Сенки“, „Трст виа Скопје“, „Еурека“, „Солунски патрдии“, Македонски народни приказни, „Преспав“, „Пусто турско“.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.

