Македонија
Заменик-министерот Максути на состанок со министрите за одбрана од Западен Балкан во Австрија
Заменик-министерот за одбрана на Република Македонија, Беким Максути, денеска во Грац, Австрија, учествуваше на неформалниот состанок на министрите за одбрана на земјите од Западен Балкан и Австрија, информираат од Министерството за одбрана.
Состанокот беше под покровителство на австрискиот министер за одбрана, Марио Кунасек, кој ги информира балканските колеги за заклучоците од неодамнешниот состанок на министрите за одбрана на Европската Унија во Виена, додаваат во соопштението од Министерството за одбрана.

На состанокот се разговарало за безбедносната соработка на земјите од Западен Балкан и Европската Унија со цел зацврстување на безбедноста и стабилноста, а средбата финиширала со заедничка декларација во која се истакнува силната поддршка на европската перспектива на Западен Балкан, како и заедничка акција во справувањето со безбедносните предизвици и соработка на планот на заштита на границите од илегална миграција кон ЕУ, се наведува во соопштението.
„Македонија се соочува со истите безбедносни предизвици и закани како и другите држави од Западен Балкан и остатокот од Европа. Владата на Република Македонија е убедена дека стабилното и посветено добро владеење и безрезервната примена на правото може да обезбедат услови за безбеден и економски просперитетен регион“, рече заменик-министерот на состанокот.

Максути, меѓу другото, посочил дека граѓаните на Македонија се пред клучен момент – референдумот на 30 септември, кој ќе влијае не само на безбедноста, стабилноста и просперитетот на земјата, туку и на целиот регион. Тој истакнал дека граѓаните на нашата земја покажаа дека сакаат промени, сакаат да живеат во слободно и демократско општество во кое владеат правото и слободното изразување, а медиумите се гласен коректив на политиката.
Заменик-министерот додал дека Македонија со потпишаните договори со Бугарија и Грција покажа дека инвестира во добрососедските односи и на градењето мостови на соработка наместо непријателство и дека соседите го препознаа тоа и дадоа целосна поддршка за членството на Македонија во НАТО и Европската Унија, наведуваат во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.

