Економија
Два труда презентирни на 30. сесија на Клубот на истражувачи во НБРМ

Во Народната банка на Република Македонија денска се одржа 30. сесија на Клубот на истражувачи, на која по поздравното обраќање на гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска, беа презентирани истражувачките трудови: „Финансирање на малите и средните претпријатија преку банкарскиот сектор во Република Македонија ‒ резултати од анкетно истражување“ од Тања Јакимова и Неда Поповска-Камнар и „Трансмисискиот механизам на монетарната политика во Македонија преку каналот на преземање ризици: наоди од податоците од Кредитниот регистар“, од Мите Митески, Ана Митреска и Михајло Васков.
Првиот труд, информираат од НБРМ, кој во име на двете авторки, на сесијата го презентира Тања Јакимова, содржи анализа на резултатите од анкетното истражување за финансирањето на малите и средните претпријатија преку банкарскиот систем во Република Македонија, спроведено од страна на НБРМ. Целта на истражувањето е да се согледаат факторите коишто влијаат врз пристапот до финансирање за малите и средни претпријатија во Република Македонија, од аспект на понудата на кредити од банките, како и предизвиците со кои се соочуваат домашните банки во процесот на кредитирање на овој сектор. Резултатите од анкетното истражување спроведено кај банките укажуваат дека пазарот за кредитирање на малите и средни претпријатија е голем, конкурентен, не многу заситен и со многу позитивни изгледи.
Во рамки на презентацијата на трудот беше потенцирано дека главниот двигател за поголемо вклучување на банките во понудата на кредити на малите и средните претпријатија е профитабилноста и добрата перспектива на овој сектор. Истовремено, беше даден подетален осврт и на резултатите од истражувањето коишто упатуваат на присуство на одредени фактори поврзани со малите и средни претпријатија, како што се слабиот квалитет на финансиските извештаи и недостатокот на соодветно обезбедување, коишто го отежнуваат процесот на нивно кредитирање преку банкарскиот сектор во Република Македонија.
Пред присутните на сесијата беше изнесен и генералниот заклучок од анализата дека пристапот до финансирање за малите и средните претпријатија преку банките треба и натаму да се подобрува, со што ќе се зголемува и нивниот придонес во поддршката на растот на економијата. Во вториот презентиран труд беа изложени согледувањата и заклучоците од емпириското испитување на монетарната трансмисија во Македонија преку каналот на преземање ризици. Ова испитување е и прв обид да се оцени функционирањето на каналот на преземање ризици во нашава земја, со користење на микроекономски податоци за кредитирањето на корпоративниот сектор добиени од Кредитниот регистар на НБРМ.
Презентирајќи го трудот во име на тројцата автори, Митески посочи дека резултати добиени од емпириското испитување покажуваат дека постои инверзна врска помеѓу каматната стапка на НБРМ и кредитниот рејтинг којшто банките ex ante го доделуваат на секој поединечен новоодобрен кредит. Ваквата поврзаност укажува на присуство на каналот на преземањe ризици при спроведувањето на монетарната политика. Но, и покрај статистичката значајност, економската важност на оваа врска е релативно мала, што е во склад со наодите од истражувањата за другите земји каде што исто така е утврдено неговото постоење.
Во рамките на трудот е истражено и прашањето дали ефектот од каматната стапка врз ризиците што ги преземаат банките зависи од нивото на капитализираност, а заклучокот е дека помалку капитализираните банки преземаат поголеми ризици во услови на олеснување на монетарната политика, иако разликата во однос на ризиците што ги преземаат покапитализираните банки е минимална.
На крајот од излагањето беше посочено дека истражувачките резултати синтетизирани во овој труд се релевантни за носителите на политиките и придонесуваат за подобро разбирање на функционирањето на трансмисискиот механизам на монетарната политика во Република Македонија.
Во завршницата на сесијата, поттикнати од изнесените видувања и заклучоци, присутните на сесијата дискутираа за повеќе прашања и аспекти на темите на двата презентирани труда. Следната сесија на Клубот на истражувачи ќе се одржи во декември годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Нови цени на горивата

Од ноќеска на полноќ, бензините поевтинуваат за половина денар, а дизелот за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит, и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 74,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 76,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ 1), се намалуваат за 1,00 ден лит и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 67,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) изнесува 67,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,143 ден/кг, и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 38,643 ден/кг.
Економија
Муцунски: Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд-инвестиции

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димоски, денеска одржаа тематска прес-конференција, на која говореа за последниот извештај на „Фајненшл Тајмс“ – fDi Intelligence, според кој Северна Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП.
„Денес споделуваме резултати што се видливи и недвосмислени. Според најновиот извештај на ‘Фајненшл Тајмс’ – fDi Intelligence, нашата земја е меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП. Докажуваме дека сме мала земја која умее да постигне големи резултати“, истакна министерот Муцунски.
Тој појасни дека гринфилд инвестициите значат нови фабрики, капацитети и нови работни места, додавајќи дека овој индекс покажува оти државата привлекува повеќе нов капитал отколку што би се очекувало за нејзината економска тежина – дека остварените резултати во делот на странските инвестиции се над нашата категорија.
„Тоа е порака до инвеститорите и граѓаните: тука вреди да се инвестира, да се гради, да се остане. Тоа е јасен сигнал дека енергетската транзиција и индустрискиот раст се во фаза на реализација – не само план или парола. И да бидеме јасни: ова признание не е случајно. Градиме предвидливост. Ние сме кредибилна членка на НАТО. Се поврзуваме со европските коридори. Испраќаме порака дека нашата држава е сигурен и достоинствен партнер“, додаде министерот Муцунски.
На прес-конференцијата тој истакна и дека граѓаните очекуваат чесна држава и јасни правила, подобро платени работни места и пониски трошоци. Во таа насока, нагласи дека целта не е постигната и дека Владата го забрзува чекорот:
„Денес не велиме ‘целта е постигната’. Денес го забрзуваме чекорот. Поедноставуваме постапки, кратиме рокови, ги поврзуваме домашните компании со странските инвеститори, вложуваме во вештини за младите. И, најважно – создаваме систем во кој никој не е над законот, затоа што довербата е нашата најсилна валута за раст“, заклучи министерот.
Директорот Димоски, пред медиумите, истакна дека денешниот успех претставува признание за стратегијата, пристапот и политиките што ги спроведува Владата во областа на привлекувањето странски директни инвестиции, каде клучни приоритети се економскиот раст, креирањето нови работни места и привлекувањето инвестиции со висока додадена вредност за македонската економија.
„После само една година посветена и напорна работа, сведоци сме дека, според последниот извештај кој веќе десет години го подготвува ‘fDi Intelligence’, специјален истражувачки оддел на ‘Фајненшл Тајмс’, Македонија е рангирана на шестото место во светот во привлекувањето на странски инвестиции во однос на бруто домашниот производ“, истакна Димоски.
Тој потенцираше дека крајната цел е структурна промена во начинот на привлекување инвестиции – со фокус на квалитет и додадена вредност, наспроти квантитет и обем на проекти – што е суштинската разлика која ја издвојува нашата земја од многу други економии во минатото, но и моментално во регионот.
Економија
Мицкоски: Македонија е шеста држава во привлекување странски инвестиции по БДП

Ќе бидам прецизен за да не бидам погрешно разбран, зборувавме дека сме четврта економија во Европа. За жал се уште постојат такви кои на брутален начин лешинарски се обидуваат да дефокусираат, многу јасно и прецизно рековме тогаш дека станува збор за четврти најголем раст на БДП во Европа. Така и ова ние сме шеста држава по бројот, обемот и волуменот на странски инвестиции во светот според БДП, значи да бидеме прецизни, да не оставиме на овој тип на луѓе да го дефокусираат и ова, вели премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски додаде дека според Светската туристичка организација на ОН, Македонија е шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година.
„И исто така треба да кажеме дека Обединетите Нации секторот туризам објавуваше дека сме шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година. Тоа се параметри кои се добри и значајни. Дали тоа ќе се почувствува кај стандардот кај граѓаните, јас сум убеден дека тоа се случува, можеби доаѓа споро, но во периодот кој што следи ќе биде уште по изразено. Имајќи предвид дека без да имаме интервенционизам, популизам и без да имаме начин на кој што порано се зголемуваше просечната плата, ние го имаме истиот раст од 11, 12 и 13 проценти, што значи дека стандардот полека но сигурно доаѓа на свое место“, истакна тој.
„Примарна наша цел беше да се консолидираме како држава, ценам дека сме во таа состојба на консолидирање и сега е времето да се почне со раст, односно да се почувствува сето она за кое што денеска зборуваме. Затоа велам ако ние имаме раст на платите од 11, 12, 13 проценти на месечно ниво, а инфлација условно кажано во просек од 4 проценти, тогаш нето имаме зголемување од 7 проценти. Каква беше состојбата пред година ипол, две: Тогаш имавме просечна инфлација од 15,18, 20 проценти, и раст на платите кое што беше под нивото на инфлација, што значи дека стандардот беше во негатива, односно во минус, за разлика од сега кој е во позитива“, посочи премиерот Мицкоски.