Македонија
(Видео) Заев: Како родители сме должни да обезбедиме подобра иднина за нашите деца
Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, попладнево се обрати на граѓанска трибина во Крушево.
Пред жителите на градот, кои се собраа пред Македониумот, Заев истакна дека како што во 1903-тата нашите дедовци храбро се бореле и пролеале крв за нашата татковина, така сега од нас се очекува храбра одлука со која ќе ја осигураме иднината на Македонија.
„Еве ја Македонија, еве ги нашите деца, еве ги генерациите што доаѓаат после нас. Еве ја иднината на нашата земја. Зарем ова е малку да застанеме заедно? Заедно треба да застанеме сплотени, здружени, да си ги тргнеме на страна сите наши предрасуди. Политичарите доаѓаат и заминуваат. Македонија е таа којашто нè држи сите заедно овде, на земјата. Македонија е таа којашто е вредна да нè сплоти сите заедно. Децата наши, иднината наша. Ајде заедно да излеземе и да гласаме за европска Македонија“, им порача Заев на крушевчани.
Премиерот потенцираше дека одлуката што ја донел и договорот што го постигнал со Грција се вредни за генерациите кои доаѓаат. Бидејќи, како што рече, должни сме на нашите поколенија да им ја осигураме безбедноста, да им создадеме услови за квалитетен живот.
„Должност ни е како родители, почитувани возрасни, должност наша е заради нашите деца, заради нашата Македонија, заради генерациите коишто доаѓаат на 30 септември да излеземе и да гласаме ‘за’ европска Македонија. Секој глас ‘за’ е глас за иднината на нашите деца“, додаде премиерот и претседател на СДСМ.
Членството во ЕУ и во НАТО, како што рече тој, носи бенефит за Република Македонија од многу аспекти – се гарантира нејзината безбедност, се зголемуваат странските инвестиции, а со тоа растат и платите на граѓаните.
„Досега Македонија од 2014 до 2020 година има 680 милиони евра грантови или 94 милиони евра годишно грантови или 260 илјади евра дневно грантови. Со членство во ЕУ ќе имаме 8,5 милијарди, не 680 милиони – 8,5 милијарди евра грантови овде“, додаде Заев.
Повикувајќи ги граѓаните на 30 септември да гласаат „за“, премиерот рече дека само така ќе ја донесеме Европа во Македонија и сите ќе живееме во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Влен“: Со еден глас, Албанците го запечатија крајот на ерата на Ахмети!
„Изборите што ги нарекоа „референдум“ завршија како политички суд против оние што го држеа албанскиот народ како заложник 23 години со лаги и измами. Граѓаните јасно проговорија дека времето на манипулаторите е завршено“, велат од „Влен“.
„Двата круга од овие избори докажаа дека Демократската Унија за Интеграција е избришана од политичката карта на Северна Македонија. По две децении манипулација, оваа партија стана мала структура, без поддршка и без политички легитимитет.
Ова не го кажува ВЛЕН, го кажува слободниот глас на Албанците.
Во првиот круг, ВЛЕН убедливо победи во Чаир, Сарај, Арачиново, Желино и Теарце. Во вториот круг, Албанците ја запечатија промената во Боговиње, Дебар, Струга, Долнени и Тетово. Овие победи не се случајности, тие се отворено отфрлање на старата политика и потврда на вербата во новата политика.
Албанците точно знаат кој работи, а кој измамува, кој дели, а кој обединува.
Ова јасно гласање е крај на една ера и почеток на нова визија за албанската политика.
ВЛЕН го чита овој резултат како почеток на политика на одговорност, мерена со работа, понизност и почит кон граѓанинот. Нема да зборуваме за губитниците бидејќи Албанците веќе проговорија“, соопштија од „Влен“.
Македонија
Делови од пет скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од село Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
· од 08:30 до 12:30 часот, корисниците од дел од ул. Димче Милошевски. (Општина Гази Баба)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од ул. 1 во с. Сопиште. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Димитар Мирсачев. (Општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во околината на ул. Леринска бр. 3. (Општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне слаба магла, попладне повремени врнежи од дожд
Променливо облачно, претпладне по одделни котлини со појава на магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината со појава на слаба магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време, по одделни котлини со појава на утринска магла. Во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Дневната температура ќе опадне за неколку степени. Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во деновите од следниот викенд.

