Вести
САД: Водечките републикански претседателски кандидати имаа проблеми на новото тв соочување

Двајцата водечки кандидати за номинацијата на Републиканската партија за американските претседателски избори во 2016 година, милијардерот Доналд Трамп и пензионираниот неврохирург Бен Карсон, имаа проблеми, во телевизиското соочување со другите ривали ноќта кон четвртокот, да ги одбранат своите економски проекти при што трпеа главно напади од другите кандидати.
Коментаторите забележуваат дека во текот на телевизиската расправа на виделина излезе парадоксот на републиканските предизбори, имено кандидатите кои често успешно ги извршувале политичките должности, се наоѓаат далеку зад двете личности без политичко искуство, но кои ја восхитуваат конзервативната база со своите говори против естаблишментот. Само овие двајца, Доналд Трамп и Бен Карсон кој минатата седмица првпат во анкетите го мина првиот и е единствениот афроамерикански кандидат за претседател на САД, ја носат околу половината од целените гласови на републиканците, три месеца пред почетокот на предизборите во февруари 2016 година.
Меѓутоа, во извештаите се заклучува дека сите кандидати покажале голена борбеност во текот на третото телевизиско соочување во сезоната, коешто го организираше телевизиската мрежа CNBC на Универзитетот Колорадо во Булдер.
Доналд Трамп, кому деловното искуство му е главен аргумент во кампањата, беше нападнат е поради нереалните предлози, особено за големото намалување на даноците и изградба на ѕид за спречување на имигрантите кон границата со Мексико. „Можно е дека само што не избравме некој целосно неспособен за таа работа“, изјави Џон Кесич, популарниот гувернер до сојузната држава Охајо кој ги осуди „фантазиите“ на своите ривали.
Бен Карсон, пензионираниот неврохирург од Флорида, исто така, имаше тешкотии да го оправда својот предлог за единствена даночна стапка од 10 отсто „според моделот на доброволни прилози во црквите“. Без политичко искуство, на почетокот од дебатата призна дека неговата најголема слабост е тоа што „всушност не се гледал себеси на таа позиција, сé додека стотици илјади лица не почнале да го наговараат да се впушти во тоа“.
Историјата покажува дека испитувањето на јавното мнение во оваа фаза од кампањата не го предвидува исходот на идните избори. Кандидатите коишто водеа на предизборите во истата фаза во 2007 и во 2011 година загубија, но укажуваат на популарноста на „аутсајдерите“.
Вистинско соочување меѓу двајцата водечки републикански кандидати не се случи, бидејќи Карсон, кои е премногу дискретен, им порача на гледачите дека нема да одговара на провокации, за коишто инаку е „задолжен“ Трамп.
Но затоа, пак, вистинска битка се водеше меѓу двајцата сојузници сенаторот од Флорида, Марк Рубио и поранешниот гувернер на истата сојузна држава Џеб Буш, негов некогашен спонзор во политиката. Првиот бележи подем, додека вториот падна на четвртокот место во анкетите. Наследникот на династијата Буш, син и брат на двајца поранешни американски претседатели, на сенаторот Рубио му приговори за неговото отсуство од Сенатот, но според коментаторите не успеа позначително да му наштети.
Следното републиканско телевизиско соочување треба да се одржи на 10-ти ноември./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.