Македонија
Хуманитарен пикник на „Алкалоид“, средствата ќе бидат донирани за лицата со ретки болети
Позиционирајќи ја општествената одговорност на врвот од агендата на своето делување, „Алкалоид АД“ Скопје и годинава ја продолжи хуманата мисија чија главна цел е подобрување и унапредување на позитивните општествени вредности.
Осми пат по ред, големото алкалоидово семејство ја продолжи традицијата наречена хуманитарен пикник за вработените, членовите на нивните семејства и/или нивни пријатели.
На годинешниов хуманитарен хепенинг спроведен под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ чиј основач е компанијата „Алкалоид“, собрани се над 1.050.000 денари. Собраните средствата ќе бидат донирани во здужението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“.
„Осма година по ред, големото семејство алкалоидовци ја покажа својата хуманост на дело. Околу три илјади наши пријатели и вработени, го донесоа своето добро расположение во една заедничка мисија: поддршка на здружението за ретки болести ‘Живот со предизвици’. Се проценува дека постојат околу 8000 различни ретки болести. Во Европа, 30 милиони лица се под влијание на ретка болест, а според таквите статистики, во Македонија има околу 120.000 лица кои се афектирани од ретка болест. Ниту еден систем, ниту една индивидуа не може да се справи сама со предизвиците кои ги носат ретките болести. Затоа, годинава одлучивме нашиот традиционален донаторски хепенинг да го поддржи здружението кое се справува со проблемите на поединци соочени со ретки болести“, истакна Живко Мукаетов, Генерален директор на „Алкалоид“ и Претседател на фондацијата „Трајче Мукаетов“.
Здружението „Живот со предизвици“ – основано во 2009 година од страна на родители и пациенти со ретки болести. Членка е на: Европската Организација за Ретки Болести EURORDIS , Европската Гоше Алијанса EGA, Алијанса за Миелодиспластичен Синдром MDS Alliance, Алијансата на Пациентски Организации IAPO, Националната Алијанса за Ретки Болести на Р. Македонија и слични.
Претседателката на здружението, Весна Алексовска, која и самата храбро чекори со предизвикот наречен ретка болест истакна: „Со оваа донација ќе можеме да ги зголемиме напорите за помош и поддршка на семејствата кои се соочуваат со ретки болести во Македонија преку таканаречената ‘Линија за помош’ која неформално ја одржуваме веќе три години. Имајќи ги предвид драгоцените фактор ‘време’ и ‘релевантна информација’, по примерот на Европските земји и на нашите соседи Хрватска и Србија, донацијата од ‘Алкалоид’ ќе ја искористиме за формализирање на оваа т.н. ‘Линија за помош’. Преку истата, планираме организирано да им помагаме на луѓето со ретки болести во нашата земја, најнапред со навремена, точна и соодветна информација, потоа со нивно поврзување и насочување со цел да ги остварат своите здравствени и социјални права. Ќе продолжиме да се бориме за подобрување на квалитетот на живот на луѓето со ретки болести. Да имаш ретка болест значи да се соочиш со стравот, да ја прегрнеш надежта и да се бориш за иднината. Кога имаме поддршка од заедницата нашата работа е полесна. Благодариме што имате слух за предизвиците на оваа ретка група на граѓани“.
Годинава, маичките кои претставуваа официјален дрес код на настанот беа дизајнирани од познатиот македонски уметник „ТиноСки“. Лајтмотивот на истите беше: „Љубов е сѐ што ни треба“ – подадена рака и почит за сите поединци кои се соочуваат со стравот, неизвесноста, лутањето, паниката, очајот, пресвртите и превратите во борбата со ретките болести.
Традиционалниот хуманитарен хепенинг на „Алкалоид АД Скопје“ претставува празнување на најдоблесните човечки одлики: хуманоста и човечката солидарност. Хуманата мисија како еден од темелите врз кои „Алкалоид“ расте и се развива полни 8 децении ќе продолжи и во иднина, позиционирајќи ја општествената одговорност на врвот на приоритетите на „Алкалоид АД“ Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата каде се отфрлаат и поништуваат сите аранжмани и политики на владата на Заев поврзани со мигрантите
„ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратениците од коалицијата, поднесе до Собранието на Република Македонија, Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Поради ширењето страв и паника кај населението, од страна на СДС и грубата политичка пропаганда од страна на опозицијата, со конструкции лаги и измислици во однос на измислената тема од страна на СДС за мигрантите, ВМРО-ДПМНЕ поднесе Резолуција со која се осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии за наводно постоење договори, политики или активности поврзани со прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови.
Со Резолуцијата се утврдува дека ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на сместување мигранти на територијата на општините во државата и дека такви активности не се и нема да бидат дел од владините политики.
Со Резолуцијата се отфрлаат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада на Зоран Заев, поврзани со создавање кампови за прием и нега на мигранти, кои беа спротивни на националните и државните интереси и ја изложуваа државата на безбедносни и општествени ризици.
Воедно се повикуваат сите политички субјекти и јавните чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат јавниот ред и мир.
Со Резолуцијата се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови и се воспоставува јасна, недвосмислена и непроменлива државна политика против нелегалната миграција.
Со оваа Резолуција се потврдува дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат да се преговара за мигранти. ВМРО-ДПМНЕ се грижи за безбедноста и сигурноста на граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Граѓаните ќе стават крај на криминалот и корупцијата на ДПМНЕ!
„АКТ откри корупциска мрежа, систем преку кој милиони евра пари на граѓаните завршуваат кај фирми блиски до власта преку наместени тендери. Додека тече грабеж на народот каснат исплатите за породилното, доцни поврат на ДДВ, доцни социјалната помош, се намалува буџетот за болните од ретки болести, нема пари за поголеми плати и пензии“, соопшти СДСМ.
„Граѓаните едвај врзуваат крај со крај а власта се богати преку наместени тендери и сомнителни зделки.
Само една фирма добила дури 161 тендер, во вредност од 5,3 милиони евра. Втора фирма инкасирала 9 милиони евра со двајца вработени и отворена лани.
Ова е организирано испумпување на граѓаните на кое мора да му се стави крај! АКТ најавува нова дигитална платформа нова алатка во борбата против корупцијата и криминалот.
Граѓаните ќе стават крај на криминалот и корупцијата. Власта ќе ја вратиме назад во рацете на граѓаните.
Не е крај кога ќе каже Мицкоски туку обратно, граѓаните кажуваат кога е крај! Тоа на сите нека им биде јасно! Сите ќе одговарате! Работата не е завршена“, се вели во соопштението на СДСМ.
Македонија
„Влен“: Правичната застапеност добива европски печат и наскоро ќе влезе во Парламентот
„ВЛЕН затвора еднаш засекогаш едно од најголемите поглавја на политичката измама против Албанците: прашањето за правична и соодветна застапеност. Новиот закон за правична и соодветна застапеност е најјасен доказ дека она што две децении се користеше како слоган, алиби и алатка за политичка уцена, денес станува законски, мерлив и применлив стандард“, велат од „Влен“.
„За прв пат, правичната застапеност не останува заложник на политичката волја на владите, партиските пазарења или изборните манипулации, туку е регулирана со јасен, обврзувачки и надгледлив закон. Со овој закон, ВЛЕН ја затвора клучната алка на Охридскиот Договор.
Фактите се неоспорни: Венецијанската комисија, највисокиот европски орган за уставни и правни прашања, исто така даде позитивно мислење за истиот закон. Ова дефинитивно ја побива пропагандата на ДУИ, која со години зборуваше за застапеност, но никогаш немаше храброст, волја и политичка чесност да ја регулира со закон.
ВЛЕН го направи она што другите само го ветуваа. Денес, правичната и соодветната застапеност се трансформира во правен механизам што гарантира вистинска еднаквост, транспарентност и правда за сите граѓани, без оглед на припадноста и без партиски посредници.
Се очекува законот наскоро да влезе во собраниска процедура, а ВЛЕН ги повикува сите пратеници, без исклучок, да се вратат на разумот, одговорноста и јавниот интерес. Ова не е партиски закон, туку закон за еднаквост, закон за правда и закон за европската иднина на земјата“, соопшти „Влен“.

