Македонија
НБМ понуди на аукција благајнички записи во износ од 22 милиони
Комитетот за оперативна монетарна политика при централната банка на Македонија (НБРМ) одлучи на аукцијата да бидат понудени благајнички записи на ниво од 22.000 милиони денари, со непроменета каматна стапка од 4 отсто, откако на состанокот во вторникот на кој беа азгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика при што беше оценето дека на економските и на финансиските услови покажа дека постојната монетарна поставеност е соодветна.
На истата седмица, како што информираа во средата од кабинетот од гувернерот на НБРМ, беше оценето дека затегнувањето на монетарната политика на почетокот на мај, засега, е доволна реакција за притисоците на девизниот пазар и врз депозитната база на банките, предизвикани од домашни фактори од неекономски карактер. Притоа, во последниот период, видливи се знаци на стабилизирање на очекувањата и довербата на економските субјекти, а оцените за здравоста на економските фундаменти и понатаму се позитивни.
Податоците за економската активност упатуваат на натамошен раст на активноста во домашната економија, којшто според проценетите податоци за БДП за првиот квартал изнесува 2 отсто. Позитивни остварувања се забележани во речиси сите дејности. Сепак, ова темпо е побавно во однос на досегашното темпо на раст, но и во однос на последните проекции на НБРМ.
Високофреквентните податоци за април, во најголем дел, упатуваат на задржување на економската активност во зоната на позитивни стапки на промена. Сепак, треба да се има предвид дека овие оцени се засноваат врз мошне мал број расположливи податоци, а домашните неекономски фактори поврзани со политичките случувања во земјата дополнително ја зголемуваат неизвесноста околу остварувањата и оцените за економската активност во вториот квартал.
Во однос на инфлацијата, просечната годишна промена на домашните потрошувачки цени во април се задржа во негативната зона, при пониски цени на храната и енергијата. Од друга страна, базичната инфлација и натаму умерено се зголемува. Вкупната инфлација засега се движи во рамки на проекциите, а ризиците околу проекцијата до крајот на годината и натаму се поврзани со променливоста на очекувањата за промените на светските цени на енергијата и храната.
Последните податоци за девизните резерви, заклучно со средината на јуни, покажуваат квартално намалување. Главен фактор за намалувањето на девизните резерви во овој период се интервенциите на НБРМ на девизниот пазар, како реакција на зголемената побарувачка за девизи, во услови на нестабилен политички амбиент.
Од 19-ти април до 23-ти мај, НБРМ интервенира на девизниот пазар со продажба од 129 милиони евра, со што го затвори јазот меѓу побарувачката и понудата на девизи и ја одржа стабилноста на девизниот курс. Во мај, мерките на Народната банка за справување со шпекулациите околу стабилноста на курсот на денарот придонесоа за постојан пад на побарувачката на девизи од физичките лица, којашто постепено се враќа кон вообичаеното преткризно ниво.
Во такви околности, побарувачката на девизи од физичките лица во мај беше пониска за околу 30 отсто од вкупната побарувачка за април. Од последната недела на мај досега, девизниот пазар е стабилен, речиси и без потреба од интервенции на НБРМ, што упатува на значително стабилизирање на очекувањата и довербата на економските субјекти и намалување на склоностите за располагање со девизи. Анализата на Ванката на сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажува дека тие и натаму се движат во сигурната зона.
Неизвесниот домашен амбиент се одразува и врз депозитната база на банките, којашто во април забележа значителен пад од 2,2 отсто на месечна основа, речиси подеднакво распределен помеѓу депозитите на корпоративниот сектор и депозитите на домаќинствата. Првичните податоци за мај покажуваат натамошен тренд на намалување на депозитите, но многу послабо во однос на април, при што од дневните податоци за втората половина на мај и првата половина од јуни се забележува значително стабилизирање на депозитната база. Ова упатува и на стабилизирање на согледувањата на економските субјекти.
Во однос на кредитниот пазар, во текот на април и мај, вкупните кредити на приватниот сектор се задржаа на релативно стабилно ниво, при раст на кредитите кај населението и намалување на кредитите кај корпоративниот сектор. Стагнацијата на кредитите во еден дел веројатно е реакција на неизвесниот амбиент и падот на депозитната база, но во еден дел и одраз на отписот на достасани, ненаплатени побарувања, согласно со одлуката на НБРМ донесена во декември 2015 година.
Намалувањето на ликвидноста, главно врз основа на интервенциите на Народната банка на девизниот пазар, услови висока побарувачка на банките за ликвидни средства на пазарите на пари, каде што прометот достигна највисоко месечно ниво од јули 2014 година наваму. Пазарните каматни стапки, и покрај зголемената побарувачка за ликвидност, се задржаа на релативно стабилно ниво.
На меѓународните финансиски пазари во мај имаше постабилни движења, при намалена неизвесност за глобалниот економски раст и поддршка од страна на монетарните политики на најголемите централни банки. На состанокот на Европската централна банка беше потврдено дека каматните стапки би се одржувале на тековното или на пониско ниво, а проекциите за економскиот раст и за стапката на инфлација во 2016 година беа умерено нагорно ревидирани. Ставовите на централната банка на САД и поволните макроекономски показатели доведоа до засилени очекувања за раст на каматните стапки во следниот период, коишто се намалија со објавата на послабите показатели за пазарот на труд од очекувањата.
Економските и финансиските услови, како и оцената на постоечките ризици покажуваат дека постојната монетарна поставеност е соодветна. Последните податоци покажуваат значително стабилизирање на движењата по преземањето мерки од страна на НБРМ. Сепак, неизвесноста поврзана со домашните политички случувања и со глобалното окружување е сѐ уште присутна.
НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи соодветни промени во монетарната политика за успешно остварување на монетарните цели./крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Спасовски: Со минимална плата од 600 евра ја штитиме егзистенцијата на граѓаните, прифатете го Законот
„Со континуираниот раст на минималната плата, државата го штити и вреднува трудот на работниците. Предлог-законот за минимална плата, во износ од 36.960 денари, претставува продолжение на континуираниот раст на минималната плата, што започна системски во 2017 година и кој во изминатите години значително го подобри животниот стандард на работниците со најниски примања“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната комисиска расправа .
Тој посочи дека, и покрај законскиот механизам за усогласување на минималната плата со растот на просечната плата и трошоците за живот, реалноста покажува дека динамиката на поскапувањето ја надминува динамиката на законското усогласување.
„Најзасегнати од ова се граѓаните кај кои минималната плата е единствен извор на приход. Со овој закон предлагаме утврдената минимална плата од 36.960 денари со цел да се зачува реалниот животен стандард и да се обезбеди достоинствен надомест за трудот на сите работници“, додаде Спасовски.
Тој посчи дека дека средствата за спроведување на законот, предвидени во износ од 7,5 милијарди денари, ќе се обезбедат преку пренамена во рамките на постојниот буџет, без зголемување на дефицитот и без ново задолжување.
„Станува збор за одговорна и внимателно планирана пренамена која обезбедува високи примања на работниците, а при тоа ја зачувува и финансиската стабилност на државата. Минималната плата е показател на тоа колку едно општество го вреднува трудот на работниците. Таа е прашање на социјална правда, економска стабилност и човечко достоинство. Ако трошоците за живот растат, платите мора да го следат тој раст“, рече Спасовски.
Тој повика на единство во носењето на законот: Барам од сите колеги, без разлика на политичката припадност, да застанеме заедно во носењето на ова законско решение. Со тоа испраќаме порака дека го слушаме гласот на работниците и синдикатите и дека обезбедуваме егзистенција за граѓаните.
Економија
(Видео) Битиќи: Минималната плата од 600 евра не е привилегија, туку право на работниците
Зголемувањето на минималната плата на 600 евра не е никаков каприц, туку барање за социјална нормалност, а без оваа законска интервенција, оваа нормалност може да биде само политичка привилегија. Кога велиме 600 евра минимална плата, ние не велиме државата да продолжи да биде пасивен набљудувач и работите во економијата да се движат по инерција. Бараме платата да се зголеми, а Владата да си ја преземе одговорноста, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната комисиска расправа во Собранието за предлог-законот за зголемување на минималната плата.
Битиќи остро ја критикуваше Владата за продлабочувањето на сиромаштијата, слабата контрола врз цените и отсуството на вистински социјален дијалог околу минималната плата од 600 евра. Тој предупреди дека растот на трошоците директно ја нагризува куповната моќ на граѓаните.
„Оваа динамика ни кажува едноставно дека куповната моќ се јаде одвнатре, односно постои изразена тенденција сиромаштијата системски да е толерирана. Во овие услови, Владата нема право да зборува за одржливост кога се отвора темата за плати, а да молчи за сопствените институционални потфрлања што директно ја гушат економијата“, појасни Битиќи.
Тој посочи дека наместо да преземе одговорност, Владата го префрла товарот врз работниците и синдикатите.
„Се соочуваме со последователно множество на институционални слабости што го креваат стопанството на колена, а потоа Владата им држи лекција на работниците и фирмите да се договорат, праќајќи порака дека од нејзината страна нема простор за достоинствени плати.“, рече пратеникот на СДСМ.
Во однос на социјалниот дијалог, Битиќи беше дециден:
„Трошоците на живот растат, синдикатите бараат решение, а одговорот што го добиваат е одложување, игнорирање и политичка острина кон барањата на работниците. Во таква клима, социјалниот дијалог не се одржува, туку се задушува. 600 евра минимална плата е линија под која државата не смее да се повлече. Цените и трошоците веќе покажаа дека сегашните политики на Владата произведуваат работничка сиромаштија. Да не го оставаме работникот сам да се бори со инфлацијата и слабата контрола на државата. Достоинството не се одложува, туку мора да се гарантира.“, заклучи Фатмир Битиќи.
Економија
Скопскиот аеродром ја доби наградата за квалитет на аеродромските услуги „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми
Аеродромот во главниот град на Македонија ја добива наградата ASQ по 11-ти пат. Ова признание се базира целосно на повратните информации од патниците преку анкетата ASQ што ја пополнуваат додека чекаат да се качат во авион.
Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП и оваа година ја доби престижната награда за квалитет на аеродромските услуги (ASQ) за 2025-та година за „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми(ACI).
Наградата која скопскиот аеродром ја добива по 11 пат е уште едно признание од патниците во заминување кои што ги пополнуваа анкетите за задоволство од квалитетот на аеродромските услуги, преку кои се мерат клучните индикатори како што се ефикасноста на пријавувањето на патници и багаж (чекирањето), безбедносната проверка, снаоѓањето низ аеродромот, како и целокупната леснотија при движење низ аеродромот.
Ова континуирано меѓународно признание е уште еден доказ за посветеноста на вработените на аеродромот кон квалитетот на услугите, грижата за патниците и постојаното унапредување на стандардите во работењето. А наградата, која се темели на оценките од патниците, покажува дека скопскиот аеродром ги исполнува нивните очекувања.
„ Добивањето на наградата за квалитет на аеродромските услуги за патничко искуство за 2025 година, во категоријата Најпријатно аеродромско искуство во Европа од Меѓународниот совет на аеродроми е значајно достигнување за Меѓународниот Аеродром Скопје и ТАВ Македонија.
Признанието по 11-ти пат ја покажува конзистентноста на нашата оперативна извонредност и нашата постојана посветеност на квалитетни аеродромски услуги. Во 2025 година, исто така, достигнавме историски успех со тоа што услуживме рекордни над 3 милиони патници – што го прави ова достигнување уште позначајно.
Оваа награда, целосно заснована врз повратните информации од патниците преку програмата за квалитет на аеродромските услуги, го потврдува нашиот стратешки фокус на ефикасност, сигурност и патничко искуство.
Изразувам искрена благодарност на сите вработени, партнери и патници на Меѓународниот Аеродром Скопје. Во ТАВ Македонија, ние остануваме целосно посветени на обезбедување беспрекорно, висококвалитетно патување и континуирано подобрување на нашата работа“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Џастин Ербачи, генерален директор на ACI World, изјави:
„Добивањето на ASQ наградата за квалитет на аеродромските услуги од ACI ја потврдува континуираната посветеност на Меѓународниот Aеродром Скопје да ги слуша своите патници. Ова признание ја одразува вашата заложба за постојано унапредување и обезбедување исклучително патничко искуство за сите патници“.
Меѓународниот Aеродром Скопје припаѓа во ASQ панел од 20 аеродроми, во категоријата аеродроми во Европа со големина од 2 до 5 милиони патници годишно. Покрај Меѓународниот Aеродром Скопје, другите аеродроми во овој панел се аеродроми во Италија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Естонија како и уште два аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, аеродромот во Загреб и Тбилиси во Грузија.
Досега, за 2012, 2015, 2013 и 2018 Меѓународниот Аеродром Скопје ја доби ASQ наградата – Најдобар аеродром во Европа во големината до 2 милиони патници, додека за 2019, 2020, 2021, 2022, 2023 и 2024 аеродромот ја доби ASQ наградата, но во големина од 2 до 5 милиони патници годишно, врз основа на порастот на бројот на патници кој автоматски овозможи да се натпреварува со таа група на аеродроми во регионот на Европа.

