Македонија
(Видео) Баздникин: Македонските гласачи не излегоа бидејќи се против одлука што се обидуваат да ја наметнат од надвор
Сергеј Александрович Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија, во интервју за „Спутник“ изјави дека факт е дека референдумот во Македонија е неважечки.
Според него, референдумот како демократска форма на изразување на волјата на граѓаните е во ред. Но, како што истакнува тој, факт е дека на референдумот во Македонија на кој се гласаше за спроведување на договорот со Грција за промена на името на Македонија и членството на земјата во ЕУ и НАТО гласаа само 36,9 отсто од населението.
„Се разбира, ние многу внимателно го следевме текот и резултатите од референдумот што се одржа во Македонија. Сега веќе е сосема јасно дека македонските гласачи не излегоа бидејќи се против одлуката што се обидуваат да ја наметнат од надвор. Очегледно е дека огромното мнозинство, речиси две третини од граѓаните не сметаат дека договорот од Преспа меѓу Грција и Македонија е најдобар инструмент за надминување на разликите што постојат околу државното име Македонија”, рече рускиот амбасадор.
Амбасадорот Баздникин додава дека, имајќи предвид дека на референдумот излегоа само 36,9 отсто од гласачите со право на глас, а требаше да излезат 50 отсто плус еден гласач, резултатите од гласањето потврдија дека референдумот е неважечки.
„Русија, како постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, внимателно го следи процесот на решавање на овој проблем и нашата принципиелна позиција останува непроменета – долгорочното решение може да се најде само кај граѓаните, без наметнување надворешни фактори, строго во рамките на уставно-правниот поредок. Тоа мора да се базира на широка јавна поддршка и мора да биде врз основа на принципите и нормите содржани во Повелбата на Обединетите нации”, додаде тој.
Амбасадорот додава и дека Русија не излегла со какви било јавни изјави во врска со референдумот, со цел тоа да не се толкува како обид да се влијае на резултатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

