Македонија
„Ќе гласам према народот“ – Панчо Минов за уставните измени

Пратеникот од ГРОМ, Панчо Минов, за „Макфакс“ одговори дека за уставните измени во Собранието ќе гласа така како што гласал народот. На прашањето дали ќе гласа за уставните измени со кои треба да се примени договорот од Преспа, Минов кратко одговори: „Према народот, како?!“
На дополнително прашање дали тоа значи дека нема да гласа за промената на Уставот во Собранието, Минов само дополни „Вие ме прашавте, јас ви одговорив“. Минов рече дека до денеска власта не го консултирала во обидот да го убеди да гласа за уставните промени за договорот со Грција. Минов, кој беше избран за пратеник на изборите во 2016 како дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, беше против Законот за употреба на јазиците.
„Макфакс“ го консултираше пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, но тој не одговори на телефонскиот повик. Тој беше избран за пратеник на парламентарните избори во 2016 година од АВАЗ во коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Заменик- министерката Трајков порача: Да го реализираме сонот за европска Македонија

„Евроинтеграцискиот процес е еден од врвните приоритети на Владата, приоритет на кој што посветено работиме. Пред нас имаме зацртано една цел-а тоа е да сториме се што е можно за да го реализираме сонот за европска Македонија!“, истакна заменик-министерката за европски прашањa, Викторија Трајков, во своето обраќање на денешната панел дискусија Патот на Македонија кон ЕУ-предизвици и можности во 2025 година, во организација на Австриската амбасада во Скопје и Академијата за европски интеграции.
Заменик- министерката Трајков порача дека со реализацијата на европската агенда и имплементација на реформите ќе се олесни пристапниот процес во ЕУ.
„Свесни сме дека Унијата од нас очекува конкретни резултати и затоа сме подготвени да го вложиме нашиот целокупен човечки и институционален потенцијал за час-поскоро да станеме дел од европското семејство. Изморени сме од ветувања и од условувања преку коишто не сме подготвени да преминеме. Новата Влада постави црвена линија. Црвената линија е нашиот македонски идентитет, кој нема да дозволиме да биде обременет со билатерализација. Но, иако, предолго и неправедно сме во чекалната на ЕУ, ние немаме друг избор освен да продолжиме цврсто напред“, рече заменик-министерката за европски прашањa, Викторија Трајков.
На настанот кој се одржа во скопски хотел зборуваа амбасадори, европски пратеници и докажани меѓународни експерти. Дебатата ја отвори и модерираше професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“-Скопје, проф.д-р Васко Наумовски, кој е поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор во САД, а меѓу говорниците беше и Н.Е. Мартин Памер, австриски амбасадор во Македонија.
На дискусијата свои пораки за предизвиците на ЕУ испратија и Марија Бергер, судијка од Европскиот суд на правдата, пратеникот од Европскиот парламент Клаус Волфер кој е поранешен директор за Југоисточна Европа и проширување на ЕУ во МНР на Австрија. На дебатата учествуваше и Герхард Јарош, раководител за меѓународно кривично право во LGP Group и поранешен заменик главен обвинител во Виена.
Македонија
(Видео) „Наместо Младински центар, во центарот на Прилеп сведоци сме на сцени од хорор филмови“, велат СДСМ Прилеп

„Некогашната Виша економска школа, локацијата на која согласно изборната програма на ДПМНЕ и Борче Јовчески, требаше да се отвори Младински центар. Но наместо Младински центар, во центарот на Прилеп сведоци сме на сцени од хорор филмови“, рече Бојан Цветаноски, претседател на ЛК СДММ-Прилеп.
„Којзнае кое по ред нереализираното изборно ветување и сцените кои ги гледате, се вистинската слика за четиригодишното владеење на локалната власт на ДПМНЕ – излажани граѓани, изневерени очекувања, распаднати институции.
Не само што изборното ветување прерасна во нова лага, туку ДПМНЕ и Јовчески го прекршија Законот за младинско учество и младински политики.
Имено, од донесувањето на Законот во јануари 2020 година, општините беа должни во рок од 5 години да овозможат функционирање на најмалку еден Младински центар на својата територија.
Пет и пол години подоцна, општина Прилеп е меѓу малкуте во државата и единствена во регионот која не ја исполнила законската обврска.
Советничката група на СДСМ и Локалниот клуб на СДММ во повеќе наврати поднесуваа амандмани и иницијативи за пренамена на еден од постоечките објекти во општина Прилеп во Младински центар. Но советниците на ДПМНЕ и градоначалникот Јовчески сите нив ги одбија.
Последиците од владеењето на ДПМНЕ ги гледаме на секој чекор. Младите се најголемата жртва на неспособната општинска власт и затоа нивното забрзано заминување од градот никого не треба да чуди.
Сликите кои ги гледате се најдобра потврда дека актуелната власт на ДПМНЕ е најголемата елементарна непогода која било кога ја зафатила општина Прилеп“, изјави Бојан Цветаноски, претседател на ЛК СДММ-Прилеп.
Македонија
„Нема полицемерно од тоа СДС и Филипче да поднесат закон за Кочани, тоа не е ништо друго, освен исмевање на народот во очи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„СДС и Венко Филипче за седум години власт во Македонија, ја уништуваа, назадуваа и ја разградуваа државата до степен да не може да препознае. СДС и Филипче се причината и лично одговорните за разурнатиот државен систем. Со секој изминат ден СДС и Венко Филипче се повеќе ја покажуваат својата неспособност, лицемерие и дволичност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во нив нема ништо искрено, тие го потценуваат и во лице му исмеваат на народот. Таков е и примерот со поднесувањето на закон за Кочани.
Нема полицемерно од тоа СДС и Филипче да поднесат закон за Кочани, затоа што тоа е исто како да поднесат закон за Модуларната болница во Тетово или за враќање на името.
Поднесување на предлог закон за настраданите во Кочани, не е ништо друго, освен исмевање на народот во очи.
До каде може да оди апсурдот и лицемерието на СДС и Филипче, што е следно? Дали е следно СДС и Филипче да поднесат и закон за враќање на името, закон за Модуларната, или пак закон за Онкологија, за пациентите кои ги оставија со вода место со лек?
Можеби, пак, на Филипче и СДС ќе им текне да поднесат и закон за потекло на имотот на Зоран Заев, или пак закон за поништување на последните измени на Кривичниот закон, со помош на кои се спасија од прогон.
Со ова, СДС и Венко Филипче уште еднаш покажаа и докажаа дека кај нив ништо не е сменето. Таму сè уште останува истиот лицемерен пристап и матрица на потценување и исмевање на граѓаните.
Тоа е истата онаа партија и во неа се истите луѓе кои сменија име, беа причина за Беса транс, Ласкарци, Модуларната, Онкологија и десетици други трагедии, а за истите ниту чувствуваа никаква вина и грижа на совест, ниту пак за истите понесоа никаква одговорност.
СДС и Филипче не се, и не можат да бидат решението, затоа што тие се проблемот. СДС и Венко Филипче остануваат синоним на лицемерието, неспособноста, на криминал и предавства“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ