Европа
Се запали литвански ферибот со повеќе од 300 патници на Балтичко Море
Во Балтичкото Море имаше силна експлозија на еден ферибот, по што избувна пожар. Како што е соопштено од страна на РТ, на фериботот има околу 335 патници и членови на екипажот, кои сега се заробени на море.
Литванскиот ферибот Regina Seaways се движел од германскиот град Кил во литванската Клаипеда, кога се случи експлозија во машинскиот оддел. Бродот се наоѓа на оддалеченост од 135 километри од Калининград, руската енклава на Балтичкото Море.
Операцијата за спасување веќе е започната и во неа учествуваат руски и литвански спасувачи кои со бродови и хеликоптери се упатија кон фериботот, соопшти РТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Покојниот египетски милијардер обвинет за силување, во Британија ги истражуваат помагачите
Британската полиција соопшти дека започнала истрага за тоа дали луѓето поврзани со починатиот египетски милијардер Мохамед ал-Фајед помогнале во наводното силување и сексуален напад на женски персонал во неговата стоковна куќа „Хародс“ во Лондон.
Документарен филм на Би-Би-Си во септември објави дека Ал-Фајед, кој почина минатата година на 94-годишна возраст, сексуално ги злоставувал женските вработени, ги принудувал на медицински прегледи и им се заканувал со последици доколку се обидат да се спротивстават.
Ал-Фајед ги негираше сличните обвинувања пред неговата смрт.
„Оваа истрага има за цел да им даде глас на преживеаните, и покрај фактот дека Мохамед ал-Фајед повеќе не е жив за да се соочи со кривично гонење.
Меѓутоа, сега ги истражуваме сите лица осомничени за вмешаност во неговите злосторства и се залагаме за барање на правдата“, рече командантот Стивен Клејман од лондонската Метрополитен полиција во соопштението во средата.
Тој не кажа колку лица се под истрага.
Адвокатите кои ги застапуваат жртвите рекоа дека злоупотребата се случила не само во Хародс, туку и на други локации поврзани со деловната империја на Ал-Фајед, како фудбалскиот клуб Фулам, хотелот Риц Париз и неговиот имот во Сари, истакнувајќи дека повеќе од 400 луѓе се јавиле .
Според документарецот на Би-би-си, Хародс не интервенирал, туку помогнал да се прикријат наводите за злоупотреба додека Ал-Фајед бил сопственик.
Европа
Голем руски напад врз украинските електрани, експлозии низ целата земја
Експлозии утрово одекнаа во украинските градови Одеса, Кропивницки, Харков, Ривне и Луцк, објавија украинските медиуми Зеркало Тижња и Суспилне, наведувајќи дека станува збор за напад со руски крстаречки проектил.
„Енергетската инфраструктура повторно е цел на масовен непријателски напад“, напиша на Фејсбук украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко.
Thursday morning in Kyiv – our Thanksgiving Day – we awoke to air raid sirens and from the bunker we see the whole country is red from the threat of missiles from Russia as Ukraine’s energy infrastructure is currently under attack. pic.twitter.com/zKaNUdKPqS
— Ambassador Bridget A. Brink (@USAmbKyiv) November 28, 2024
„Непријателот продолжува да го напаѓа Харков со проектили“, напиша градоначалникот Ихор Терехов на апликацијата за пораки Телеграм.
Гувернерот на регионот Одеса, Олех Кипер ги повика жителите да останат во засолништа.
Европа
Шефот на германското разузнавање: НАТО може да го активира членот 5 поради руските саботажи
Руската саботажа на западни цели на крајот може да го поттикне НАТО да размисли за повикување на клаузулата за заемна одбрана од членот 5 на Алијансата, изјави шефот на германската служба за надворешно разузнавање (БНД).
Говорејќи на настанот на тинк-тенк ДГАП во Берлин, директорот на БНД, Бруно Кал, рече дека очекува Москва дополнително да ја зајакне својата хибридна војна. „Широката употреба на хибридни мерки од страна на Русија го зголемува ризикот НАТО на крајот да размисли да се повика на клаузулата за заемна одбрана од член 5“, посочи тој.
„Истовремено, зголемувањето на рускиот воен потенцијал значи дека директен воен конфликт со НАТО станува една од можните опции за Кремљ“, оценува тој. Според член 5, доколку е нападната членка на НАТО, другите членки на алијансата се должни да и помогнат да одговори.
НАТО и западните разузнавачки служби предупредија дека Русија стои зад зголемениот број непријателски активности низ евроатлантскиот регион, од повторени сајбер напади до подметнување пожар, што Русија го негира.
Ако Русија нападне еден или неколку сојузници на НАТО, тоа не би го сторила за да заземе огромни делови од земјата, убеден е Кал, туку за да ги тестира црвените линии поставени од Западот со цел да го порази западното единство и НАТО како одбранбен сојуз.
„Сè уште немаме индикации дека Русија има намера да војува, но ако таквите чувства надвладеат во владата во Москва, тогаш ризикот од воен конфликт ќе се зголеми во наредните години“, рече тој.
Според неговите експерти, високи функционери во руското Министерство за одбрана се сомневаат дека членот 5 на НАТО, вклучително и американските заштитни мерки за Европа, навистина ќе се применуваат во итен случај, заклучува шефот на разузнавањето.