Култура
Underfest распиша конкурс за млади и неетаблирани музичари, актери, поети, писатели во земјава
Underfest денес го распиша конкурсот за пријавување млади и неетаблирани музичари, актери, поети, писатели од Македонија кои сакаат да ги претстават своите дела пред пошироката јавност на Underfest фестивалот во Скопје кој ќе се одржи на 5, 6 и 7 aприл 2019 во просториите на „Јавна соба“ во Скопје.
Авторите треба да ги испратат своите податоци на електронската адреса: [email protected] најдоцна до 31 декември 2018 година. Избраните дела ќе бидат презентирани пред пошироката јавност и ќе се очекува нивен настап на фестивалот.
Се очекува да настапат преку 50 артисти од полето на музиката, театарот, литературата, културата и уметноста на 3 посебни сцени. Влезот за сите настани е бесплатен.
Целта на конкурсот е да им се даде шанса на младите автори да го презентираат својот креативен труд и своите дела пред публиката на фестивалот и на тој начин да се мотивираат да продолжат со својата работа.
ПОТРЕБНИ ПОДАТОЦИ ЗА КОНКУРИРАЊЕ НА МУЗИЧКИ БЕНДОВИ:
– Име на бендот
- фотографија од бендот
- музички правец
- по можност демоснимка од авторска песна
- по можност демоснимка од кавер песна за кавер бендови
ПОТРЕБНИ ПОДАТОЦИ ЗА КОНКУРИРАЊЕ НА ТЕАТАРСКИ УМЕТНИЦИ :
-Име на театарската група
-Име на театрската претстава (времетраење на претставата, бројот на актери што настапуваат, режија…) тука треба податоци како за регуларна претстава
ПОТРЕБНИ ПОДАТОЦИ ЗА КОНКУРИРАЊЕ НА АВТОРИ ОД ОБЛАСТА НА ЛИТЕРАТУРА:
-Име и презиме на авторот
-Име на книжевното дело
-Жанр (поезија, проза, роман….)
ПОТРЕБНИ ПОДАТОЦИ ЗА КОНКУРИРАЊЕ НА ПРЕДАВАЧИ И ИЗЛОЖУВАЧИ:
-Право на пријавување имаат сите истражувачи, научници кои имаат релевантно научно-истражувачко дело што би го презентирале пред публиката присутна на фестивалот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

