Македонија
Спасовски: Едукација на кадри за справување со насилниот радикализам и екстремизам
Размената на искуства, тесната и отворена комуникација и континуираната обука и едукација се фундаментални фактори доколку се тежнее кон поголема ефикасност и функционалност на која било институција, нејзина подготвеност да се фати во костец со секакви видови предизвици. А особено тоа е суштински важно кога тема ни е сферата на безбедноста, којашто, пак, денес веќе е наметната како прашање пар екселанс како за националната, така и за регионалната, односно колективната сигурност, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во своето обраќање на Регионалниот семинар – обука на обучувачи на тема „Превенција/борба против насилен екстремизам“, кој денеска во Скопје се одржува во организација на Регионалниот совет за соработка и Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот.
„Овој семинар посветен на практичните аспекти на институционалната обука, или поконкретно – на натамошната едукација на кадри што потоа ќе треба стекнатите знаења и искуства да ги аплицираат во професионалното дејствување, низ призмата на проблематиката на насилниот радикализам и екстремизам, како дел од корпусот на безбедносни предизвици, претставува исклучителна можност да се слушнат стручни, издржани и нови експертски сознанија и видувања за успешно спротивставување со таквите закани. Дотолку повеќе што насилниот радикализам и екстремизам и тоа како се тесно испреплетени или знаат да бидат во основата и на терористичкото дејствување. Она што дополнително импонира е фактот што организаторите на овој семинар, Регионалниот совет за соработка и Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, нудат опсервација на подрачјето на рана детекција и превенција на радикализмот и екстремизмот, во фази кога институциите задолжени за спроведување на законите можат да најдат соодветни механизми за благовремено дејствување и спречување н, така да ги наречам, малигните форми на тие појави“, рече Спасовски.
Како и за секое друго општество, така и за нашето, примарен приоритет претставува заштитата на граѓаните од влијанието на екстремистичките и радикалистички идеологии, независно врз која основа се засновани.
„Спречувањето на екстремизмот и генерално борбата против тероризмот подразбираат идентификација и откривање на факторите кои придонесуваат за радикализам, екстремизам и насилни активности во форма на тероризам и терористички активности. Превентивното дејствување нужно наметнува потреба од широка вклученост на различните општествени чинители, вклучително дури и на локалните средини или заедници. Притоа напоредно градејќи стручно и професионално валидни и кредибилни стандарди на работење. Во овој контекст дозволете ми да нотирам дека во градењето инклузивна заедница отпорна кон разните радикални и екстремистички уверувања или идеологии, Министерството за внатрешни работи на Република Македонија активно партиципира преку рана детекција на сите облици на екстремно дејствување во заедницата и превентивно дејствување, дополнително развивајќи го концептот на „партнерство“ со заедницата. Се разбира, свесни дека, меѓу другото, активната вклученост на граѓаните од превентивен аспект, преку навремена размена на информации за потенцијалните процеси на радикализација и екстремно дејствување имаат есенцијално значење“, рече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.
Македонија
Непречено се одвива гласањето на болните и затворениците
Гласањето на болните и немоќните лица, лицата кои се во притвор или затвор, како и на граѓаните сместени во установи за вонсемејна грижа, денеска се одвива без потешкотии во сите општини каде што утре ќе се одржи вториот круг од локалните избори, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Од Комисијата информираат дека гласањето започнало во 7 часот изутрина и се спроведува непречено на целата територија, вклучувајќи го и Градот Скопје.
Според податоците на ДИК, денес право на глас остваруваат 4.826 болни и немоќни лица, 1.256 лица сместени во 14 казнено-поправни установи и 214 граѓани во 13 центри за вонсемејна грижа.
Вториот изборен круг од локалните избори 2025 ќе се одржи утре, кога ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за избор на советници.
Според избирачкиот список, право на глас имаат вкупно 1.013.375 граѓани.

