Македонија
Новинарски здруженија: Примитивните закани на Чилиманов се вперени кон целата новинарска заедница
Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на независни новинари и медиумски работници и Советот за етика во медиумите на Македонија остро го осудуваат повикот за насилство на Цветин Чилиманов, вработен како новинар во Македонската информативна агенција, кој вчера преку Твитер побара од македонските таксисти да ја силуваат новинарката Валери Хопкинс кога ќе се качи во нивното возило затоа што не му се допаѓаат нејзините текстови за состојбата во Македонија.
„ЗНМ, ССНМ и СЕММ оценуваат дека ваквите примитивни закани не се вперени само против колешката Хопкинс, туку кон целата новинарска заедница и имаат за цел да ги застрашуваат новинарите со цел да не ги опсервираат на критички начин политичките процеси. Заканите со силување на Хопкинс се одлика на тоталитарната свест од најцрните денови на европската историја, кое вклучува и користење насилство во справување со неистомислениците“, се вели во заедничкото соопштение.

Го потсетуваме Чилиманов, велат од таму, кој воедно е и потпретседател на МАН и беше член од ад хок комисијата на изборите во 2016 година, предложен од страна на ВМРО-ДПМНЕ, дека повикувањето на насилство претставува тешко прекршување на новинарските стандарди и ја нарушува новинарската солидарност. Со вакви непримерни испади, се вели во соопштението, се дискредитира целата новинарска заедница и новинарството воопшто како професија, која треба да негува толеранцијата и меѓусебното разбирање.
„Наведувањето други лица да силуваат новинарка во ниеден случај не може да се смета како слобода на изразување, туку претставува нејзино негирање во најбрутална можна форма. Вакво непримерно комуницирање со јавноста не ужива заштита од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој за повикување на насилство и говор на омраза одобрува дури и затворска санкција. Ги повикуваме македонските институции веднаш да го истражат случајот и да го повикаат на одговорност Чилиманов затоа што ваквото силеџиство во јавниот дискурс мора да престане еднаш засекогаш“, пишува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата најави вонредни контроли на фирмите за медицински канабис
Владата на 149-тата седница одлучи да ги задолжи надлежните институции да спроведат вонредни контроли на сите фирми што имаат одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели, со цел да се спречи индустриско нелегално производство и пласман на домашниот и меѓународниот пазар.
Воедно, ќе бидат именувани членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги. Од Владата посочуваат дека комисијата, формирана во 2017 година, досега не била активна и немала резултати, поради што во иднина ќе се бараат редовни извештаи за нејзината работа.
На истата седница е донесена и одлука за конечно решавање на проблемот со паркирањето во Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“. Со одлуката се создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерството за здравство и Градот Скопје.
Министерството за здравство во рок од три месеци го завршило процесот на регистрација на парцелите во Катастар и изработка на соодветни елаборати, со што се отвора можност за изградба на модерен и функционален паркинг, вклучително и катни гаражи, како и воведување софтверско решение за управување. Според Владата, проектот треба да обезбеди подобри услови за пациентите, здравствените работници и граѓаните што ги користат услугите на кампусот.
Владата го усвои и Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, кој заедно со Предлог-законот за Јавно обвинителство добил позитивно мислење од Венецијанската комисија. Според информацијата, усвојувањето на овие закони во Собранието ќе значи исполнување на чекор од Реформската агенда.
„Нашата цел како Влада е да воспоставиме неселективност во постапувањето и да преземаме политики во интерес на граѓаните“, порачаа од Владата, додавајќи дека продолжуваат со реализација на програмата за обезбедување подобар, поквалитетен и побезбеден живот за сите.
Македонија
Владина делегација на средби во УНЕСКО: Потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион
Владина делегација во состав Александар Николоски, заменик-претседател на Владата и министер за транспорт и врски, Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Љутков, министер за култура и туризам; Муамет Хоџа, министер за животна средина и просторно планирање; како и градоначалниците на Општина Охрид и Општина Струга, Кирил Пецаков и Менди Ќира, вчера и денес престојуваа во работна посета на Париз, каде остварија средби со високи претставници на УНЕСКО.
На средбите со генералниот директор на УНЕСКО, Калед Ел-Енани, претседателот на 43-та Генерална конференција на УНЕСКО, Конгкер Мохамад Талха, и претседателот на Извршниот одбор на УНЕСКО, Насер бин Хамад Ал Хинзаб, беше разговарано за значењето на УНЕСКО во современиот свет како единствена мултилатерална организација што промовира дијалог и меѓународна соработка во областите на образованието, науката, културата и комуникациите.
Во фокусот на разговорите беше состојбата на Охридскиот Регион како природно и културно светско наследство, при што беше нагласена важноста од континуирана и навремена имплементација на препораките за заштита, со цел зачувување на неговиот статус на Листата на светско наследство.
За време на средбите беше потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион, како и подготвеноста за продолжување на соработката со Република Албанија во рамки на постојните механизми, со цел обезбедување долгорочна и одржлива заштита на регионот.
Македонија
Утре променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.

