Економија
Снаата на Ласкова се откажува од сопствеништво, дали фирмата ќе го добие грантот за иновации од 20 милиони денари?
Снаата на Цветанка Ласкова, Христина Керкез, се повлекува од сопствеништвото на фирмата „Декодикс“ на која ѝ е одобрен грант од близу 20 милиони денари од Фондот за иновации. Договорот со „Декодикс“ не е потпишан и парите не се исплатени токму поради поврзаноста на фирмата со лице носител на јавна функција. Пејачката Цветанка Ласкова е советничка во канцеларијата на премиерот Зоран Заев.
Дали ќе им бидат исплатени парите на оваа и на уште три компании кои до Фондот за иновации доставија изјави за поврзаност со лица носители на јавни функции, зависи од Комитетот за одобрување инвестиции во Фондот за инвестиции и технолошки развој. Фондот побара од компаниите со одобрени грантови да достават изјави за поврзаност со носители на јавни функции под притисок на јавноста откако беше објавено дека државни пари добиле приватни фирми во кои како сопственици се јавуваат вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и пратеникот Хари Локвенец. Анѓушев и Локвенец се откажаа од одобрените грантови и ги повлекоа апликациите. Комитетот повторно ќе ги разгледува апликациите на компаниите кои се изјаснија дека се поврзани со лица на јавни функции, меѓу кои е и „Декодикс“.
Директорот на Фондот, Јован Деспотовски, вели дека во пресрет на седницата на Комитетот на која ќе се одлучува за четирите компании, добиле известување од „Декодикс“ за промена на сопственичката структура.

Пред десетина дена во Фондот е доставено известување од компанијата ‘Декодикс’ за почната постапка за изземање од сопственичката структура на Христина Керкез, вели директорот Јован Деспотовски
„Пред десетина дена во Фондот е доставено известување од компанијата ‘Декодикс’ за почната постапка за изземање од сопственичката структура на Христина Керкез. Очекуваме и известување дека е направена промената, но тоа нема да влијае на Комитетот, кој секако ќе ја разгледа и апликацијата на оваа компанија и ќе донесе одлука дали да им бидат исплатени средствата исто како и на другите три компании кои доставија изјави дека се поврзани со носители на јавни функции“, изјави за „Макфакс“ директорот на Фондот, Јован Деспотовски.
Од „Декодикс“ беа недостапни да објаснат дали промената на сопственичката структура ја прават само за да ја отстранат пречката за добивање на 20-те милиони денари од Фондот за иновации.
На седница на Комитетот се чека два месеца. Директорот Деспотовски објаснува дека Комитетот првпат е соочен со расправа за поврзаност на компании со јавни функционери па од тука нема конкретен рок во кој тоа треба да се заврши. Деспотовски вели дека сепак ќе настојуваат одлуката да се донесе до крајот на месецов бидејќи им следуваат нови повици на кои би можеле да се соочат со нови изјави за поврзаност со функционери. Изминативе два месеца подготвувале упатство по кое ќе се постапува во вакви случаи.
„Имајќи предвид дека станува збор за нова процедура во работењето на Фондот, што се применува за првпат и во јавниот сектор во Република Македонија, во изминатите неколку недели реализирани се консултации со домашни и меѓународни експерти. Истото, со цел да се дојде до ефикасен модел за разгледување и одлучување во случаи на компании каде во сопственичката структура има носители на јавни функции или членови на нивни семејства. Бидејќи изјавата за сопственичка структура сега е и задолжителен документ при аплицирање на сите јавни повици на Фондот, ваквото упатство ќе се примени не само за четирите компании од првиот повик туку и за сите повици во иднина, како дел од системско решение. Очекуваме постапката за подготовка на упатство и одлучување на Комитетот да се заокружат во најкус можен рок, за што јавноста ќе биде навремено информирана“, рече директорот Деспотовски.
Покрај за „Декодикс“, од каде се изјаснија за поврзаност со Цветанска Ласкова, Комитетот треба повторно да ги разгледа апликациите и на „Т- сенс“ поврзана со сопругата на актуелниот министер за култура, Асаф Адеми, која веќе се иззема од сопственичката структура и за тоа го извести Фондот, на „Микросам“ од Прилеп, сопственост на поранешниот министер без ресор Веле Самак, и на „Контура“, сопственост на Елена Донева, член на потесното семејство на поранешниот амбасадор Јован Донев.
На останатите 73 компании, добитници на грантови за иновации кои не се поврзани со функционери, веќе им се исплатени 45 милиони денари, а тие, пак, вложиле во проектите сопствени 26 милиони денари, вкупно. Исплатата е во тек и се врши во моментот кога компаниите ќе донесат доказ во Фондот дека ги уплатиле сопствените средства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Биткоинот силно паѓа
Биткоинот денес падна на најниско ниво за повеќе од шест месеци, бидејќи инвеститорите ја намалуваат изложеноста на ризични средства поради неизвесноста околу следниот потег на Федералните резерви на САД. Водечката криптовалута во светот падна на 86.325,81 долари, што е најниската вредност од 21 април. Цената подоцна се стабилизираше на околу 86.690 долари.
XRP падна за 2,3%, додека етерот изгуби повеќе од 3% од својата вредност и се тргува далеку под нивото од 3.000 долари.
Во исто време, главните индекси на Волстрит забележаа падови, откако почетниот ентузијазам предизвикан од импресивните резултати на технолошкиот гигант Nvidia брзо исчезна.
Веројатноста дека биткоинот ќе ја заврши годината под 90.000 долари се зголеми на 50%, според податоците од платформата за опции Derive.xyz, бидејќи трговците сè повеќе се заштитуваат од понатамошни падови, објавува „Ројтерс“.
Биткоинот е во опаѓачка траекторија од почетокот на октомври, кога достигна рекордно високо ниво од 126.223,18 долари. Изгуби повеќе од 7% од својата вредност од почетокот на годината и е на пат да го забележи својот прв годишен пад од 2022 година.
Една од главните причини за падот на биткоинот е попретпазливиот став на неколку претставници на Федералните резерви на САД, кои предупредуваат на сè уште превисока инфлација во САД и советуваат воздржаност во понатамошните намалувања на каматните стапки. Ова ги намали пазарните очекувања и изврши притисок врз биткоинот и другите ризични средства како што се акциите.
Економија
Бислимоски – Сјаојен: Енергетската транзиција е приоритет број еден
Над 55 % од расположливите енергетски капацитети во државава се од обновливи извори и определбата на земјава е јасна дека енергетската транзиција е приоритет број еден – е пораката што претседателот Марко Бислимоски и членовите на РКЕ ја истакнаа на средбата со амбасадорката на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Соговорниците ги споделија искуствата во секторот, истакнувајќи дека полето на соработка може да се прошири, ако се земе во предвид дека материјали со кинеско производство се повеќе се употребуваат при реализација на значаен дел на инвестициите во енергетиката.
„Инвеститорите се добредојдени во земјава, но соработката мора да биде базирана на законските прописи кои се синхронизирани со европските правила што подразбираат јавни и транспарентни тендерски постапки “ посочи Бислимоски.
На средбата се разговараше и за тоа како новите технологии – паметните мрежи, батериите за складирање на електрична енергија, можат да придонесат за побрза енергетска транзиција
Економија
Минималните семејни трошоци во ноември 65.173 денари, со изнајмен стан надминуваат 80 илјади
Минималните месечни трошоци што едно четиричлено семејство ги има во ноември достигнуваат 65.173 денари, додека доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните потребни средства се искачуваат на 80.548 денари.
За храна и пијалоци се издвојуваат 23.534 денари, додека 6.130 денари се потребни за режиски трошоци, соопшти Сојузот на синдикатите, кој ја изработува синдикалната минимална кошница.
Во однос на минатиот месец, кога за покривање на основните трошоци биле потребни 65.544 денари, сега е забележано намалување од 371 денар.

