Македонија
(Видео) Заев: Неприфатливи се барањата на опозицијата, немам за што да разговарам со Мицкоски
Премиерот Зоран Заев од Охрид порача дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ за техничка влада со мандат од 100 дена според пржинскиот модел е апсолутно неприфатливо и нема причина да се дискутира за тоа. Заев рече дека тие од позиција на власт нема да ги прифатат ниту барањата за нов јавен обвинител и анкетна собраниска комисија за референдумот. Тој вели „Да се бара комисија која ќе проверува дали референдумот бил законски, дали имало незаконитост во неговото спроведување и слично, во услови кога претседателот на ДИК е од ВМРО-ДПМНЕ, а, пак, во Управниот суд се исто така истите членови, само по себе кажува што всушност се сака со ваквите барања“.
Тој вели дека за шест дена ќе кажат кои ќе бидат следните чекори, а се надева дека до тогаш ќе биде обезбедено потребното двотретинско мнозинство, но додава дека отворена е можноста целата ситуација да се решава преку вонредни парламентарни избори.
Премиерот Заев вели дека нема за што да се разговара со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прашан дали ќе има средба со него.
„Во минатото ги прифативме нивните барања за финансирање политички партии, ја формиравме ДИК со претседател од ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат тие не сакаа ниту да разговараат за поддршка на процесите кои се важни за Македонија“, рече Заев, според кого и доколку има средба меѓу нив двајца, нема да има решение.
„Таа е работа на пратениците. Тие треба да разговараат. Јас веќе одржав два состанока со координаторот на пратеничката група, со многу наши пратеници, кои на колегијално ниво ќе разговаараат. Ќе се видам и јас лично со некои пратеници за да ја постигнеме целта, што ќе значи конечно Македонија да ја потврди оваа неповторлива шанса за интеграција во НАТО и во ЕУ“, рече Заев.
Прашан дали постои опасност опозицијата да ги бојкотирта изборите ако не бидат исполнети нејзините услови, Заев рече дека не верува во таква можност велејќи дека „Тој процес е заокружен кога била лидерската средба со прифаќањето на пржинска техничка влада“.
„Секогаш може да се измислуваат нови бајки и приказни или што било друго, ако некој сака да ескивира процес, но да се држиме до она што е сега стратегија“, изјави Заев од Охрид
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

