Економија
Сугарески: За две години ќе биде завршен експресниот пат Штип-Радовиш

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески најави дека новиот експресен пат Штип-Радовиш ќе биде завршен пред предвидениот рок. Тој истакна дека патот ќе биде завршен за околу 2 години.
„Особено сум задоволен од интензитетот со кој се одвиваат градежните работи. Според информациите што ги добивме од надзорот, очекуваме новиот експресен пат да биде завршен пред предвидениот рок. За отприлика 2 години ќе имаме комплетен нов експресен пат од Штип до Радовиш. Како што ветивме пред граѓаните, остануваме посветени на изградба на квалитетна патна мрежа и со силно темпо продолжуваме да градиме нови патишта и да ги реконструираме постоечките. Само во овој дел на Македонија, инвестираме преку 280 милиони евра во патната инфраструктура“ истакна Сугарески.
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов рече дека во тек е евалуација на понудите за втората фаза од изградбата, делниците од Три Чешми до Штип и од Бучим до Радовиш.
„Набрзо очекувам да потпишеме договор со изведувач. Изградбата на оваа делница каде што сме денес е предвидена да трае 3 години, а изградбата на втората фаза – 2 години. За да немаме отстапки во изградбата двете фази ќе се градат истовремено и за две и пол години очекуваме да имаме комплетно нов експресен пат од Штип до Радовиш“ рече Директорот на
Тој додаде дека се планира и реконструкција на постоечкиот пат од Штип до Радовиш, за што е избран и изведувач.
Изградбата на експерсниот пат Штип-Радовиш се одвива во две фази. Првата фаза е во тек и градежните работи се одвиваат со силно темпо. За втората фаза, делницата од Бучим до Радовиш, во тек е евалуација и набрзо ќе се избере изведувач и ќе се започне со изградба. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува преку 47 милиони евра, соопшти Министерството за транспорт и врски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Од полноќ поскапуваат бензинот, дизелот и екстра лесното масло за домаќинство

Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,00 отсто во однос на одлуката од 20 јуни.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 6,182%, кај дизелот за 2,172%, кај екстра лесното масло за 6,442% и кај мазутот зголемувањето е за 2,609%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,1578%.
Од 24.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 77,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 79,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 41,687 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 24.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Божиновска на „Козјак“: Пример за стратешко инвестирање во обновливи извори на енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети хидроелектраната „Козјак“, каде што се информираше за тековното функционирање на капацитетот, безбедносните стандарди, како и можностите за понатамошно унапредување на производните перформанси.
Хидроелектраната „Козјак“, која е дел од производниот систем на АД „ЕСМ“, располага со инсталирана моќност од 80 мегавати и служи како еден од клучните столбови за производство на електрична енергија од обновливи извори, но и како заштита од поплави на сливот на реката Треска.
„Со формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, затекната беше исклучително тешка хидролошка состојба. Нивото на водостојот во акумулациите беше под алармантни 4%, што сериозно ја загрозуваше енергетската стабилност на државата. Но, преку одговорно и домаќинско менаџирање, координација со институциите и стратешко планирање на производството, денес состојбата е значително подобрена. Последните податоци покажуваат дека водостојот во акумулациите надминува 50% – јасен показател дека системот се стабилизира“, рече Божиновска.
Министерката истакна дека „Козјак“ претставува значаен дел од енергетскиот систем кој има повеќекратна функција.
„ХЕ ’Козјак‘ е пример за одржлива инвестиција – произведува чиста енергија, штити од поплави и позитивно влијае на локалната микроклима. Овој капацитет ја покажува вредноста на стратешкото планирање во енергетиката“ изјави министерката Божиновска.
За време на посетата, министерката беше информирана од страна на раководството на ХЕ „Козјак“ и претставниците на АД „ЕСМ“, дека објектот се одржува согласно највисоките безбедносни и еколошки стандарди, со редовен мониторинг на состојбата на браната, нивото и квалитетот на водата, како и биодиверзитетот во езерото.
Министерството за енергетика најавува дека во следниот период ќе се работи на подготовка на студии за можни подобрувања: зголемување на капацитетот, подобрена автоматизација и воведување на нови технологии за управување со резервите на вода.
„Ќе продолжиме со инвестиции во модернизација на постојните капацитети и во развој на нови проекти од хидроенергетиката. Нашата цел е јасна: стабилен, чист и независен енергетски систем“ нагласи министерката Божиновска.
Економија
Од полноќ поскап дизел

Од полноќ максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 76,00 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 78,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 72,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 70,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,928 (денари/килограм)
Малопродажнaта цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.