Македонија
Педагошки мерки за основиците од Аеродром кои немале намера да ја повредат својата соученичка

Учесниците во настанот што се случил во петокот, по што татко пријави дека неговата ќерка се повредила поради тоа што била фрлена низ прозорец од соученици во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром, во ниту еден момент немале намера некого да повредат, констатира Државниот просветен инспекторат во записникот од извршениот вондреден инспекциски надзор во училиштето.
При надзорот, на директорот и на стручната служба им е укажано да продолжат со организирање едукативни предавања и работилници за безбедно однесување на учениците.
„На раководството, исто така, му е укажано да преземе мерки за утврдување работни должности на наставниот кадар во однос на дежурства и активности што се реализираат на одделенски час“, пренесуваат од Општина Аеродром.
Оттаму додаваат дека веднаш по настанот, од страна на раководството на училиштето биле преземени сите мерки и активности за расчистување на случајот, согласно со законот. Биле изречени и педагошки мерки за несоодветно однесување на учениците, а се одржале и одделенски совет и вонредна родителска средба.
Покрај тоа, психологот на училиштето ќе организира советување за учениците и родителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обезбедени 42.3 милиони денари финансиска поддршка за ранливите потрошувачи на струја

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека Владата ја донесе Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година, a во насока на унапредување на енергетската заштита и поддршка на граѓаните кои се соочуваат со социјални и здравствени предизвици.
Со оваа Програма се обезбедуваат 42.300.000 денари од државниот буџет, наменети за директна финансиска поддршка за најзагрозените категории на граѓани,
„Програмата има за цел да обезбеди достапна и сигурна енергија за оние на кои им е најпотребна. Средствата се наменети за директна финансиска поддршка за домаќинства што живеат во енергетска сиромаштија, со особен фокус на лицата со попреченост и оние кои користат гарантирана минимална помош“, велат од Министерството.
Корисници на оваа програма се домаќинствата кои остваруваат паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси, како и домаќинства во кои живеат лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, најтешка телесна попреченост, потполно слепи или потполно глуви лица.
За оваа втора категорија, Програмата предвидува месечна поддршка во висина од 1.000 денари, што директно ќе се одбива од фактурите за потрошена електрична енергија, почнувајќи од месецот на поднесување на барањето, во времетраење од 12 месеци.
Финансиската поддршка ќе се доделува според принципот најниски приходи, се до исцрпување на средствата и тоа:
-2. 300. 000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее лице/лица со тешка или длабока интелектуална попреченост,
– 19. 000. 000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее лице/лица со најтешка телесна попреченост,
– 9.000.000,00 денари од вкупните средства ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее потполно слепо лице и
– 12. 000. 000,00 денари од вкупните средствата ќе бидат наменети за домаќинства во кое живее потполно глуво лице.
Заинтересираните граѓани ќе можат да аплицираат преку јавен оглас кој ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството за енергетика (www.energy.gov.mk) и во два дневни весници. Огласот ќе биде со рок за пријавување од 30 дена. Образецот за пријава ќе биде достапен на интернет, како и во архивата на Министерството, а апликантите ќе треба да приложат и документи со кои ја докажуваат исполнетоста на условите за финансиска поддршка.
Распределбата на средствата ќе се врши согласно специфичните потреби на целните групи: 2,3 милиони денари се наменети за домаќинства со лица со тешка интелектуална попреченост, 19 милиони за домаќинства со најтешка телесна попреченост, 9 милиони за домаќинства со потполно слепо лице и 12 милиони денари за оние со потполно глуво лице.
Процедурата за селекција ќе ја спроведат четири комисии составени од вработени во Министерството, поделени според видот на попреченост на лицето во домаќинството. Комисиите ќе ги разгледуваат пристигнатите барања и ќе утврдат кои кандидати ги исполнуваат условите. Списокот на корисници кои ќе добијат финансиска поддршка ќе биде јавно објавен.
Програмата предвидува и дополнителни мерки за олеснување на енергетскиот пристап, вклучувајќи ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритет во отстранување на дефекти и мерки против исклучување поради неплатени сметки во зимскиот период.
Сите информации, јавниот оглас и образецот за пријава ќе бидат достапни на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.
Од Министерството апелираат сите кои исполнуваат услови навремено да се информираат и да аплицираат во предвидениот рок.
Македонија
Лажен апел за болно дете кружи на „Фејсбук“

Лажен апел за собирање пари за наводно болно дете кружи на „Фејсбук“. Станува збор за наводно тешко болно дете Даниел кое има седум години. Во лажната објава пишува дека детето боледува од тумор на мозокот.
За ова предупреди и докторот Ненад Лазаров кој ги повика надлежните да реагираат.
„Апелираме до сите вас да не наседнувате на вакви измами! Апелирам до Министерство за внатрешни работи / Мinistria e Punëve të Brendshme да реагира веднаш, повеќе од 25.000 евра се собрани“, напиша Лазаров на „Фејсбук“.
Во врска со ова реагираа и од платформата за собирање донации „Икрауд“. Од таму велат дека објавата најверојатно е направена со користење на вештачка интелигенција.
„Низ онлајн просторот кружи вирална објава за донации со име Не можам да ја издржам болката додека гледам како полека исчезнува 💔 и фејсбук страна Животот на Даниел значи сè со која онлајн се собираат средства за експериментален третман на извесно детенце Даниел.
Објавата е ставена на домен https://be.dawnofchild.org/ и е наводно организирана од фондација DAWN OF A CHILD INC. од САД.
Сакаме да го свртиме вашето внимание дека такво правно лице не постои (види доказ во слика). Досега се собрани значителни средства и има речиси 1000 донатори од кои многумина во Македонија и Бугарија. Доменот е регистриран во Исланд, каде што многу често измамниците регистрираат домени со цел да го скријат својот идентититет. Станува збор за измама, не наседнувајте на истата.
Линк до објавата очигледно креирана со вештачка интелигенција – https://be.dawnofchild.org/danielm
Проширете ја веста за да не се лажат граѓаните и охрабрете ги тие кои наседнале да пријават во МВР за полицијата да влезе во трага. За оние кои наседнале, имате траг во своите банкарски изводи и истите доставете ги во МВР кој има право лесно да добие податоци за измамниците. Исто, доколку сте се претплатиле, веднаш барајте од матичната банка да ви ја укине претплатата за да не ви се одземаат средства секој месец“, се вели во објавата.
Македонија
Привремен режим на сообраќај во Центар поради снимање на филм

Привремен режим на сообраќајот ќе биде воведен вечерва кај Градската болница поради снимање на филмот „Збогум, Копакабано“ на режисерот Милчо Манчевски.
„За потребите на снимањето на филмот ‘Збогум, Копакабано4, во режија на Милчо Манчевски, во продукција на ‘Банана филм’ и во соработка со МВР и ЈП ‘Улици и патишта’, известуваме за шривремен режим на сообраќајот на булеварот 11 Октомври во Скопје, поточно од раскрсницата кај Црвениот крст до раскрсницата кај Градската болница“, велат од ПР-тимот.
Привремениот режим е предвиден за 31.7.2025 (четврток) во времетраење од 22 до 4 часот во раните утрински часови.