Македонија
Давидовиќ: Груевски може да го одложи одењето во затвор, но казната мора да се изврши

По одлуката на Апелацискиот суд за казна затвор од две години на експремиерот Никола Груевски, тој може да се жали до Врховниот суд и да бара вонредно преиспитување на одлуката, но тоа не го одлага извршувањето на казната, тврди адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.
„Груевски сега може да се брани со вонредни правни лекови. Тие се барање за заштита на законитоста и барање до Врховниот суд за вонредно преиспитување на одлуката. Но, ништо од ова не ја одложува казната“, вели Давидовиќ.
Според адвокатот Давидовиќ, казната може да се одложи само доколку Груевски поднесе молба и наведе конкретни причини, како на пример, лоша здравствена состојба, но тоа мора да биде поткрепено со докази.
„Судот треба да ја достави одлуката до судијата за извршување на санцкии. Тој треба да издаде налог за извршување на казната, каде ќе биде наведено во кое време и во кој затвор да се јави. Откако ќе добие налог, може да бара одложување на извршување на казната. Ако Груевски поднесе молба, каде ќе наведе конкретни причини зошто бара одложување на извршување на казната, судот ќе треба да оцени дали ќе му дозволи или нема. Исто така, треба да поднесе и докази за тоа што го бара“, додава Давидовиќ велејќи дека казната може да се одложи определен временски период, но мора да се изврши.
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди. За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Жените од бизнис-секторот го поканија Орце Ѓорѓиевски на ручек

Актуелниот градоначалник на општина Кисела Вода, претседател на ЗЕЛС и кандидат за прв човек на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски присуствувал на ручек со жени од бизнис-секторот.
Тој на Фејсбук објави дека на покана од мрежата „Јас сум жена“ денеска, заедно со неговата сопруга, бил на собир со жени претприемачи, универзитетски професорки, директорки , како што наведе:„силни, самостојни и успешни жени кои го движат Скопје и ја градат посилната Македонија“.
– Разговаравме искрено за предизвиците и за идеите што можат да го унапредат нашиот град. Едно е јасно – Скопје мора повторно да стане отворен град, град во кој комуникацијата со граѓаните и деловниот сектор ќе биде жива, достапна и продуктивна. Им благодарам од срце за силната поддршка која ми ја даваат, за инспирацијата и енергијата што ја носат, напиша Ѓорѓиевски на социјалната мрежа.
Македонија
Шукова: Приоритет ќе биде имплементацијата на БРТ-системот, за што веќе постои проект

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, истакна дека во рамки на нејзината програма, приоритет ќе има имплементацијата на БРТ-системот, за што веќе постојат готов проект, документација и обезбедени финансиски средства, се наведува во денешното соопштение на партијата.
– Првата БРТ-линија ќе се протега од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, во должина од 13 километри. Ќе има 21 нова постојка и околу 30 нови автобуси што ќе сообраќаат на секои 5 до 6 минути и ќе можат да превезуваат до 65.000 патници дневно, се наведува во писмената изјава на Шукова.
Таа додава дека линијата може да биде завршена до крајот на 2027 или почетокот на 2028 година, со што Скопје ќе добие модерен, еколошки и ефикасен систем на јавен превоз.
Паралелно со првата линија, како што се потенцира, ќе се изработува и ново решение за север-југ траса, со што ќе се поврзат сите делови на градот.
– Со двете линии ќе добиеме брз, чист и функционален јавен превоз. Предвидена е и набавка на нови еколошки автобуси, по можност на гас, како и изградба на нови пешачки и велосипедски патеки, најавува Шукова, додавајќи дека овие активности се дел од планот за Скопје како зелен и модерен европски град.
Според Шукова, нејзината програма се издвојува по тоа што нуди реални и веднаш спроведливи решенија за клучните проблеми со што се соочува главниот град.
– Во програмата предвидуваме краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки, затоа што на Скопје му е потребен континуитет и враќање на изгубените функции, истакнува Шукова.
Таа посочува дека меѓу брзите и реални мерки се бесплатните услуги за чистење оџаци за домаќинствата, со што ќе се намали загадувањето на воздухот.
– Граѓаните денес не добиваат соодветна услуга за она што го плаќаат, нема редовно собирање отпад, има проблеми со водоснабдувањето и канализацијата, а пречистителната станица доцни повеќе од две години. Заради неисполнување на обврските, државата веќе 15 месеци плаќа над 100 илјади евра месечно камати кон изведувачите, се додава во соопштението.
Шукова нагласува дека целта на нејзината програма е брзо враќање на функционалноста на системите и подобрување на услугите за граѓаните, за тие повторно да добијат ефикасен и современ градски сервис.
Македонија
Мицкоски за 11 Октомври: Поразително за целата држава е констатацијата на многумина дека системот во Југославија бил многу поорганизиран од сега

Потребна е длабока мобилизација на сите структури во општеството за да направиме рестарт на системот којшто е трул и нефункционален, оптоварен со многу отстапки, неразумни компромиси, силувања и разочарувања. Не само мобилизација на политичките елити, туку длабока мобилизација на сите структури во општеството. Потребен е суштински дијалог со сите општествени фактори важни за државата, порача премиерот Христијан Мицкоски на централното чествување на Денот на народното востание – 11 Октомври.
Од Центарот за култура во Прилеп, премиерот порача дека е подготвен да го води тој процес и сите да се обединат околу платформа која нема да биде само политичка или економска, туку општествена за целите што сакаме да ги постигнеме како држава.
– Академската средина се подели на „про наши“ и „про нивни“, додека МАНУ секогаш за сите прашања е поттурнувана на страна, и се водат чудни полемики за проценти на застапеност, за тоа кој бил, а кој не бил академик, наместо за проценти на искористеност на нивните знаења и искуства. Има многу прашања за кои не се прашани, но и тие некако автоцензурирачки и задоцнето реагираат. Имам чувство дека престана да се комуницира со младите кои си создадоа свој микросвет, поразличен од нашиот. Одиме заедно низ процесите, но различно зборуваме. Затоа е потребен дијалог. И кога ќе речам дијалог, најмалку мислам на она што најпрво ви поаѓа на ум – покана за лидерска средба со опозицијата, што завршува со сала за состаноци, заедничка фотографија, милион прашања, а малку одговори и изјави во кои се тркаме кој ќе биде помудриот. Овој пат говорам за суштински дијалог со сите општествени фактори важни за државата – академската средина, професорите, академиците, науката, младите, искусните и оние со енергија за движење напред. Подготвен сум да го поведам тој процес и да се обединиме околу платформа, не политичка или само економска, туку општествена, за целите што сакаме да ги постигнеме како држава и патот кон тие цели, рече Мицкоски.
Потсети дека во изминатите 30 години државата поминала низ тешки моменти како ембарга, транзиција, воен конфликт, вета, промена на името и дека секој од нив оставал трага врз колективната свест и меморија.
– Сакам да кажам дека никој од нас не е исклучен од свесноста за она што ѝ се случи на државата и сите овие работи ја уништуваа самодовербата и ја убиваа надежта. Многумина – тоа е причината поради која си заминаа и неповратно се иселија. Оправдано, но сепак поразително за целата држава е констатацијата на многумина дека системот во Југославија бил многу поорганизиран од сега. Не е тоа толку носталгија кон тој систем, нешто што било пред 30 и повеќе години, колку што е пред сè револт кон нефункционирањето на системот што се гради овие 30 години. А системот е трул и нефункционален, оптоварен со многу отстапки, неразумни компромиси, силувања, разочарувања. Затоа на граѓаните им се смачува од политика, од расправии за основните прашања. Затоа што премногу луѓе го заборавија моралот и вредностите што треба да бидат арматурата отпорна на сите потреси. И виновниците за сето ова имаат и име и презиме. И ги знаеме сите нивни репризи, фарси, нивните мотиви и нивните цели што не се исти со нашите. Не знаеме до кога ќе прават вака, но знаеме дека нема да дозволиме да успеат, дури и тогаш кога ќе подаруваат поклони на други држави, а и кога ќе добиваат поклони од други држави. Она што вистински го знам и го потпишувам е сознанието дека оваа генерација, оваа наша генерација, е последната шанса по која ќе нема поправен, нагласи Мицкоски.
Порача дека државата оди по вистинската патека и дека патот не е лесен, но е вистинскиот.
– И тој пат го градиме со срце, со вера и со љубов кон татковината. Секој чекор е за иднината на нашите деца, за младите што сакаат да останат, за Македонија што не се предава, рече Мицкоски.