Топ
Приведен крадец кој ограбувал станови во Мичурин

Полицијата приведе 32-годишен скопјанец, кој извршил две кражби во станови во Мичурин, соопшти МВР. Против него е поднесена кривична пријава за две кривични дела – кражба и тешка кражба.
Според информациите на МВР, првата кражба пријавениот А.Н. ја извршил на 15 април годинава околу 21,40 часот во стан на улица Петар Ацев на тој начин што се прекачил преку терасата и преку надворешната врата од терасата која била отворена влегол внатре во станот. Откако извршил пребарување бил затекнат од сопственичката на станот и истиот во брзање од дневната соба успеал да земе еден лап топ и избегал.
Втората кражба ја извршил на 02 септември, исто така, во стан на улица Петар Ацев на тој начин што се прекачил преку прозорeцот од кујната кој бил отворен, насилно го отворил комарникот, и влегол внатре во станот, од каде украл ЛЦД телевизор, еден мобилен телефон, разновиден златен накит и два паричници во кои имало лични документи и пари.
Украдените предмети дел ги продал на пазарот во Шуто Оризари, а дел ги заложил во заложна куќа, од каде заложените предмети со потврда се одземени и вратени на оштетените. Крадецот бил приведен во четвртокот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола и околината

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани на нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес, во 13.07 часот регистрира земјотрес, чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, 165 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML 3,9.
Според досегашните податоци со кои располага Опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Економија
Се намалуваат цените на дизелот и на бензините

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,06 % во однос на одлуката од 4.8.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,391%, кај дизелот за 3,169%, кај екстра лесното масло за 3,989% и кај мазутот намалувањето е за 0,667%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,0797%.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,159 ден/кг и сега ќе изнесува 39,786 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 12.8.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Македонија
Мицкоски за изјавите дека УЧК имала праведна борба: Не може убиства од заседа да се праведна борба, нека не се игра на картите на ДУИ за поделби

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во текот на денешната посета на општина Петровец, на новинарско прашање беше запрашан за коментар на изјавата на вицепремиерот Изет Меџити за оправданата и разумна борба на ОНА во Македонија во текот на конфликтот во 2001 година.
„Ја слушнав таа изјава и тука апсолутно имаме различни гледишта на работите. Не може да биде апсолутно разумна и праведна, а од заседа да се убиваат припадници на министерството за внатрешни работи и министерството за одбрана.
Но повторно ќе кажам, тоа се теми кои се дел од минатото, затворени со Рамковниот договор, а со последните законски измени, конкретно законот за правична застапеност, којшто е во Венецијанската Комисија, тој е затворен. Нашиот фокус како Влада е иднината. Тоа е она што ние сакаме да го видиме. Ова се теми кои се затворени и јас апелирам до сите разумни политичари да не играат на картата на ДУИ и на оние кои сакаат да не вратат 25 години назад“, одговори Мицкоски.
Премиерот посочи дека суштината е да се работи на полето на носење на инвестиции со цел државата да се направи подобро место за живеење на сите граѓани.
„Ова е оската околу која треба да се обединиме. Ќе повторам, да ги оставиме политичарите коишто делеа во минатото. Тие немаат тема на иднината. Тие не знаат што е иднина. Тие се заглавени во сопствената матрица на минатото. Погледнете, 14-15 месеци опозиција, единствената порака која доаѓа од ДУИ, заедно со коалиционите партнери СДСМ и Левица, е токму тоа, поделба. Затоа апелирам до сите да се воздржиме од било какви теми коишто не враќаат назад во минатото, да гледаме кон теми во иднината. Инаку апсолутно тука различно ги гледаме работите, не може некој којшто од заседа кукавички одземал животи, да биде праведна и чесна војна, барем во Македонија, не коментирам за соседството“, заклучи премиерот.