Македонија
Обвинителството нема да го гони советникот на министерот Оливер Спасовски

Јавен обвинител од скопското Обвинителство донел неправосилно решение да ја отфрли кривичната пријава за советникот на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, Драган Симоновски, која му ја поднесе МВР за одавање државна тајна, потврдија од Обвинителството за „Макфакс“.
„Јавниот обвинител минатата недела донесе решение за отфрлање на кривичната пријава, со оглед на тоа што од обезбедените вербални и материјални докази во рамките на предистражната постапка не се потврдија основите на сомнение за сторено кривично дело“, велат од скопското Обвинителство.
Оттаму додаваат дека основа за проверка биле и приложените докази кон кривичната пријава. „Сите проверки беа направени и тие основи од кривично-правен аспект не се потврдија. Донесеното решение сè уште не е правосилно“, велат од Обвинителството за „Макфакс“.
Симоновски беше осомничен дека одал службена тајна, односно на осомничена во случај на МВР ѝ кажал дека нејзините активности се следат и нејзиниот телефон е под посебни истражни мерки.
Советникот Симоновски е долгогодишен припадник на МВР, кој беше приведен во март во Полициската станица Кисела Вода. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во март рече дека очекува институциите да го расветлат овој случај и дека не смее да има каква било толеранција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Три хеликоптери го гасат пожарот кај селата Чучер и Блаце

Утрово трите хеликоптери (два на МВР и еден на АРМ) во 05.00 часот почнаа со дејство над пожарот на територијата на Општина Чучер Сандево, селата Чучер и Блаце, извести ЦУК.
На пожарот дејствуваат и силите на БППЗ на Град Скопје со повеќе екипи и противпожарните возила, ЈКП од Општината, Црвен крст со еден базен од кој хеликоптерите полнат вода, како и тимови со противпожарните возила на ДЗС.
ЦУК е во постојана комуникација и координација со сите надлежни институции на терен.
Македонија
Дел од Сарај и Илинден денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 13:00 часот, дел од корисниците од село Кондово, општина Сарај;
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. 534 и ул. 531 во село Марино, општина Илинден.
Македонија
На Табановце се чека до половина час за влез во државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. Се бележи зголемена фреквенција на возила на ГП Табановце, времето на чекање за влез во државата е околу 15 до 30 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.