Македонија
Фетаи побара Јанкулоска да не го напушта Скопје
Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, побара ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, да не го напушта Скопје поради опасност од бегство.
По денешното изрекување на пресудата, со која Јанкулоска е осудена на 6 години затвор за набавка на луксузниот владин „мерцедес“, Фетаи побара уште една мерка за претпазливост за ексминистерката – таа да не го напушта живеалиштето сè до правосилноста на пресудата.
„Мерките на претпазливост не ја анулираат опасноста од бегство“, рече Фетаи. „Но, имајќи ги предвид семејните услови и фактот дека има бебе, кое не е виновно, предлагам судот да ѝ изрече забрана за напуштање на живеалиштето“, рече обвинителката на СЈО.
Адвокатката на Јанкулоска, Сања Алексиќ, рече дека барањето на Фетаи е неосновано. Таа рече дека одбраната очекувала да чуе таква пресуда.
„Ако обвинетата сакаше да избега, ќе избегаше досега“, рече Алексиќ. Јанкулоска беше присутна на сите рочишта, а имаше и две мерки на претпазливост, кои обвинетата беспрекорно ги почитуваше, рече нејзината адвокатка.
Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, е осудена на казна затвор од 6 години за набавката на луксузниот владин „мердецес“. Таа треба да ги надомести и судските трошоци во постапката. Јанкулоска е осудена за злоупотреба на службената должност и овластувањето, односно дека го поттикнала помошник-министерот во МВР, Ѓоко Поповски, да изврши кривично дело. На ексминистерката ѝ се судеше во раздвоена постапка во предметот „Тенк“ бидејќи имаше ризична бременост. Случајот „Тенк“ на СЈО е за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра.
Поранешниот премиер Никола Груевски за овој случај веќе е осуден на две години ефективна затворска казна, а поранешниот помошник во Министерството, Ѓоко Поповски, доби намалување од шест и пол на четири и пол години казна затвор на скопска Апелација.
Јанкулоска во завршните зборови побара ослободителна пресуда со образложение дека немала намера никому да му влијае и да врши притисок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

