Македонија
Јавен повик за субвенционирање чистење оџаци во Скопје

Град Скопје упати јавен повик за субвенционирање домаќинства и други субјекти на подрачјето на град Скопје за чистење оџаци за 2018 година.
Повикот е во тек, почна на 25 септември, а трае 60 дена од денот на објавувањето, заклучно со 22 ноември и се реализира по принципот прв дојден, прв услужен.
Со овој повик Град Скопје ќе им надомести дел од трошоците на домаќинствата и на други субјекти за чистење на оџаците во износ од 1.000 денари, а на јавниот повик може да учествуваат физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште, е на подрачјето на град Скопје.
За надоместување на дел од трошоците и докажување дека критериумите за учество се исполнети, барателот до Град Скопје треба да ги достави следниве документи:
– Барање за надоместок (барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет-страницата на Градот: HYPERLINK http://www.skopje.gov.mk, www.skopje.gov.mk);
– Доказ за жителство на град Скопје: фотокопија од лична карта или пасош;
– Доказ за правен субјект: тековна состојба не постара од 6 месеци;
– Потврда за реализирано чистење оџак, потпишана од стручното лице што го исчистило оџакот;
– Фискална сметка од фирмата регистрирана за дејност чистење оџаци (шифра 81.22, во согласност со Националната класификација на дејности). Фискалната сметка треба да биде издадена во периодот од почетокот на јавниот повик до денот на завршувањето на повикот; и
– Фотокопија од трансакциска сметка/жиро-сметка.
Барањето за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до Град Скопје, булевар Илинден бр. 82, во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 8.30 до 15 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.