Македонија
Шекеринска: Потпишан договорот за набавка на чизми за секој припадник на АРМ
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, информираше дека е потпишан договорот за набавка на околу 7 200 пара чизми за секој припадник на Армијата, со што се забележува значителен напредок и во состојбата на личната опрема за секој македонски војник, подофицер и офицер.
„Денеска го потпишав договорот со којшто Армијата на Република Македонија ќе обезбеди нови војнички чизми буквално за секој нејзин припадник. Ваквата набавка на вкупна количина што ќе оди буквално до секој војник во Армијата досега не е реализирана. Последен пат војнички чизми се набавени со договор во 2012 година, но и тогаш за помалку од половина од припадниците на Армијата на Република Македонија. Овој процес го почнавме на самиот старт на годината, низ транспарентна постапка, со технички дијалог со шанса за сите фирми да учествуваат . Договорот обезбедува припадниците на Армијата на Република Македонија веќе да не мора да велат дека ќе бидат армија во НАТО ама нема да имаат нови чизми. Денеска покажуваме дека членството во НАТО не ни е само политичка цел, туку дека членството во НАТО е и шанса македонската Армија да функционира подобро, а нејзините припадници да имаат подобри услови за работа“, рече министерката.
Набавката е во вкупна вредност од околу 650 000 евра и согласно so правилата на огласот, целосната испорака треба да се реализира во рок од 90 дена – информираше министерката.
Шекеринска потсети дека годинава беа обезбедени 15 проценти зголемување на средствата за буџетот на одбраната, беа зголемени платите на сите припадници на Армијата на Република Македонија, и беа обезбедени пари за целосно почитување на колективните договори и целосна исплата на сите дневници за 24-часовни дежурства.
„Навистина ми е задоволство да потврдам дека забележуваме напредок во делот што беше и најкритикуван во изминатиот период, а тоа е личната опрема на секој припадник на Армијата на Република Македонија. Денеска покажуваме дека зборот е збор и кога се однесува за најосновните и најважни делови на опремата и на обезбедувањето на припадниците на Армијата на Република Македонија“, рече министерката.
Министерката Шекеринска во касарната „Гоце Делчев“ учествуваше на првиот академски час каде што им посака успешен почеток на новата академиска година на питомците и студентите на Воената академија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски со Гренел: Се бориме за секој интерес на Македонија
За време на посетата на САД, во Вашингтон, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски оствари повеќе активности и средби со истакнати личности од американскиот политички, општествен и економски живот.
Тој се сретна и со Ричард Гренел, нов претседателски пратеник за специјални мисии и политика.
За средбата Мицкоски истакна:
„Разговаравме за актуелните случувања, за предизвиците со кои се соочуваме како држава и нашето остварување на стратешките интереси врзани со членството во Европската Унија. Воедно побарав поголемо ангажирање од нашите стратешки партнери на тој план, како и искористување на потенцијалите на економски план. Се бориме за секој интерес на државата.“, посочи Мицкоски.
Македонија
Началник во МВР нападнал лице и со службен пиштол го удирал по глава – поднесена е кривична пријава
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Б. – началник во Одделение за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „затајување“.
„На 12 јануари во Кавадарци, пријавениот физички нападнал едно лице и со службен пиштол неколку пати го удрил по главата. Исто така, на 13 јануари, противправно присвоил една рамка и пет куршуми и не ги вратил, а кои се сопственост на Министерството за внатрешни работи“, соопшти МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против пријавениот ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работното место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка.
Македонија
Нормализирана испораката на топлинска енергија
Нормализирана е испораката на топлинска енергија откако утрово повеќе скопски општини останаа без парно греење поради зголемени загуби на вода во топлификациската мрежа.
Кај приклучените потрошувачи на системот за централно греење од овој реон испораката на топлинска енергија се реализира согласно мрежните правила кај сите станбени и деловни објекти каде што утрово после 10 часот беше намален квалитетот на испорака, со исклучок на дел од потрошувачите во Општина Центар, велат од ЕСМ.
Оттука додаваат дека продолжуваат со работа, со вложување на максимални напори за што побрзо отстранување на дефектот во близина на Олимписки базен, по што ќе следи нормализирање на испораката на топлинска енергија за потрошувачите кои се снабдуваат со топлинска енергија од тој магистрален вод.
Станува збор за интервенција врз магистрален вод А во општина Центар што поминува преку булеварот Кочо Рацин, на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен.
Директорот на ЕСМ, Петар Милетиќ ја обвини претходната власт за двегодишна целосна негрижа и неодржување на дистрибутивната мрежа.
„Претходното раковоство кадри на СДСМ и на ДУИ кои несовесно и неодговорно раководеа со системот за дистрибуција на топлина придонесуваат за појава на неочекувани дефекти. Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина продолжуваат со работа, со вложување на максимални напори за што побрзо отстранување на дефектот, по што ќе следи нормализирање на испораката на топлинска енергија за потрошувачите кои се снабдуваат со топлинска енергија од тој магистрален вод. Некоректно е дефект на топлификациската мрежа кој е последица на негрижата на претходното раководство, да се користи за паника и вознемиреност кај граѓаните на Град Скопје во функција на добивање ситни дневнополитички поени“, вели Петар Милетиќ.