Регион
„Тајмс“: Џихадистите вратени на Косово и натаму сонуваат за исламски калифат
Британскиот весник „Тајмс“ објави текст со наслов „Џихадистите од Исламската држава се вратија на Косово и се подготвени да умрат за калифатот“, во кој се наведува дека во согласност со она што е познато за властите во Приштина од 2012 година, 348 возрасни лица заминале во Сирија со цел да ѝ се приклучат на Исламската држава.
Весникот вели дека многумина загинале во тамошните борби, но исто така многу и се вратиле, а поради отсуство на програма за дерадикализација, исламистите кога ќе излезат од затвор и натаму им остануваат лојални на идеалите на Исламската држава, пренесува „Танјуг“.
Меѓу оние што сега се на слобода е и Фитим Љадровци, кој како 24-годишник во Сирија бил сведок како човек заврзан за столб кој бил разнесен со ракетен фрлач. Според информациите, убиец бил Љавдрим Мухаџери, озлогласен косовски Албанец, кој беше означен дека претставува меѓународна терористичка закана пред да биде убиен со беспилотно летало.
„Калифатот не е завршен. Неговата приказна само што започна. Сакам да создадам исламска држава во Косово и ќе бидам среќен ако умрам во поддршка на таа кауза“, изјавил Љадровци минатата недела, четири месеци по ослободувањето од затвор.
„Тајмс“ наведува дека косовските Албанци учествувале во неколку неодамнешни терористички заговори, односно дека шест косовски Албанци, мажи и една жена, биле уапсени во јуни минатата година во Косово и во Германија за учество во два заговора, кои како цел имале војници на НАТО во Косово и цивили во Белгија и Франција. Весникот потсетува и дека еден месец претходно осум лица во Косово биле уапсени поради план за убиство на израелски фудбалери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

