Македонија
Прилеп и Куманово заедно ќе ја чествуваат 77-годишнината од Денот на народното востание

Прилеп и Куманово годинава заедно ќе ја чествуваат 77-годишнината од почетокот на антифашистичката борба со богати културно-уметнички програми.
Во Прилеп вечерта спроти 11 Октомври, традиционалната прослава со импровизиран напад на градот и импресивен огномет ќе почне во 18 часот, во центарот на градот пред Участакот, а во Куманово точно на празникот ќе се одржат бројни културни и спортски активности.
Делегација на Општина Куманово, предводена од градоначалникот Максим Димитриевски, ќе присуствува на чествувањето во Прилеп, а следниот ден делегација на Општина Прилеп предводена од градоначалникот Илија Јованоски ќе чествува во Куманово.
„Ќе чествуваме заедно Прилеп и Куманово, двата града каде што почнал вооружениот антифашистички отпор. Прилеп има богата програма што ќе трае една недела. Почна со турнир во џудо, а ќе заврши со државен шампионат во автослалом ‘Прилеп- 11 Октомври’“,најави градоначалникот Илија Јованоски денеска на прес-конференција.
Јованоски соопшти дека реплика на украдениот орден „Народен херој“ по повод празникот ќе биде поставена во општинската зграда и во меморијалниот музеј „11 Октомври“.
Директорот на Завод и музеј – Прилеп, Благоја Атанасоски, истакна дека репликата во меморијалниот музеј „11 Октомври“ ќе биде изложена до бистата на Јосип Броз Тито, којшто на 7 мај 1975 година го одликуваше Прилеп со овој орден. Атанасоски посочи и дека претходното раководство на Завод и музеј –Прилеп ја тргнало бистата на Јосип Броз Тито од историската поставка во овој музеј. Но, денес таа е вратена на местото, а за неколку дена и реплика на орденот ќе си најде свое место во овој музеј, со што ќе се заокружи целата историска поставка којашто говори за НОБ, еден од најзначајните периоди од македонската историја.
Во рамките на одбележувањето на 11 Октомври, со свои активности и богата програма се вклучува и центарот за култура „Марко Цепенков“. Освен премиерата на претставата ‘Казимир и Каролина’ во режија на Нела Витошевиќ, што ќе се одржи утре, планирани се и бројни други активности.
„Со Марко на улица“ е фестивалот што во организација на Центарот за современа ликовна уметноста (ЦСЛУ) ќе се одржува три дена, до недела кога Општина Прилеп го чествува 11 Октомври.
„Темата, начинот на реализацијата и нејзината визуелизација, што сметаме дека е исклучително атрактивна, се најзначајните аспекти за овој фестивал, којшто според својата презентација се одржува првпат можеби не само во Прилеп туку и во цела Македонија. Секоја година ќе избираме по еден лик или дело за којшто сметаме дека има потреба да се реактуелизира. Годинава фестивалот ќе биде посветен на Марко Цепенков. Користејќи современи уметнички техники и современа технологија, ќе го прикажеме како урбан херој, за да биде дел од животот на еден нов урбан начин. Зошто е Марко Цепенков заслужен, сите знаеме. Но, ќе актуализираме на еден нов урбан начин. Затоа сите промотивни материјали се изработени врз основа на шесте прототипи на Марко Цепенков како диџеј, режисер, ликовен уметник, театарски работник… И студијата ќе бидат претставени во работилници“, соопшти Звонко Димоски, организатор на фестивалот, дел од богатата содржина на „Со Марко на улица“.
Фестивалот ќе биде отворен в четврток, во 17:45 часот, пред центарот за култура „Марко Цепенков“ со т.н. огнена претстава. А потоа ќе следат други тематски содржини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерството за здравство формира независна меѓународна комисија по изјавата на Кедев за непотребни кардиолошки интервенции

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави формирање комисија со експерти од три различни земји за проверка на работењето во приватните здравствени институции, но и продолжување на контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика. Одлуката следи по изјавата на кардиохирургот, Сашко Кедев, дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и стентирања и операции.
Алиу рече дека комисијата ќе биде независна и дека извештајот ќе служи како патоказ за понатамошни мерки. Од наредниот месец, приватните здравствени установи ќе мора да ги отворат базите со информации за кардиолошки интервенции, со цел Министерството да ги агрегира податоците и да има увид во здравствените патеки на граѓаните.
Министерот потврди дека има база со информации од 2019 до 2025 година за кардиолошки интервенции во јавните и приватните установи и дека ќе се сретне со д-р Кедев за понатамошна соработка. Фондот за здравствено осигурување, пак, ги следи сите прашања за квалитетот и законитоста на услугите, но оценката на медицинската оправданост останува надлежност на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и специјалните комисии формирани од министерот.
Македонија
Никоски: Новата градинка во Потстаница, Драчево, значи подобра грижа за децата и поголема поддршка за семејствата

Како напредуваат градежните работи за новата градинка во Потстаница, Драчево, на лице место излезе да провери и директорот на Управата за заштита на животната средина и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Никоски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, заменик-министерот за труд и социјала Ѓоко Велковски и градоначалникот на Општина Кисела Вода,Орце Ѓорѓиевски.
„Oвој објект e со вкупна површина од 300 квадратни метри и дополнително дворно уредување од 700 квадратни метри. Тој ќе обезбеди подобра грижа за децата и поголема поддршка за семејствата во овој дел од општината. Овој проект е доказ за нашата посветеност кон социјалниот развој и унапредување на квалитетот на животот во Кисела Вода“, рече директорот Никоски.
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најави дека новата детска градинка ќе биде целосно завршена за само 20 дена и дека во неа ќе бидат згрижени 75 деца.
Македонија
Тошковски го суспендирал, а Чадиева го вратила на работа командирот кој пукаше со калашников – ВМРО-ДПМНЕ го објави решението по прозивките на СДСМ

Командирот од Ропотово кој пукаше со калашников од балкон и беше суспендиран, повторно е на работа. СДСМ денес го критикуваше министерот Панче Тошковски, прашувајќи зошто го дозволил неговото повторно именување. Но ВМРО-ДПМНЕ попладнево излезе со тврдење дека бил вратен на работа од кадар на Социјалдемократите, приложувајќи го решението на второстепената комисија во таа насока.
„Командирот на полициската станица во Ропотово кој пукаше со калшников и беше суспендиран и со кривична пријава, Тошковски го врати повторно да биде командир во Ропотово. Прашањето е зошто? Денеска го гледаме командирот што пукаше како гордо позира токму со неговиот пулен, Панче Тошковски.“, пишува во фејсбук објавата на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ подоцна излезе со тврдење дека Панче Тошковски го суспендирал командирот од Ропотово, но Даница Чадиева од СДСМ претседател на Второстепена комисија, бивш претседател на СДС Велес го вратила на работа. Се додава и дека МВР постапува по решението на Второстепена комисија која ја води Чадиева. Партијата во прилог го испрати решението.