Култура
„Устав на Република Хрватска“ и Мастер клас на Зеки Демиркубуз на Киненова
Филмот „Уставот на Република Хрватска“ на Рајко Грлиќ е дел од програмата Балканска филмска уметност како дел од европското културно наследство, која се прикажува во рамките на „Киненова“. Тој ќе биде прикажан денеска во киното „Фросина“ со почеток во 20 часот.
Станува збор за хрватска комична-драма, филм од 2016 година, во режија на Рајко Грлиќ кој е автор и на сценариото заедно со Анте Томиќ. Улогите ги толкуваат: небојша Глоговац, Дејан Аќимовиќ, Ксенија Маринковиќ.
Приказната следи четири ликови кои живеат во иста зграда, но се избегнуваат меѓу себе поради разликите во нивната имотна состојба, сексуални навики, националноста, религијата…Главниот лик Вјекослав Краљ е професор во средно училиште, хомосексуалец и травестит…Тој целиот живот го посветил на хрватската историја и јазик. Но, животот ќе направи Вјекослав и неговиот татко Хрвоје, кој во Втората светска војна бил усташ, да се зближат со Маја, медицинска сестра која живее во подрумот од нивната зграда и нејзиниот сопруг, полицаецот Анте, кој има страв дека ќе падне на испитот за Хрватскиот устав бидејќи е Србин…
По проекцијата на филмот следува панел дискусија на тема: Прифаќање или не на различностите како една од основните европски вредности кои се подлога на филмот „Устав на Република Хрватска“.
Поради технички проблеми настанати во кино Милениум за кои не извести раководството на Младински Културен Центар, проекциите од Официјалната Програма во истото кино се откажуваат и се префрлаат во кино Фросина, МКЦ, во истиот термин.
Од 15 часот во Кинотека на Македонија ќе се прикажат куси филмови во меѓународна конкуренција, во 18 часот во киното „Фросина“ е реприза на филмот „Цветна долина“ на Ласло Чуја, а во рамките на програмата за одбележување на 100 години од раѓањето на Бергман, во 18 часот во Кинотека на Македонија се прикажува неговиот филм „Насмевки од една летна ноќ“.
Од главната конкуренција денеска во 22 часот во кино „Фросина“ е „Ретабло“ на Алваро Делгадо Апаричио, а во Кинотека на Македонија во 20 часот е проекцијата на филмот „Без датум и потпис“ на Вахид Џалилванд, додека во „Фросина“ во 20 часот е „Граница“ на Али Абаси.
Од Зеки Демиркубуз, денеска ќе го видиме „Невиност“ во 18 часот во кино „Фросина“, по што ќе следува разговор со режисерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



