Македонија
(Видео) Заев на Форумот за граѓанско општество: Ѕидовите го попречуваат излезот, мостовите отвораат опции
Претседателот на Влада на Република Македонија, Зоран Заев, учествуваше на дискусијата на Форумот за граѓанско општество во Берлинскиот процес на тема „Мостови или ѕидови? Македонија и Западниот Балкан во Европа“м организирана од страна на Фондацијата „Фридрих Еберт“. На оваа дискусија учествуваше Јанис Армаколас, универзитетски професор и член на најпознатиот тинк-тенк „Елиамеп“ од Грција.
„И Западниот Балкан, но и многу други региони во светот се познати по ѕидовите. Ретко е, да се градат мостови. Јас верувам дека модерната политика, овде, на Западниот Балкан, современа Европа, сè повеќе станува свесна во делот на потребата, служејќи им на граѓаните, да се градат мостови, затоа што мостовите отвораат перспективи. Само преку мостови можеме да видиме што има од другата страна и сето тоа да отвора бескрајни можности за нашите граѓани. Граѓанските организации се будни следачи, односно посматрачи и коректори на состојбите во секоја земја, така и во Европа. Верувам, дека ние, политичарите, можеме многу да научиме од нив, можеме многу да поправиме и можеме многу што да следиме од граѓанските организации, коишто барем во Македонија важат за сериозни организации, со висока експертиза, во она што значи димензионирање на иднината на граѓаните и на општеството“, нагласи премиерот Заев.
Тој истакна дека Република Македонија изгради многу клучни мостови во текот на една година и дека политичарите се тие кои во име на граѓаните одлучуваат за иднината на оваа земја.
„Верувам дека мотивацијата насекаде во Западен Балкан е сè поголема да се изнајдат решенија, сè поголема е да се градат мостови, и сè поголема е внатрешно да се реформираме. Колку таа мотивација ќе биде посилна, толку и во побрзо темпо ќе се одвиваат овие позитивни процеси коишто постојат овде, на Западен Балкан. Мене ми е драго што нашата Македонија има еден пријател повеќе, кој многу може да ни помогне“, истакна премиерот Заев на Форумот за граѓанско општество во Берлинскиот процес на тема „Мостови или ѕидови? Македонија и Западниот Балкан во Европа“, и додаде дека „граѓаните имаат право да остават политичарите коишто се избрани од нив, како поинформирани, да ги носат одлуките за нив. Затоа што кога доаѓаат тешките прашања, тогаш треба лидерите и политичарите да го подадат грбот и да ги носат одлуките“.
Во текот на дискусијата премиерот Заев напомена дека Македонија и внатрешно во државата секојдневно гради мостови, како дел од концептот „едно општество“.
„Едно општество за сите е концептот што го градиме и тој има сериозен успех и имаме многу обврски понатаму. Ова не е поради законот за јазици ова е поради секојдневието наше коешто го покажуваме, ова е поради секојдневните права, дури и правото на социјална помош или правото на детенце да учи музичко школо или правото на некој возрасен човек да добие пензија иако нема 15 години стаж па нема да го доживее животот до крајот. Тоа се човечки права коишто мора да бидат еднакви, тоа се, на крајот, европската декларација или резолуција за еднаквост за еднакви права и слично, тоа се вредностите кои сакаме да ги имаме овде, во Македонија, и на крајот на тој начин ја носиме Европа дома верувајќи во такви вредности и имплементирајќи ги овде. Македонија е одличен модел на мултиетничко општество и навистина е редок пример. Има и други земји, каква што е Босна и Херцеговина, којашто може да продолжи да биде само позитивен пример“, потенцираше претседателот на Владата на РМ, Заев, за време на дискусијата на Форумот за граѓанско општество во Берлинскиот процес на тема „Мостови или ѕидови? Македонија и Западниот Балкан во Европа“, организирана од страна на Фондацијата „Фридрих Еберт“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа-Габриел: Стратешко партнерство за европски инвестиции во животната средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари работна средба со Бјорн Габриел, раководител на Канцеларијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во Северна Македонија.
На средбаta, Хоџа и Бјорн разговараа за продолжување на досегашната соработка меѓу Министерството и ЕИБ, со посебен фокус на имплементацијата на стратешките проекти во областа на животната средина и водната инфраструктура.
Хоџа ја истакна важноста на континуираната поддршка од ЕИБ во реализацијата на проекти кои имаат директно влијание врз подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните и заштитата на животната средина.
Бјорн нагласи дека Европската инвестициска банка, како банка во сопственост на земјите членки на Европската Унија и како најголема мултилатерална финансиска институција, поддржува одржливи проекти кои придонесуваат кон остварување на стратешките цели на ЕУ, со посебен фокус на Европа.
Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата на Република Северна Македонија имаат потпишано два кредитни договори со ЕИБ, и тоа 68 милиони евра за проектот „Изградба на станица за третман на отпадни води за градот Скопје“ и 50 милиони евра за проектот „Подобрување на водната инфраструктура во општините“, кој опфаќа 80 општини во државата.
Покрај кредитите, ЕИБ обезбедува и грантови за техничка помош, а во рамки на проектот за станицата за третман на отпадни води во Скопје се обезбедени 69 милиони евра грантови од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (WBIF), кои се администрираат преку ЕИБ како водечка банка на проектот.
Бјорн повторно ја потврди посветеноста на ЕИБ за целосна поддршка во реализацијата на проектите, потенцирајќи ја тесната соработка со проектните тимови, редовното учество на координациски состаноци и улогата на ЕИБ како мост помеѓу институциите на Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија.
Двете страни се согласија да продолжат со интензивна соработка со цел успешна имплементација на приоритетните проекти во областа на животната средина.
Македонија
Хоџа–Солстром: Шведска, клучен партнер во еколошките реформи
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, на која беше разговарано за унапредување на билатералната соработка во областа на животната средина и поддршката за европската интеграција на државата.
Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Шведска ја обезбедува преку бројни проекти од областа на животната средина, кои придонесуваат за усогласување со европските стандарди и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Притоа беше нагласено дека Шведска е трет најголем донатор на Министерството, по Европската унија и Швајцарија.
На средбата беа презентирани тековните и планираните заеднички проекти, со посебен акцент на управувањето со отпад, зајакнувањето на институционалните капацитети за Поглавје 27 и активностите за подобрување на квалитетот на воздухот.
Посебно внимание беше посветено на регионалните и националните иницијативи за справување со загадувањето на воздухот, вклучително и проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој се реализира со поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) и УНДП.
Хоџа ја потврди заложбата на Министерството за продолжување и продлабочување на соработката со Кралството Шведска, во насока на заштита на животната средина и забрзување на европската интеграција на Северна Македонија.
Македонија
Државните патишта проодни, поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење
AМСМ информира дека сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај. Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
„Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот период, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот“.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година, потсетуваат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

