Македонија
Германскиот амбасадор Томас Герберих во посета на Битола

Германскиот амбасадор Томас Герберих престојуваше во Битола, при што со градоначалничката Наташа Петровска ги посетија Германските гробишта, а потоа одржаа работна средба во нејзиниот кабинет.
Во фокусот на интерес на амбасадорот се најдоа многубројни теми од општествениот и економскиот живот во градот под Пелистер.
„За нас како општина е важно што ја имаме поддршката за заемна соработка со Германија, што ја искажа и амбасадорот на оваа земја, Томас Герберих. Инвестициите на германските компании во градот, соработката што се одвива на ниво на високообразовниот процес и сè поголемиот интерес за изучување на јазикот, но и за вложување на нови компании, беа дел од темите на разговор. Особен интерес амбасадорот покажа и за Германските гробишта, масовна гробница на загинатите војници од Првата светска војна, каде што е предвидено да се одржи манифестација по повод 11 ноември“, рече градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска.
Амбасадорот Томас Герберих потенцира дека од неговиот мандат во Македонија ова е трета работна посета на Битола, град често посетен од многубројни германски гости и уште еднаш потенцира колку се добри врските помеѓу Македонија и Германија.
„За нас е многу важно што во Битола ги имаме Германските гробишта. Секогаш кога го одбележуваме 11 ноември, денот на сеќавањето на загинатите од Првата светска војна, тогаш сакаме да испратиме и знак на помирување. Оваа година се одбележуваат 100 години од завршувањето на Првата светска војна и едноставно сакаме да покажеме со тој процес на помирување кој веќе се случи со Франција, како од смртни непријатели станавме пријатели. Ако тоа беше можно меѓу нас и Франција, тогаш тој процес е можен и овде, на Балканот“, рече германскиот амбасадор, Томас Герберих.
Амбасадорот упати пофални зборови и до работата на Германско-македонското друштво за соработка, кое повеќе од 25 години ги афирмира вредностите на оваа земја, предводено од Валентина Илиева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието в среда ќе гласа за предлогот Трајко Славески да биде нов гувернер

В среда, 28 мај, ќе се одржи седницата за избор на гувернер на Народната банка (НБРМ).
Според информациите објавени на веб страницата на Собранието, сендицата ќе почне во 11 часот, а изборот на гувернер е прва точка на дневниот ред.
За оваа позиција претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го предложи актуелниот претседавач на Советот на Град Скопје, професорот Трајко Славески. Од нејзиниот кабинет по предлогот истакнаа дека при носењето на одлуката, претседателката се водела од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот.
ВМРО-ДПМНЕ најави поддршка за Славески, додека опозициската СДСМ соопшти дека нема да го поддржи, нарекувајќи го партиски кадар.
Славески, доколку биде избран за гувернер, ќе си замине од функцијата во Град Скопје.
Македонија
„Марш за ангелите“ – во Кочани утре нов марш на семејствата на настраданите во пожарот

Седмиот „Марш за ангелите“ за настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи утре во Кочани.
Маршот на кои семејствата повторно ќе побараат неселективна правда ќе почне во 16:05 часот од Паркот на Револуцијата и ќе продолжи кон Трговскиот центар по што учесниците ќе се упатат кон општинската зграда, а оттаму кон Полициската станица и пред Основниот суд и Обвинителството во Кочани.
Поддршка на маршот даде и движењето „Кој е следен?” кое организира бесплатен автобуски превоз од Скопје до Кочани.
Македонија
Со јапонски искуства ќе се трансформира системот за управување со кризи и заштита и спасување, Ангелов ја заврши посетата на Јапонија

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, заедно со раководителот на Секторот за аналитика во ЦУК, Стевко Стефаноски (носител на соработката) ја завршија исклучително успешната и корисна еднонеделна работна посета на Јапонија што ќе ја продлабочи понатамошната соработка меѓу ЦУК и Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (JICA), соопшти Центарот за упрвување со кризи.
„Стекнатите искуства и знаења ќе бидат добредојдени во процесот на трансформација на системот за управување со кризи и заштита и спасување (СУК)“, информираат од ЦУК.
Директорот Стојанче Ангелов, изрази голема благодарност до Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија којашто ја овозможи оваа работна посета покривајќи ги сите трошоци, вклучително и авионските билетите и хотелското сместување во Јапонија.
Од ЦУК додаваат дека за повеќето информации од конкретни активности во Јапонија, јавноста ќе биде информирана во наредниот период.