Македонија
Ексминистерот за финансии, Зоран Ставрески, првпат осомничен во истрага на СЈО
СЈО денеска отвори шест нови истраги, а една од нив е и истрагата „Подарок“, во која осомничени се поранешниот министер за финансии и поранешниот министер за транспорт и врски, Зоран Ставрески и Миле Јанакиески.
Според СЈО, тие со учество во дејствие на извршување заедно со осомничениот Крсте Миладинов, директор на „Македонски енергетски ресурси“ АД Скопје, во периодот јануари 2012 – јули 2014 година, со умисла ја искористиле службената положба и овластување и за руската компанија „ОАД Стројтрансгас“ од Москва прибавиле противправна имотна корист близу 33 милиони евра, и во истиот износ нанеле штета на буџетот на Република Македонија.
Според СЈО, Ставрески и Јанакиески биле овластени претставници за спроведување на меѓувладината спогодба, склучена на 19 јуни 2010 година во Санкт Петерсбург, меѓу Владите на РМ и Руската Федерација за регулирање на обврските на некогашниот СССР кон поранешната СФРЈ во делот на обврските кон Македонија.
„Со спогодбата се регулира рускиот долг во износ од 60.560.242,44 американски долари да се затвори преку испорака на стоки, услуги и извршување работи. Во преговорите, Ставрески и Јанакиески договориле таа сума да се затвори со изградба на магистрален гасовод, делница Клечовце – Блок станица 5 за вкупна сума од 75.700.303,05 американски долари, или 55.647.292,77 евра, при што Русија учествува со 80 отсто, а Македонија со 20 отсто“, се наведува во соопштението на СЈО.
Како што информираат од Обвинителство, претходно, по нарачка на Министерството за транспорт и врски била изготвена физибилити-студија за изградба на гасоводна делница Клечовце – Штип, која е подолга за речиси 36 км во однос на претходно споменатиот договор за делницата Клечовце- Блок станица 5. Согласно со студијата, цената на чинење на изградба на делницата би била помеѓу 30 и 35 милиони евра, така што осомничените Ставрески и Јанакиески биле наполно свесни дека реалната цена е многу пониска од онаа договорена со руската страна. Сепак, и покрај тоа Ставрески и Јанакиески, според Обвинителството, целокупниот руски долг го затвориле со обезбедување услуга – изградба на гасовод, во изведба на компанијата од Москва.
Спред СЈО, на затворена владина седница, со присуство на осомничените министри, Владата донела заклучок да се прифати понудата на руската компанија и да се потпише конечен договор. Потоа, Собранието на РМ го прифатило Владиниот предлог и во скратена постапка донело закон за изградба на гасоводот, при што од пратениците биле сокриени фактите од физибилити-студијата, според кои, реалната цена на чинење е далеку пониска, или само 378.626,37 евра ( за еден километар гасовод).
Како што информираат од Обвинителство, во насока на склучување на договорот, осомничениот Крсте Миладинов, како директор на „Македонски енергетски ресурси“, ја прифатил нереално високата цена на услугата од договорот, иако бил запознат со физибилити-студијата, оттаму и со реалната цена на чинењето на изградбата на гасоводот, па на 9 јули 2014 во Скопје го склучил договорот со руската компанија, со што на оваа компанија ѝ е овозможена противправна имотна корист во износ од 32.664.672 евра и 11 центи, колку што е оштетен и буџетот на Република Македонија.
Со ова, постои основано сомнение дека осомничените Зоран Ставревски и Миле Јанакиески сториле по едно кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 став 5 в.в. со став 3 и 1 в.в член 22 од КЗ на РМ, а осомничениот Крсте Миладинов сторил едно кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 став 5 в.в. став 4, 3 и 1 в.в. со член 22 на РМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зимзоленд: Продолжуваме со работа, шпекулација е дека настанот ќе биде затворен
Од Зимзоленд велат дека продолжуваат со работа и дека информациите за неговото затворање се шпекулации.
„Во последните часови на одредени медиуми се појавија неточни информации и шпекулации дека Зимзоленд ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно. Зимзоленд продолжува да работи со редовно работно време“, се наведува во јавното соопштението.
Во него се додава дека е точно дека во претходните денови имало инспекциски надзори, но велат дека до надлежните служби била доставена целосната и потребна документација.
Македонија
Ѓорѓиевски најавува враќање на празничниот дух, на 15 декември почнуваат настаните на плоштад „Македонија“
На 15 декември почнуваат предновогодишните настани на плоштад „Македонија“.
„Градот Скопје со радост најавува дека годинава празничниот дух повторно се враќа на плоштадот „Македонија“. Со посебна атмосфера, богата програма и многу изненадувања за сите генерации, претстојниот настан го означува почетокот на новогодишните и божиќните празнувања во главниот град“, велат од Градот.
„ Ајде заедно да го осветлиме градот. 15.12.2025 во 18:00 часот. Почитувани скопјани, драги родители, најдраги дечиња, нашиот град е најубав тогаш кога свети од радост, насмевки и празнична магија. А сите ние – и младите, и возрасните ја заслужуваме таа топлина што ја носат Новогодишните и Божиќните празници. Затоа, со огромна радост ве поканувам заедно да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика, многу подароци и вашите омилени херои кои ќе ги израдуваат најмалите. На 15 декември, во 18 часот, на плоштадот „Македонија“, заедно со вас ќе го осветлиме градот и после неколку години ќе ја почувствуваме првата искра на празничниот дух. Веќе од наредниот ден, па сѐ до самата Нова година, ќе следуваат секојдневни настани и забави за сите генерации. А дочекот, ви ветуваме, ќе биде спектакуларен и незаборавен“, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Притвор за скопјанецот кој насилно упадна во студиото на „Инфомакс“
Судот му определи притвор на 43-годишниот скопјанец кој вчера насилно упадна во студиото на „Инфомакс“.
Според информациите од МВР, полицијата поднесе кривична пријава по брза постапка против Г.С.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела насилство и спречување на службено лице при вршење службено дејствие.
„Имено по претходна пријава од страна на А.М. водител на емисијата ‘Инфомакс’ и по преземени мерки од страна на полициските службеници извршен е разговор со оштетениот и сведоците на настанот, обезбедени се видео записи од безбедносни камери, извршен е службен разговор со пријавениот и документирани се заканувачки пораки од пријавениот кон оштетениот. Тој е изведен пред судија на претходна постапка при што му е изречена мерка притвор“, соопшти МВР.

