Македонија
Срамота е! Не може еден да договара, а друг да местите – СМС-порака од „Траекторија“

Во кривичниот суд во Скопје утрово продолжи судењето за случајот на СЈО со кодно име „Траекторија“, во кој меѓу обвинетите се Никола Груевски, Миле Јанакиески и Владимир Пешевски.
Предметот е во фаза на доказна постапка, а на денешното рочиште од проектор се презентраа СМС-пораките меѓу обвинетите и други лица во процесот. Обвинителката Лиле Стефанова во првиот дел од судењето презентира 103 СМС-пораки што меѓу себе си ги испраќале ексминистерот за транспорт и врски, Јанакиески, и поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески.
СМС-пораките датираат од крајот на 2012 и 2013 година. Заедно со нив обвинителката приложи и анализа на доставените дата-бази со СМС-пораки. Во СМС-комуникација од 20. 2. 2013 година Ставрески му пишува на Јанакиески: „Не може вака да местиш луѓе“.
Во следната СМС-порака Јанакиески му пишува на Ставрески: „Два дена го бараме планот со финалните суми. Не знам од каде ова дека те местам“. Во СМС-порака од 26. 2. 2013 година Ставрески му напишал на Јанакиески: „Не може еден да договара, а друг да местите. Срамота е“. На тоа Јанакиески враќа порака со содржина: „Никој никого не мести. Не е добро да мислиш дека некој те мести“.
Во изведените СМС-пораки може да се види како двајцата министри биле во постојана комуникација за договарање на деталите како да го реализираат планот за изградба на автопатиштата во Македонија. Во една од пораките пишува дека кинескиот амбасадор бил многу лут, дека треба да се однесе на ручек за да се смири. Во друга СМС-порака станува збор за втора понуда која пристигнала за изградба на делницата Миладиновци-Штип од кинеската компанија „Чајна интернешнл вотер електрик корпорејшн“, која го градела „Козјак“.
„Амбасадорот ги поддржува овие и мислам дека се координирани“, му напишал Јанакиески на Ставрески во 2013 година.
На минатите рочишта од ова судење беа прислушани сите телефонски разговори на македонски јазик, останаа уште неколку кои се на српски и англиски јазик.
Во предметот „Траекторија“, Груевски, Јанакиески, Пешевски и поранешниот директор за државни патишта, Љупчо Георгиевски, се обвинети дека во текот на 2012 и 2013 година презеле дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања, со што, според СЈО, на државниот буџет му нанеле штета од најмалку 155 милиони евра и за овој износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да стекне имотна корист.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Врнежи од снег и паднати дрвја на патот Никфорово-Леуново-Бунец, сообраќајот во прекин

На регионалниот пат Никфорово-Леуново-Бунец од 23:20 часот, сообраќајот е во прекин поради врнежи од снег и паднати дрва на коловоз, извести АМСМ.
Се интервенира за негово расчистување.
Во текот на денот и вечерва вработените од Ј.У.Н.П. „Маврово# со сопствена механизација, се вклучија во активностите за расчистување на паднатите дрва кои го отежнуваат движењето на автомобили по регионалниот пат Маврово – Дебар и околу Мавровското езеро.
Македонија
Петрушевски: Венко Филипче ти имаш фирми во Бугарија, на адреса со Заев каде се свртеа 9 милиони од јагленот од РЕК

„Вечерва Венко Филипче, пред 30-тина луѓе во мала сала во Кисела Вода, потрошил голем дел од својот говор за да ме навредува. Редно е да одговорам“, напиша на социјалните мрежи Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко, најмалку ти имаш право кој било да го обвинуваш за „лажење“ и „бугаризација“. Јас немам бугарски пасош, немам фирми во Бугарија и немам тајни зделки зад грбот на народот. Ајде еднаш биди искрен и признај дека токму ти си синоним за милионски шеми со фирми во Петрич, заедно со браќата!
Не мора на мене, туку на јавноста дај и одговори: Каде завршија 9 милиони евра од јагленот за РЕК Битола? Зошто на иста адреса во Петрич се појавуваат фирми на твоето семејство и на Вице Заев? Дали тие пари завршуваа во ваши фотоволтаични централи, додека народот го оставивте да плаќа скапа струја? Дали преку бугарски фирми финансирате бизниси по светот, додека Македонија ја потонавте во сиромаштија?
Ова се вистинските прашања, Венко.
Не лажи дека јас или Христијан Мицкоски имаме такви врски. Ние немаме ниту бугарски пасоши, ниту скриени фирми. Ние имаме чесна и чиста биографија.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се јасно определени за Македонија во ЕУ, но како достоинствена држава, без понижувања и без тргување со националните интереси.
Доста е од лицемерието Венко! На народот му е јасно дека додека си трупавте милиони преку Бугарија, граѓаните останаа со празни џебови“, вели Петрушевски.
Македонија
Забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци

Од 19:45 часот на магистралниот пат Маврово – Дебар воведена е забрана за тешки товарни возила поради задржување на снег на коловоз, извести АМСМ.
Од 19.55 часот воведена е забрана за тешки товарни возила и за патниот правец Гостивар – Стража, додаваат од АМСМ.