Македонија
Плевнелиев: Македонија беше 10 години пред Бугарија, сега е 10 години зад нас
Поранешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев, смета дека Македонија има единствена историска шанса, која треба да ја искористи бидејќи нова нема да ѝ биде дадена во наредните 20 години, пренесе бугарската новинска агенција БГНЕС.
Плевнелиев, како што се наведува, смета дека постојат моменти во историјата кога судбината подава рака која треба да се прифати, а Македонија во моментот е во таква ситуација.
По дискусијата на тема „Бугарија и европската перспектива: Референдумот во Македонија“ во организација на Европскиот совет за надворешна политика со поддршка на Фондацијата „Конард Аденауер“, поранешниот бугарски претседател Плевнелиев рече дека ЕУ и НАТО направиле сè кога станува збор за Македонија и слична можност нема да има во следните 20 години.
„Драги пријатели од Македонија, подадете рака едни на други“, е клучната порака што Плевнелиев им ја испрати на граѓаните и политичарите од Македонија.
Според неговите зборови, Македонија пред две децении била десет години пред Бугарија, но поради погрешни политички одлуки, сега е најмалку десет години зад Бугарија.
„Сѐ што е добро и направено во Бугарија во последните години е благодарение на членството во ЕУ и НАТО. Од 1999 година до денес Бугарија има 40 милијарди евра странски инвестиции, покрај сите оние бенефити од нејзините евро-атлантски интеграции“, додаде Плевнелиев.
Тој смета дека постојат три можни сценарија во процесот за развој на македонската држава. Прво, политичарите да ги усвојат уставните измени и на тој начин да обезбедат јасна перспектива за земјата, а со самото тоа да придонесат кон траен мир во регионот. Второто сценарио е предвремени парламентарни избори, кои нема да ја променат ситуацијата во земјата. Третото е Македонија да влезе во целосна изолација, а веројатно и внатрешна дестабилизација.
Директорот на канцеларијата на Фондацијата „Конард Аденауер“ во Софија, Торстен Гејслер, смета дека неуспешниот референдум во Македонија е целосна победа на Руската Федерација. Тој истовремено верува дека политичкото однесување на ВМРО-ДПМНЕ е многу несериозно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осомничен за трговија со дрога ја искинал наредбата за претрес во неговиот дом

Oбвинителството поведе истрага против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Тој е осомничен и за одземање или уништување службен печат или спис.
Осомничениот, во својот дом во Гевгелија, неовластено заради продажба држел 26,42 грама наркотична дрога кокаин. Дрогата и повеќе други предмети со траги од кокаин биле пронајдени на 1 август, при претрес во неговата јакна закачена во ходникот од семејната куќа.
При претресот, полициските службеници на осомничениот му ја предале и прочитале издадената наредба за претрес од судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија. Наредбата примена во МВР и со службен печат на МВР, тој ја зел и ја искинал пред службените лица и на тој начин оштетил спис кој припаѓа на државен орган, односно наредба издадена од Основен суд Гевгелија и примена од МВР ОВР Гевгелија.
Бидејќи постојат законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.