Спорт
Џорџ Расел доби место во Вилијамс како трет Британец во Ф1
Британецот Џорџ Расел ќе биде возач на Вилијамс следната година откако потпиша повеќегодишен договор со Ф1 тимот.
20-годишниот Расел, кој е резервен возач на Мерцедес оваа година, ќе биде вториот дебитант од Британија во Ф1 следната година по Лендо Нор…

Британецот Џорџ Расел ќе биде возач на Вилијамс следната година откако потпиша повеќегодишен договор со Ф1 тимот.
20-годишниот Расел, кој е резервен возач на Мерцедес оваа година, ќе биде вториот дебитант од Британија во Ф1 следната година по Лендо Норис, кој ќе вози за Мекларен и трет Британец вкупно заедно со светскиот шампион Луис Хамилтон.
Расел е на чекор од освојувањето на Формула 2 шампионатот, по одличната деби сезона во која имаше шест победи и има 37 поени предност пред последната трка од шампионатот во Абу Даби следниот месец.
„Вистинска чест е да се приклучиш на тим со престиж и наследство како Вилијамс. Формула 1 беше мојот сон и сега е сосема нереално што следната година ќе возам покрај возачите на кои им се восхитував“, изјави Расел.
Вилијамс имаат славно минато со 16 титули кај возачите и конструкторите, но сега се во најлошата сезона во последните десетина години на последното место на табелата со само седум освоени поени. Расел ќе го замени Ленс Строл, кој следната година најверојатно ќе биде во Форс Индија, откако неговиот татко милијардерот Лоренс Строл го купи тимот, а не е јасно дали вториот возач на тимот, Русинот Сергеј Сироткин ќе го задржи местото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
МВП на Евролигата во Милвоки, Јанис нема да ги напушти Бакс
Јанис Адетокумбо, како шо сега стојат работите ќе остане во Милвоки најмалку до крајот на сезоната.
Според новинарот на „ESPN“, Шамс Чаранија, Кол Ентони и Амир Кофи се селат во Феникс, додека Ник Ричардс и Најџел Хејс-Дејвис ќе ги продолжат своите кариери во Милвоки.
Со овој потег, Бакс дополнително ја зајакнуваат ротацијата под кошот, со оглед на тоа што Ричардс носи физичко присуство и дефанзивна стабилност на центарската позиција, додека Хејс-Дејвис е играч кој може да придонесе енергија и ширина на ротацијата на крилата.
Од друга страна, Санс добиваат дополнителна длабочина во надворешната линија. Кол Ентони треба да преземе позначајна улога во организацијата на играта, како „бек-ап“ плејмејкер, додека Амир Кофи носи дефанзивна флексибилност и можност за покривање на повеќе позиции.
Официјална потврда за размената се очекува наскоро, откако двата тима ќе ги завршат сите административни детали.
Foto/ EPA
Спорт
Баерн го задржа Серж Гнабри
Фудбалерот на Баерн, Серж Гнабри, го продолжи договорот со клубот од Минхен до 30 јуни 2028 година, објави најтрофејниот германски клуб.
Во соопштението не се наведени финансиски детали за договорот.
„Воодушевен сум што ќе можам да играм за Баерн уште неколку години. Причините за продолжување на договорот се тимот, тренерите, целиот клуб, навивачите, градот, околината… Се чувствувам многу удобно во Баерн“, рече Гнабри, објави веб-страницата на клубот.
Гнабри (30) пристигна во Баерн во 2017 година од Вердер Бремен. Тој одигра 311 натпревари за клубот од Минхен и постигна 100 гола, а освои 15 трофеи со Баерн.
Foto/ depositphotos
Спорт
Четворица се враќаат, но Реал ќе биде сериозно ослабен во Валенсија
Во недела, Реал Мадрид ќе игра без Винисиус Жуниор и Џуд Белингам на гостувањето кај Валенсија во 23-то коло од шпанската Ла Лига.
Винисиус го пропушта натпреварот поради пет жолти картони, додека Белингам нема да игра поради повреда на тетивата. Не е прецизиран датум за неговото враќање, но се очекува да отсуствува до шест недели.
Реал Мадрид има шест победи по ред во првенството, но сепак е втор на табелата со 54 бода, еден помалку од лидерот Барселона.
Добри вести за тренерот Арвало Арбелоа е дека за место во тимот ќе конкурираат: Трент Александар-Арнолд, Антонио Ридигер, Дани Карвахал и Ферланд Менди.
Foto/ depositphotos

