Македонија
(Видео) Мухиќ: Ќе гласам „за“, би било прекрасно сите 120 пратеници да гласаме „за“
Пратеникот Ферид Mухиќ порача дека ќе гласа „за“ уставните измени. Тој спротивно на претходните свои излагања, кога го критикуваше договорот и гласаше против, сега кажа дека се разјасниле повеќе дилеми.
„Се замислив, сфатив дека има три елементи што треба да се разбистрат. Прво, мандатот на оваа Влада да го менува името. Второ, дали е лош или добар договорот, а третиот клучен проблем е каква е пораката од референдумот“, рече Мухиќ.
Оваа Влада, според него, неоспорно е дека има мандат да го води процесот за промена на името.
Во однос на договорот, тој рече дека и претходно кажал оти договорот е лош, меѓутоа сега гледа дека не можело да биде постигнат подобар договор.
„Нема потреба да се расправа сега што можеше да се направи кога сте прифатиле да го смените името. Ако не оваа, некоја следна влада ќе мора да потпише ваков догвор доколку сакаме во ЕУ и НАТО“, рече Мухиќ.
Говорејќи за референдумот, Мухиќ истакна дека цензусот не е исполнет, но опозицијата греши кога вели дека милион и 200 граѓани рекле „не“, а тоа не е така бидејќи тие не кажале ништо.
„Се слушнаа гласно 600 илјади граѓани, кои рекоа ‘да’“, рече Мухиќ и потенцира дека би било прекрасно да може сите 120 пратеници да гласаат „за“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

