Македонија
(Видео) Стефоска: Патот на Македонија до ЕУ и НАТО е преку Бугарија и Грција

Независната пратеничка, Ирена Стефоска, дел од коалицијата на СДСМ смета дека иднината во Македонија е возможна доколку државата успее да изгради пријателски релации со соедните земји. Таа во обраќање на пленарната седница за уставните промени рече дека патот до ЕУ и НАТО е преку Бугарија и Грција.
„Младоста ни помина со неизвесноста, дали ќе ја биде или нема нашата земја. Имав професионални и приватни прилики да заминам од земјава, но бидејќи не можев да живеам надвор од Балканот и Македонија, јас останав. Тоа беше и е мојот избор. Останувајќи дома, крстарејќи низ годините, по различни пововоди, насекаде низ балканите, сфатив дека животот, опостанок и иднината на мојата земја е можен доколку успееме да изградиме добри релации со првите соседи и заедно со нив да зачекориме кон големите и моќни сојузи. Договорите со Бугарија и Грција го потврдија тоа“, рече Стефоска.
Таа ги обвини пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека, како што рече, ставале рампа за влез во ЕУ и НАТО, токму кога Македонија била пред портите на ЕУ и НАТО.
„Од инает и тврдоглавост го гушите здвиот на вашите сопствени деца, не сакам да верувам. Не ми стигнува во умот, дека вие, моите колеги, дека членовите на вашито раководство, меѓу кои има и универзитетски професори, не сте свесни за последиците по нашата земја доколку се отфрли преспанската спогодба. Сигурно дека никој од нас не може да предвиди дали комета ќе ја удри Македонија, но не може да не се знае дека подобар договор од овој нема да има. Не може да не се знае дека ако Македонија го отфрли договорот ќе биде заборавена, изолирана, ќе се претвори во некаква црна дупка. Да се разбереме и во дупка се живее, само животот во дупка и на сонце не се споредливи“, додаде Стефоска.
Пратеничката ги повика опозициските пратеници отворено да се дискутираат за последиците договорот со Грција, додавајќи, тоа да не биде за библиската Македонија, туку за сегашната Македонија. Стефоска ги запраша пратениците на ВМРО-ДПМНЕ како ќе објаснат на јавноста дека тие поради инаетење со целиот свет и тврдоглавост им ја украле иднината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гордaна Сиљановска-Давкова: Да го продолжиме револуционерниот пат со ум, знаење и реформи

Претседателката Гордaна Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
„Драги сограѓани,
Ви го честитам 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, кога гордо се потсетуваме на грандиозната историска улога на македонската револуционерна организација, врз чиј дух и дело почива македонската државност.
Многупати сум потсетила дека животот во слобода, мир и демократија во своја национална држава не ни е подарен, туку е извојуван и изборен од нашите предци, македонските револуционери. Не случајно Републиката, во Член 36 на Уставот им гарантира посебни права на оние кои се бореле за самобитноста на македонскиот народ и неговата државност во национално-ослободителните војни за Македонија.
Затоа, денешниот голем празник е можност да се потсетиме на хероите кои ги дадоа своите животи за слободна, независна, но и за социјална, солидарна и демократска македонска држава. Нивните идеали беа сржта на најнапредните идеи од крајот на 19. век, од нив извираат и врз нив се темелат европските вредности, вградени во конститутивните документи на ЕУ, на коишто постојано повикувам.
Чествувањето на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба е потсетување на нашата обврска да го негуваме и продолжиме светото револуционерно дело преку грижата и заштитата на вечните хумани принципи.
Кон нив, но и кон нашите наследници имаме обврска чесно, одговорно и посветено, да го продолжиме нивниот револуционерен пат, не со оружје, туку со револуционерен ум, револуционерно знаење и со револуционерни реформи.
Ние немаме друга татковина, освен нивната, онаа на македонските револуционери. Должни сме да ја сочуваме и политички да ја вградиме таму каде што географски, историски и културно отсекогаш припаѓа – во Европа.
Да продолжиме да си ја сакаме, развиваме и чуваме, но и да си ги почитуваме и негуваме темелите врз кои е изградена – правото, правдата, етиката, солидарноста и рамноправноста.
Нека ни е вековит празникот“, се вели во честитката.
Македонија
Ресенскиот Сарај блесна во ликот на балканскиот рис

Синоќа, во позитивна атмосфера исполнета со љубопитност, во Ресен беше отворена патувачката изложба на фотографии посветена на балканскиот рис – организирана од Македонското еколошко друштво, во соработка со Националниот парк „Галичица“ и Домот на културата „Драги Тозија“.
Фотографиите се изложени во познатиот ресенски Сарај, еден од најрепрезентативните споменици на неокласичното архитектонско наследство во земјата од почетокот на минатиот век. Изложбата ќе биде достапна за посетителите во следните две недели, по што ќе го продолжи своето патување во друг град. Досега таа беше поставена во Галичник, Битола и Охрид.
Балканскиот рис претставува критично загрозен подвид што живее исклучиво во регионот на Западен Балкан, а денес брои помалку од педесет возрасни единки во природата. Неговата иднина е сериозно загрозена од загубата на живеалишта, криволовот и ниската генетска разновидност, иако овој редок предатор е незаменлив дел од природното, но и културното наследство на регионот.
Повеќето од прикажаните фотографии се снимени со фотозамки – метод што најчесто се користи при истражувањето на притаени и тешко забележливи диви животни, и тоа како дел од активностите на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ започната во 2006 година.
Македонското еколошко друштво ја продолжува својата повеќегодишна мисија за закрепнување на балканскиот рис преку научни истражувања, работа со локалните заедници и едукативни активности. Целта на оваа изложба е јавноста не само да се запознае со убавината и реткоста на овој вид, туку и да ја препознае својата улога во неговата заштита – како дел од заедничките напори за зачувување на биолошката разновидност на Македонија и целиот Балкан.
Македонија
Времето денес променливо облачно, во следните денови дожд, најавува УХМР

Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Во наредните денови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во петок и понеделник врнежите ќе бидат поројни со услови за појава на грмежи, а во понеделник наместа и пообилни. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец кој ќе надминува брзина од 70 километри на час.