Македонија
ГДУ предлага заедничка влада, една изборна единица и прочистување на списокот

Граѓанско демократската унија (ГДУ) преку соопштение предложи левицата и десницата да формираат заедничка влада во интерес на земјата и, како што велат, реформите кои следат.
„Само влада поддржана од широко парламентарно мнозинство може да ги отвори европските перспективи за земјата. Неопходна е промена на изборниот модел, една изборна единица и отворени листи. Паралелно да го прочистиме Избирачкиот список.
По промената на изборниот модел, прочистување на списокот, имплементирање на договорот може да одиме на предвремени парламентарни избори, кои би се одржале заедно со претседателските. Суетите се лош сојузник во овие тешки моменти за земјата“, наведува ГДУ преку соопштение испратено до јавноста.
Партијата ги обвинува лидерите на двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека ќе ја турнат Република Македонија во бездна и време е да престанат со партиски препукувања.
„Лидерите да се соочат со ситуацијата во која се наоѓаме и да се договорат или ќе ги изгласаат уставните измени или ќе одиме на избори. ЕУ чека да покажеме напредок во реформите. Европската комисија одблиску следи дали ние нешто работиме, ама очигледно ние само ловиме политички поени. Мора да се сконцентрираме на судските реформи и активната истрага, прогон и конечни пресуди за случаите на корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво. Се следат и реформите во безбедносните и разузнавачките служби и тука не смее да направиме никаков кикс, а итно мора да стартуваме и со реформирање на јавната администрација. До јуни мора да ги испорачаме резултати во овие три области“, наведува ГДУ во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Директорот на геријатрија зел 20.000 евра поткуп за да смести неподвижно лице

Заедно со посредник, директорот на болницата за геријатрија, Мухсин Арифи, барал и примил поткуп за сместување на болно и неподвижно лице во геријтриската установа.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, откривајќи детали за акцијата на МВР со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопшти дека поткупот бил во износ од 20.000 евра.
За жал, кога сѐ уште владее национална тага, вели Јанев, некои поединци се осмелуваат нелегално да профитираат.
Тој уверува дека нема да се дозволи ваквите случаи да останат неказнети.
Мухсин Арифи беше приведен денес заедно со уште едно лице во координирана акција на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи под сомнение за кривични дела примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Македонија
Предложено е спојување на Фондот за иновации со Агенцијата за поддршка на претприемништво

На денешната седница, Владата ја разгледа и усвои информацијата за потребата од реорганизација на Фондот за иновации и технолошки развој и предлог за спојување со Агенцијата за поддршка на претприемништво.
Владата го задолжи Министерството за образование и наука во рок од 10 дена да формира работна група со претставници на Канцеларијата на Претседателот на Владата, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемништво и Фондот за иновации и технолошки развој која ќе има за цел да изработи нов или измена и дополнување на Закон за иновациска дејност со кој ќе се регулира реорганизацијата на Фондот за иновации и технолошки развој.
Македонија
Владата ќе набави 120 еколошки автобуси за градски превоз

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка на 120 еколошки автобуси за градски превоз.
Министерството за транспорт е задолжено да ја отпочне постапката за јавна набавка.
Распределбата ќе се изврши согласно ургентноста, економската оправданост и реалните потреби на секоја од единиците на локалната самоуправа, се вели во информацијата од владината прес-служба.