Македонија
Половина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се откажаа од дискусија за уставните измени

Половина од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ што беа пријавени за збор на седницата за уставните измени се откажаа од дискусија.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, не одговори кои се причините за ваков потег, но, неофицијално, насоките се од партискиот лидер Христијан Мицкоски бидејќи не се реализира неговото барање да се обрати од собраниската говорница.
На листата со говорници од опозицијата останаа пратениците Трајко Вељановски, Нола Исмаиловска и пратениците Владанка Авировиќ од СПМ и Панчо Минов од ГРОМ, а претходно говореше пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Елизабета Канческа-Милевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шукова: Загадувањето од греењето мора да се намали

Кандидатката за градоначалник на Скопје и поранешна министерка за животна средина во времето на владеењето на СДСМ, Каја Шукова, најави план за намалување на загадувањето.
„Убаво е на Видиковец, одовде се гледа цело Скопје. Но, во есен и зима, градот го нема. Се губи под густа магла и сив смог. Тоа не е природна појава, туку слика на едно запуштено, загадено и загушено Скопје. Дали дишеме воздух или отров?“ изјави Шукова.
Таа порача дека загадувањето од греењето мора да се намали и дека има конкретен план со мерки за поквалитетен живот и почист воздух. „Скопје мора да биде град со чист воздух. Ова не е само еколошко прашање – овде се работи за здравје и квалитет на живот,“ додаде Шукова.
Македонија
Владата ќе обезбеди 700.000 евра за реконструкцијата на најстариот спортски комплекс во Куманово, најави Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја посети општина Куманово, каде заедно со градоначалникот најави реконструкција на најстариот спортски комплекс „Соколана“. За овој проект, Владата ќе обезбеди 700.000 евра.
„Сакам да изразам задоволство што сум еве денеска заедно со градоначалникот овде во Куманово, да честитам за сето она коешто го прави изминатиов период, но исто така заеднички да сработиме уште повеќе во периодот којшто следи. Еден од тие објекти е и овој за којшто веќе градоначалникот зборуваше,“ изјави Мицкоски.
Тој се заблагодари и на советниците и општинската администрација, за кои, како што рече, „ја поддржуваат успешната работа на градоначалникот“.
Посетата на спортскиот комплекс следела по средбите со стопанственици од Куманово, кои, според Мицкоски, упатиле исклучително позитивни коментари за соработката со општината.
„Заедно Владата, Општината, градоначалникот правиме исклучително добри работи и ќе продолжиме да правиме исклучително добри работи за Куманово,“ рече тој, додавајќи дека посебна благодарност упатува и до пратениците од Куманово „коишто се борат Куманово да има проект повеќе којшто ќе биде финансиран од страна на Владата“.
Мицкоски нагласи дека реконструкцијата на „Соколана“ ќе чини околу 700.000 евра и средствата ќе бидат обезбедени од Владата. „Проектот е изработен, останува уште ние како Влада да ги обезбедиме средствата, во што сум сигурен, средствата ќе бидат обезбедени и ќе почне реконструкцијата на овој објект,“ истакна премиерот.
Македонија
Увидот во Трубарево отежнат поради затрупувањето на локацијата, се вршат и дополнителни мерења на загадувањето

Скопското обвинителство и увидни екипи на МВР денеска извршија увид на лице место по настанатиот пожар во Трубарево.
Увидните дејствија, како што информират од Обвинителството, се преземаа како во однос на настанувањето на пожарот, така и во однос на складирањето на отпадот на предметната локација. Извршено било фотографирање и дронско снимање на локацијата.
„Со оглед на затрупувањето на локацијата од безбедносни причини, увидните дејствија на терен се отежнати. По наредба на јавен обвинител, локацијата ќе остане обезбедена и во наредниот период за потребите на постапката. Таму ќе продолжат да се вршат дополнителни мерења на загадувањето од Министерството за животна средина, а на терен ќе излезе и вешто лице од областа на екологијата“, велат од Обвинителството.
Исто така, се уште на лице место е стационирана и противпожарна екипа, бидејќи на дел од локацијата и понатаму се јавуваат повремени чадења и постои опасност од ново разгорување. Обвинителството и истражните органи продолжуваат да преземаат и други дејствија за целосно испитување на настанот.